Пчелите и човекот

За поврзаноста и меѓузависноста на пчелите и човекот, пишува и го споделува своето размислување Филип Петкоски, пчелар и член на Слоу Фуд Прилеп

Како се поврзани пчелите и човекот?

Пчелите претставуваат едни од најпроучуваните инсекти и тоа поради единствениот производ кој тие го создава- медот. Тие својот мед го произведуваат на идентичен начин, со векови наназад – најмалку 150 милиони години. Според некои истражувања луѓето во антички Египет биле пчелари пред 4.000 години. 

Според научните истражувања, дојдено е до заклучок  дека пчeлите се одговорни за две третини од целата храна во светот. Поедноставено кажано: пчелите ги опрашуваат растенијата, а тие ги хранат животните и човекот.

Така, доколку не би постоеле пчелите би престанало опрашувањето на растенијата (овошјата и зеленчукот), тревојадните животни не би имале храна и не би можеле да преживеат, но исто така и кај луѓето значително би се намалил изборот на овошје и зеленчук со кои се внесуваат есенцијални витамини.

Накратко, без пчелите и ние луѓето не би опстанале.

Дали пчелите исчезнуват?

Прекумерната употреба на пестициди со кои се прскаат овошјата, зеленчукот, дрвцата, како и на се помалку помалку обработливо и чисто земјиште кое што од ден на ден се намалува поради градежните зафати ширум нашата држава, но и во светот, загадувањето на воздухот, климатските промени, се фактори кои  директно влијаат на животот и функцијата на пчелите.

При анализите на медот и пчелните производи, се почесто и почесто се јавуваат траги од пестициди, тешки метали и активни токсични супстанци.

Се тоа придонесува за лош квалитет на пчелните производи, како и за истребување на пчелата.

Преку овие анализи, дури можи да се следи и добие реална слика, колку човекот со своето однесување штетно влијае на околината, може да се забележат сите промени во природата,  односно следејќи ја бројноста на пчелите, нивното однесување и квалитет на мед, директно да се следи и состојбата во која што се наоѓа нашата планета.

Не  користете пестициди или хемикалии, бидејќи освен што негативно влијаат на пчелите, истите навлегуваат во самиот мед, и на крај ги внесуваме и ние преку секојдневната исхрана © Филип Петкоски

Како да им помогнеме на пчелите, а со тоа и самите себе?

Квалитетна животна средина значи, подобар и поздрав производ. Преку заштита на околината, се грижиме за пчелите, а со тоа и за самите себе. Затоа:

– доколку имате градина во вашата куќа, засадете цвеќе на неа, како нане, рузмарин, афион,  итн. тие се омилени за пчелите;

– не  користете пестициди или хемикалии, бидејќи освен што негативно влијаат на пчелите, истите навлегуваат во самиот мед, и на крај ги внесуваме и ние преку секојдневната исхрана;

– оставете ја тревата во вашите градини и дворови малку да нарасне, високата трева и бујните цветови пчелите ги прават среќни;

– засадете дрвца во својата околина доколку сте во можност или доколку сте во можност активирајте се против уништувањето на шумите;

– доколку сте ви можност оставете мали плитки садови со вода, затоа што и пчелите се жедни;

– купувајте мед и други пчелни производи од локалните пчелари, така што на тој начин ги поддржувате и нив, а со тоа и ги охрабрувате да продолжат со својата работа, затоа што овие лица се грижат на пчелите со поголема посветеност и не користат производи што не се органски.

Автор: Филип Петкоски, пчелар и член на Слоу Фуд Прилеп