#ПосенПеток како храна за промени со Вања Тодоровска

Благи шпагети со мед, цимет и сусам „стокмени“ во диња © Вања Тодоровска

Зборуваме за храната за промени како одговор на климатските промени со Вања Тодоровска, уредник и новинар на 7дена.мк, гастроном, вљубеник во природата и член на Слоу Фуд.

Кога ја прашавме како пристапи кон предизвикот  #ПосенПеток таа ни наговести дека тоа за неа е чисто уживање, понатаму се беше полесно. Во продолжение можете да го прочитате разговорот што можеби и вас ќе ве инспирира да го прифатите предизвикот.

Вања Тодоровска,новинар, гастроном, вљубеник во природата © Вања Тодоровска

Што ве инспирираше да се приклучите кон предизвикот #ПосенПеток?

– Пред се, оригиналност. Потоа, колективната сплотеност на Слоу Фуд, бидејќи идејата наречена #ПосенПеток зборува за нашата традиција. На крај е личното уживање- готвењето и изведбата, она што најмногу ме опушта, мојата ментална гимнастика поврзана со убавините на чинија. 

Преферирате проверени рецепти или повеќе експерименирање во кујната?

– Кога ме фати магијата на готвењето, многу експериментирав, комбинирав се и сешто, понесена од некоја длабока, можеби-готвачка интуиција. Реакциите на „пробувачите“, беа фантастични, но никогаш не успеав да направам исто јадење. Потоа се „префрлив“ на испробани рецепти, на традиција која што „кроце, кроце“, сосема ме зема под своето. Сега сум во фаза да се радувам и на старите јадења и на новитетите во гастрономијата. Но, никогаш храната не ми е само потреба туку големо, грандиозно уживање и вистинско задоволство.

Кои се вашите критериуми за квалитетна храна?

– Накусо: кога е одгледана на природен начин, натопена во сонце, „напиена“ од чиста вода и растена во здрава земја. Кога мириса  и е автентична.

Пекарски компир, намачкан со смеса од пченкарно брашно, кцана сол, буковец и маслиново масло. Коричката е крцкава и инспиративна за репете. © Вања Тодоровска

Дали нашите индивидуални акции влијаат врз климатските промени?

-Секогаш актуелна тема што влијае врз природата и луѓето. Верувам дека првиот чекор нештата да се подобрат, да се „испеглаат брчките на Земјата“ е да се намали употребата на месо и млечните производи  и што почесто да се консумира растителна храна.

Која е вашата порака до останати подржувачи на Слоу Фуд филозофијата?

-Како порака до семејство чија животна филозофија се совпаѓа во моите убавини. И не само во начинот на консумирање на храната, туку и во славењето на животот, здравјето: чашата крената во име на хедонизмот и љубопитност. И најважно од се: никогаш да не дозволиме глобализацијата да ја расипе домашната храна и сите адети поврзани со убавата софра.

Интервјуто го водеше: Билјана Митревска, СФММ