Промоција на правилниците за директно снабдување

Белото сирење ќе може да се произведува и продава на традиционален начин во дрвени качиња © Slow Food Macedonia

Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството денес почнуваат со реализација на теренските активности за промоција на правилниците за барањата и условите и хигиена за производство и ставање во промет на храна од животинско и неживотинско потекло наменета за директно снабдување на крајниот потрошувач, вклучително и за начинот на производство на храна со традиционални карактеристики.

Правилниците ги донесе Агенцијата за храна и ветеринарство и во нивна промоција на терен, покрај инспекторите за храна и официјалните ветеринари активно ќе се вклучат и советниците на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството од Битола. Во промоцијата со логистичка поддршка се вклучува и Слоу Фуд Македонија со својата мрежа на производители и информирање на пошироката јавност.

Со донесувањето на овие два подзаконски акти, фармерите и малите производители ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи со додадена вредност, независејќи од откупувачите, притоа исполнувајќи ги соодветните хигиенски и безбедносни критериуми за производство и ставање во промет на храна.

Целта на правилниците е малите производители на храна од животинско и од неживотинско потекло легално да се вклучат во системот за безбедност на храната и да ги продаваат своите производи. Покрај безбедност, со овие подзаконски акти се воспоставува и следливост на производите, а се олеснува и ставањето во промет на мали количини производи, без да се нарушува или доведува во прашање ниту безбедноста на храната, ниту здравјето на потрошувачите.

Деталното регулирање на ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло како што се месото, млекото и нивните преработки, консумните јајца, рибата, дивечот и други, како и на  мали количини преработени  примарни производи од неживотинско потекло и храна со традиционални карактеристики, претставуваат основа за развој на малите производители на храна, и поттик за развој на семејните бизниси и во недоволно развиените производствени региони во земјава, за зачувување на традиционалниот начин на производство на производи карактеристични за одредени региони.

Подзаконските акти носат и новини. За прв пат е регулирано колењето на животните директно на фарма за што производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, се регулира и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, а отворена е и можноста за легална продажба на млекото од малите фарми преку млекомати. Уреден е и пласманот на пазарот на мали количини производи како што се разни слатка, мармелади, преработки од зеленчук и традиционални прехранбени производи од неживотинско потекло.

Иницирањето на двата правилници беше од страна на Слоу Фуд Македонија при што во нивната подготовка Агенцијата за храна и ветеринарство вклучи претставници на други невладини организации, науката и државните институции непосредно вклучени во синџирот на храна.

Првата обука за инспекторите на АХВ и советниците на АПРЗ беше одржана во Могила © Slow Food Macedonia

Во следниот период се планираат повеќе вакви презентации,  денес презентации ќе се реализираат во Крушево и Демир Хисар, а во следната недела во Скопскиот регион. Доколку има интерес за повеќе информации за учество на презентации, да ни се обратат на:info@slowfood.mk

Апелираме до производителите кои ги исполнуваат критериумите од овие два подзаконски акти да се регистрираат како оператори за директно снабдување и да станат дел од системот за контрола на безбедноста на храната зошто тоа е нивна законска обврска.

За оваа цел, потребно е да се обратат до подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство, за што совет за условите за регистрација можат да побараат и од инспекторите за храна и официјалните ветеринари и од советниците на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. На интернет страната на АХВ објавен е Водич за потребните услови за отпочнување со работа на примарни производители  и објекти од мал обем на производство кои ставаат во промет храна од животинско потекло.

Слоу Фуд Македонија, учествуваше во процесот на донесување на флексибилна законската регулатива која ја подготвува работна група составена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Активностите беа поддржани од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).