Знаете дека препорачаната количина зеленчук која треба да ја внесеме дневно е половина килограм?
Ние дознавме минатиот четврток, дружејќи се со тимовите и претставниците на иницијативата „Food for Tomorrow “. Македонските учесници веќе ви ги претставивме, а во овие два дена се запознавме и со останатите кои во Скопје допатуваа од Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Романија и Шведска.
Public Room беше местото каде овие 27 учесници го превземаа 24-часовниот предизвик. Од пладнето на 25 април до пладнето на 26 април, учесниците разменуваа идеи за својот заеднички интерес – подобра, поодржлива иднина на храната. Како резултат, понудија и конкретни проекти со кој дадоа одговор на оваа тема и предизвик.
Презентацијата на финалните проекти се случи на 26-ти април. Покрај организаторите од Шведскиот институт, Living Cities, WNEAT и Шведската амбасада во Скопје и Белград, на настанот беа присутни и претставници на македонски организации кои исто така делуваат во доменот на здрава храна и одржливи системи. Тие се запознаа со проектите на секој тим, разменија сугестии и искуства, а договорија и идни соработки.
На третиот спрат од Public Room, преполн со луѓе и позитивна атмосфера, 4-те тимови нѐ запознаа со своите проект-идеи за поодржлива иднина на храната. Првиот тим се фокусираше на системи на дистрибуција и комуникација кои би овозможиле локалните производители на храна и потрошувачите директно да комуницираат односно продажбата и купувањето да се случуваат без посредници. Вториот тим потсети на алармантната состојба со пчелите кои ширум светот од ден на ден сѐ повеќе ги снемува. Како решение понуди кампањи и обраќање на влијателните фактори од политичкиот и општествениот живот кои реално може да донесат промени на темата. Останатите две групи пак понудија решенија поврзани со важноста на здравата исхрана. Работилници, семинари, едукација и останати средства кои би ја зголемиле свесноста и би понудиле практични решенија достапни за сите.
По презентацијата следеше мала закуска, дружба и уште многу размени на искуства и идеи. Следниот чекор е да се одбере победничкиот тим, чиј проект ќе добие финансика поддршка и ќе биде реализиран во престојните 8 месеци.
Ќе продолжиме да ја следиме работата на иницијативата „Food for Tomorrow “. Судејќи по почетоците, не се сомневаме дека ќе продолжи да расте и да создава конкретни проекти за поздрава, повкусна и поодржлива иднина за сите нас.
Објавено на: 01/05/2018
Медиум: http://www.reborn.mk/
