Reborn: МАКЕДОНСКИТЕ АКТИВИСТИ ШТО ЌЕ ЈА ПРОМЕНАТ ИДНИНАТА НА ХРАНАТА

Во Reborn, сите сме големи сладокусци и љубопитни за креативни и оригинални пристапи кон храната. Затоа, ни претставува задоволство да ве запознаеме со новата иницијатива „Food for tomorrow”.

Сѐ поголемиот број на население во светот, во комбинација со ограничените ресурси и негативните економски трендови го доведуваат во прашање квалитетот на храната и нејзината достапност. Ваквата ситуација влијае буквално врз секој од нас и нѐ повикува што побрзо да најдеме ефикасни решенија за одржлива иднина.

Иницијативата „Food for tomorrow “се обидува да даде одговори токму на овие теми. Основана од Шведскиот институт, Living Cities, WNEAT во соработка со Шведската амбасада во Скопје и Белград, оваа иницијатива има за цел да ги вмрежи визионерите и да помогне нивните идеи да прераснат во конкретни проекти за одржлива иднина на храната.

Оваа недела, на 25 и 26 април, тимови од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, ќе учествуваат во 24-часовен предизвик во Скопје. Вкупно 27 учесници ќе работат на иновативни идеи за решавање на моменталните локални и глобални проблеми поврзани со храната. Најдобрите идеи од овој 24-часовен предизвик ќе добијат финансиска поддршка за да ги развијат своите проекти во наредните 8 месеци. Настанот ќе претставува и официјален почеток на иницијативата.

Денес ви ги претставуваме 5-те македонски тимови кои ќе учествуваат на „Food for tomorrow “.

Slow Food Македонија

Дел од Slow Food International, светска организација која промовира локална храна и традиционални методи на подготовка. Во Македонија активно делуваат веќе 10 години, а нивната филозофија е храна произведена со почитување на благосостојбата на животните и животната средина и правична храна, набавена директно од производителот, односно со фер цена на плаќање.

Николче Николовски од Slow Food силно верува во одржливоста како концепт на македонско тло. „ Како предуслови ги имаме нашата традиција на производство, природните ресурси, регионалните пејсажи, изобилството на сонце. Семејните вредности и култ во поглед на подготовката, служењето и славењето на храната. Во нашите семејства, нашите баби и нашите мајки сè уште подготвуваат ручеци кои се вистинско уживање во храната. Додека пак рестораните генерално служат ужасно лоша храна, што е слика и прилика на постојниот неодржлив модел “.

Тој додава дека во четврток ќе се фокусираат на одржливи системи, а воедно и локални, како главна компонента во одржливоста. Тоа подразбира градење на врски во локалните заедници, во синџирот на дистрибуција на храната „од нива до трпеза “, кој мора да биде краток т.е. директна средба меѓу производителот и консументот.

Омилена храна на Николче е онаа од неговата градина, односно локална, свежа, органска, со потекло од локалниот биодиверзитет и традиционалните техники на производство.

Објавено на: 26/04/2018
Медиум: http://www.reborn.mk/