САКАМПИВО.МК: БИТОЛА СО ФЕСТИВАЛ НА ЗАНАЕТЧИСКО ПИВО „БИРАРИЈА“ КАКО ДЕЛ ОД КУЛТУРАТА, ТРАДИЦИЈАТА И ИСТОРИЈАТА

Онака како што доликува, Битола како град со богата историја, традиција ќе добие и свој фестивал на занаетчиско пиво. Традицијата со пиварството во Македонија почнува токму од овој град. Традицијата на консумација, боемството и интересот на новите генерации за занаетчиските пива, беа доволен мотив и инспирација да се организира првиот пивски фестивал во градот Битола.

Како потсетување, првиот пионерски обид за ваков настан се случи во Задруга Артикултура  во 2017 година каде што се одржа првиот „Есенски празник на љубителите и производителите на домашно пиво“, каде што спонтано се собраа 10 – тина производители на пиво од земјата, но и со гости од соседна Грција.

„Бирарија“ е нов настан, кој што очекуваме да стане традиција во Битола и да ја шири пивската култура во Пелагонискиот регион, како наш најголем производител на житни култури. Во чест на ова првенче, вреди да се наздрави со чаша пиво.

Настанот ќе се одржи на 29ти јуни кај Музејот во Битола од 18 до 24 часот.

Програма:

•Дегустација на 50тина различни пива од 15 производители

•Презентација на состојки за производство на пиво, технологија на производство и стилови на пиво

•Слоу Фуд мезиња

oБогата музичко-забавна програма:

o Dj B.boy (Dј set) поддржувач и пријател на повеќето на стани во организација на Слоу Фуд.

o „Мемфис Мафија“ (во живо) рокабили херои од „Мемфис мафија“ со свој настап во живо.

o „Бирарија“, покрај пиво, значи музика, дружба и многу позитивна атмосфера. А за позитивното расположение ќе биде задолжен и Љупчо Петров  со неговиот стенд-ап настап. Битолската публика го обожава, од времето на неговите легендарни вечери во Интимен театар.

Влезница: 100 денари (добивате брендирана чаша и можност за дегустација на изложените пива).

БОЕМСТВОТО И ПИВОТО

Битола е град, кој низ историјата бил вечна инспирација на многу уметници. Тоа е еден од најопејуваните градови. Град со многу обележја, град на музиката, на клавирите, конзулите, боемите…

Oна што го прави овој град посебен е „лезетот” да се испие кригла пиво да се ужива во добрата дружба и муабет, кои само потврдуваат дека боемството им дава ширина на битолчани. На Дембел чаршија или на Широк сокак, Битола одамна го негувало боемството и „меракот” за добра дружба со добра храна и пиво.

Во некои архивски податоци се спомненува дека во 1904 година работела фабрика за пиво во Битола. Недостигаат податоци за техничката опрема со која располагала, производството и работна сила. Но познато е дека за потребите на пиварницата, се носел мраз од село Ореово, над Битола.

Првата пиварница во Македонија е отворена во 1890 г. во месноста Буковски лозја, во близина на Битола, која работела пет години и поради недостиг на капитал, квалификувана работна сила и конкуренција од Солунската пиварница истата престанува со работа. Кон крајот на XIX век во с. Магарево, Трново, се изградила нова пивара но и таа ја имала истата судбина како претходните.

На првата „Бирарија“ покрај 15 учесници производители на домашно пиво кои ќе насатапат со посебни серијали направени специјално за овој ден учество ќе земат и пионерите во крафт пиварството во Македонија а тоа се крафт пиварата Темов и бутик пиварата на Староградско пиво.

очекувајте и осврт после завршувањето на првата Бирарија

Автор: Марјан КОСТАДИНОВСКИ