САКАМПИВО.МК: ОСВРТ КОН ПРВАТА „БИРАРИЈА“ ФЕСТИВАЛ НА ЗАНАЕТЧИСКИ ПИВА

БИТОЛА- 29 ЈУНИ: Обично така бидува, кога си растрчан на сите страни, кога мораш да го направиш тоа и тоа, кога сакаш да бидеш таму и таму, кога настани имаш на две три места во еден ден и со секојдневната борба за голата егзистенција, еден мал одмор, еден малку поинаков настан и во друг град, од секој аспект добро ќе ти дојде за вистински одмор на душата и мозокот.

Репортажата ја пишувам два дена после настанот односно додека сеуште ми се свежи импресиите, зошто ако почекам уште некоја недела и месец тогаш целосно ќе се заборави. Но, да видиме што се случуваше на тој 29ти јуни во Битола. На огромно изненадување на сите настанот побуди огромен интерес меѓу Битолчани. Очекувано. После трите настана во Скопје, некако очекувано беше да се случи и ваков официјално прв настан и во Битола, од каде што и почна да се развива целата идеја.

Илјадници литри пиво од подрумите на десетина учесници кои се пријавија за првата „Бирарија“, ги презентираа најпопуларните пивски стилови во светот, омилени во кругот на домашните производители на пиво, но и кај оние веќе етаблираните светски крафт пивари. Сите беа видно расположени и сериозно подготвени за овој еднодневен прв викенд на пиво во Битола. Сите пива беа посебна приказна за себе, кои жедната битолска публика со задоволство ги прифати. Добар баланс помеѓу сладот и хмељот во согласност со понудениот стил на пиво, но најмногу што ме радува кај некој од учесниците строго се држеа до Слоу Фуд филозофијата на концептот на локални состојки, па така имаше пиво со пелистерски боровинки, со домашна рибизла, со маточина, со слад од велешка пченица и јачмен, со домашен мед, и карактеристично за сите нефилтрирани и непастеризирани. Учесници/пивари  имаше од Скопје, Кавадарци, Велес, Битола, но и од градот Лерин од Грција.

Па да почнеме од најстариот и со најголемо искуство во домашното пиварство Трајче Митрески со неговиот бренд „КУРАЈБЕЕР“ инспириран од неговата матична група Културно Уметнички Работници каде што е гитарист и вокалист. Со пиварство се занимава речиси 10 години во времето кога немавме увозник за суровини и сето тоа се базираше на голем ентузијазам кој го држи и ден денес. Експериментираше со локални суровини од производство на домашен слад и хмељ берен покрај реката Вардар, за да денес произведува сезонски пива како што имаше едно од Бозел на пример, а овој пат се претстави со неговото сезонско але пиво со маточина кое предизвика најголемо внимание. Во редовниот репертоар е неговиот Стаут кое што го нарелче „АЖДЕР“ со 4 типа на слад, овес, три типа на хмељ, со 8% алкохол вкусно и црно како ноќта, со ароми на кафе и чоколадо,„МЕЧОР“ е уште едно пиво од неговиот редовен репертоар некој вид на Ред Але со три типа на слад и три типа на хмељ кој е секогаш усовршуван и подобруван со 6%alc.

Веднаш до него беше и авторот на порталот Сакам Пиво.мк и организаторот на скопскиот Крафтинг пивски салон Марјан Костадиновски, со речиси 10 годишно искуство и во домашното пиварство. Започна со пиво од екстракт (оној наједонставиот процес), за да со тек на време експериментира со суровините произведувајќи сопствен слад, разни зачини од нашето поднебје, див хмељ берен покрај реката „Серава“, некои и во негово домашно производство). Специјално за „Бирарија“ донесе неколку типови на пиво. Редовно во црното пиво го користи зачинот „Црно Семе“ како што и го нарече едно од неговите пива, со арома на чоколадо, овес и дополнително рибизла и го класифицира во зимски Стаут со 9% алкохол за летно освежување. Црно пиво со кремаста пена и богат вкус и ароми. Во светлото пиво „Чаирска Романтика“ инспирирано од населбата од каде што и потекнува од Скопје, Чаир, користи кори од сушен портокал, и дополнително 4 вида на американски ароматичен хмељ и третото пиво некој вид на црвено ИПА пиво со 4 типа на слад, овес и 4 типа на истиот хмељ.

Најискусниот и човекот со најголемо професионално искуство и занаетот стекнат во неговиот 10годишен престој во САД каде што работеше во неколку крафт пивари, Александар Матевски со неговиот бренд „ПЕРУН“ од здравстветни причини за жал не дојде на „Бирарија“.

Во продолжение беше битолската екипа на чело со Марјан Бакревски кој редовно го произведуваат нивниот CITRA PALE ALE, кој овој пат го имаа и во точена варијанта во две верзии, малку постаро односно поодлежано, и едно помладо односно посвежо точено пиво. Произведува само едно пиво се додека не го усоврши и лично сметам дека е на добар пат да стигне до целта.

Следуваше и Димитар Блажевски од Скопје, кој во духот на Слоу Фуд филозофијата донесе неколку изненадувачки освежителни пива идеални за сезоната. „Вerryweisse “ е токму такво Hefeweizen пиво со пелистерски боровинки, лесно тело, питко и освежително, технички коректно и покрај неговата јачина на алкохол од 6,7% алкохол. „Рeachweisse “ е исто така еден вид на пченично пиво со праска и 7,3% Алкохол, „Neipa “ е неговата визија за овој релативно нов стил на ИПА пиво со 6,3% алкохол. Димитар во домашното пиварство е релативно нов, но доста амбициозен и човек кој очекувам да се развива во добар правец и да го стекне неговиот идендитет и печат кога е производството на пиво во прашање.

За прв пат на вакви настани се појави и една екипа од Кавадарци (верувале или не најпивскиот град во Македонија после Скопје, поради присуството на две пива кои доаѓаат токму од овде, Староградско пиво и НАше Македонско пиво). Васко Темов, кој е голем љубител, познавач и дегустатор на пиво, дојде со само еден тип на пиво, тоа што најмногу сака да го пие во моментот а тоа беше еден вид на HELLES пиво како стил. Helles е традиционално Германски пале лагер пивски стил кое што се произведува најмногу во околината на Минхен и е омилен стил меѓу домашните производители на пиво. Изразот helles означува дека станува збор за светло пиво,а неговото беше технички чисто и коректно, полно тело и вкус малку слаткои пријатна горчина, барем од тоа колку што успеав да го забележам при првата дегустација.

Димо Попчев, Иван Манаковски и Марко Илиевски се членови на колективот PivoLabs кои беа во продолжение.  Секој член има индивидуално искуство во правење на занаетчиско пиво кое е сублимирано во создавање и официјализирање на брендот на PivoLabs (основани на почеток на 2019). Љубители се на ИПА пивскиот стил и во тој дух настапија овој пат со два вида на овој пивски стил Светла ИПА (6,17% ABV) и Темна ИПА (6% ABV). Екипа од која што лично очекувам многу со оглед на тоа дека најавија и официјализирање на брендот, но со една забелешка во поглед на рецептите дека се врзуваат за тн клонови односно пиво по рецепти на познати брендови, наместо да создадат пиво по свој вкус од конкретниот стил по свој личен рецепт.

Последен во првата линија беше уште еден ветеран во производство на домашно пиво, а тоа е Петар Талески кој е исто така производител и на мед од сопствено производств, но често знае да употребува и див хмељ покрај реката Вардар. Редовно прави Стаут темно црно пиво со 4 вида на слад и 3 типа на хмељ и 6% алкохол и Пале Але кое што беше специјално направено за Бирарија како лимитирана серија. Пива кои ги прави веќе подолго време и со кој си го има веќе запечатено сопствениот вкус со континуиран квалитет.

Од спротивната страна ќе почнеме со специјализираната продавница за суровини и опрема за домашно пиво „Пиводром“ од кои и започна да се шири овој вирус на домашното пиварство. Во секоја држава пивската револуција од овој тип започнува токму со појавата на ваква продавница, бидејќи со тоа многу се олеснува проблемот за набавка на суровини. Пиводром својата функција и мисија си ја исполни преку дружењата и размената на искуства меѓу домашните производители.

S.K.A.K home brewing предводено од Слободан Темелковски од Велес, се претстави со: American Pale Ale 4.9%abv, Blonde Ale 4.3%abv и неговиот Велешки Вајзен 5.6%abv (со домашно произведен пченичен и јачменов слад) фанатичен љубител, но и страствен познавач на пивото, секогаш знае да изненади и со некое пиво во негово производство.

Од домаќините од Битола почнуваме со еден од иницијаторите и организаторите на настанот Анто Андријаниќ, кој го води и форумот односно групата за домашно пиварство, настапи само со едно пиво СТАУТ, технички коректно пиво кое што ги задоволуваше критериумите за СТАУТ пиво, кремаста стабилна пена, полн вкус, пријатна минимална горчина.

Пеце Цветковски, од вила Дихово, се претстави со неговиот бренд пивото LIKE светло и темно пиво, и на крајот беа нашите гости и пријатели од Лерин Мимис Алексакис кој се претстави со 3 верзии на пиво ПИЛСНЕР, ДАРК  црно пиво и ИПА со интересни етикети и вкусови.

Секако ваков настан си бара соодветно мезе и музичка програма. Секако дека не очекувавме да има разни скари и гирици и печени кикирики, но затоа имаше порција мезе со домашен пармезан, пршута, димена сланина. Музичката програма која што е неизбежна започна со локален ДЈ Dj B.boy кој што е пријател и редовен поддржувач на сите настани на Слоу Фуд.

„Бирарија“, покрај пиво, значи музика, дружба и многу позитивна атмосфера. А за позитивното расположение беше задолжен и артистот Љупчо Петров со неговиот стенд-ап настап специјално за овој настан под името „Пивски приказни“ би додал овде и „малку мрсни“. Битолската публика го обожава, од времето на неговите легендарни вечери во Интимен театар. Со една мала замерка дека наместо да стоеше на бината, можеше да шета со микрофонот меѓу публиката, и од време на време да најавуваше некој од пиварите кој на која позиција е и што пиво нуди. И за крај на вечерта за добра забава и атмосфера се претстави и составот „Мемфис Мафија“ како што велат локални рокабили херои со свој настап во живо. Очекував токму рокабили музика, но во својот репертоар на мое големо изненадување имаше и од познатите македонски забавни мелодии.

Се на се, Бирарија треба и мора да прерасне во традиционален настан (исто како и скопскиот Крафтинг) и токму овие настани да бидат двигатели на иднате сцена на македонски крафт пива и да имаат локална поддршка од општината односно државата. Би сакал токму овие учесници изложувачи во иднина да настапат како регистрирани етаблирани крафт пивари, а убавината на малите е токму во тоа дека произведуваат серии на пива кои големите пивари не можат да си го дозволат, токму поради капацитетот на производството и лимитираните серии. Тука ја гледам и нашата предност, но и можност за заедничка поддршка и соработка во иднина. Бидејќи пивската сцена ја градиме сите заедно со една мисла дека пивото ги поврзува и зближува луѓето. Конкуренцијата на сите ни е потребна за да го подобриме квалитетот и начинот на размислување, но и за да можеме во иднина и ние да избираме домашно пиво на годината.

ОРГАНИЗАТОР: Слоу Фуд Битола
Место на настанот: Музеј на град Битола

МАРЈАН КОСТАДИНОВСКИ

Објавено на: 30/06/2019
Медиум: http://sakampivo.mk/