Слоу Фуд гостилници се музика на мојата душа

“Храната може се’, и да насмевне и усреќи”, вели Вања Тодоровска, авторка на текстовите во првиот водич Слоу Фуд Гостилници 2021. Во своите гастрономски рецензии и описи, Вања ја поврзува храната со емоции, моментални чувства, копнежи и желби, а тоа толку магично и умешно го прави, што имате чувство дека седите на истата софра и ги вкусувате истите оние јадења за кои таа пишува.

Вања, вие сте, барем колку што мене ми е познато, првиот македонски критичар на храна. Од каде оваа пасија за гурманството?

-Не знам дали сум прва бидејќи мојата љубов се зборовите, не бројките. И се што „мазно“ и најприродно ќе се смести помеѓу буквите, тоа е дел од личниот, интерен универзум. Така и со храната. Како се поврзав со неа? Уште како мала бев заведена од магијата на кујната: околу мене баби, тетки, стрини и мајка ми, кои вешто, највешто, како магионичарки тропкаа со чинии, тенчериња, тави, сецкаа, зачинуваа, пробуваа, ѕиркаа во рерна.., се со некаква стоптроцентна предаденост, а потоа среќни ги редеа тие примамливи „чуда“ на софра. Ете, имав привилегија рано да разберам дека храна може се: да омекне, насмевне, расположи и усреќи, си велев а сега- знам, сите се добри кога нешто вкусно ќе каснат. Плус, мајка ми имаше ксмет што не ме бркаше со лажица, туку, пред сите, јас бев седната на маса и уредно си јадев се што ми беше наменето…И така цел живот, софрата ми е место на средбите со луѓето што ги сакам…Кога почнав да пишувам рецензии за храна и ресторани во Утрински весник, што траеше десетина години, бев своја на своето, храната ја поврзував со емоции, моменталните чувства, копнежи и желби, внимавајќи да не заталкам во меланхолија, туку напротив, смело чекорев кон светлините, и затоа сите тие писанија се со – хепи енд.

Авторка сте на текстовите во првиот водич Слоу Фуд Гостилници 2021, кој беше неодамна промовиран. Што е она по што храната во овие гостилници кои се дел од водичот се разликува од храната во некои други ресторани во земјава? По што се разликуваат сопствениците на овие гостилници и ресторани од многу други?

– Слоу Фуд гостилници се музика на мојата душа, а пошироко гледано, со нив се случи се што недостасуваше години наназад. Првин, самите локали, гостилници се места каде посакуваш да останеш, затоа што никој ништо не наментнува, се е опуштено, а менито е можност да пробаш нешто интересно, вкусно, здраво: наместо помфрит да каснеш пекарски компир, или наместо купечки брендиран сладолед пробаш сладолед со шумско овошје набрано во близина, наместо комерцијализирани сокови да пивнеш нешто домашно… Разликите се впечатливи- во односот на персоналот, понудената храна која во тенденција да биде глобална го губи идентитетот….Се сеќавам кога се качив на балконот од тераса „Утарна“ во с. Горно Коњско, кога го видов езерото, небото, узгорницата, синилото и зеленилото, посакав тоа да ми биде последната слика пред да заспијам. И чувството се повторуваше- спокојот што го имав седејќи во „Кутмичевица“, во Вевчани, вооружена со трпение што ми го даде просторот, широчината на погледот во Дихово, мистиката на с.Јанче, среќата на Преспа во „Лејк вју“, носталгична мистика во „Бакардан“ во Гостивар…Следниот знак на препознавање, беа домаќините, толку природни, гостопримливи со совршено избалансиран однос да не се премине границата во ништо. Убави спомени носам од Радожда, Охрид, Годивје, Шара, Маврово, Дихово, Преспа, го запознав и Скопје од поинаков агол..

Може ли да ни’ издвоите неколку омилени јадења, мирудии, пијалоци кои имавте можност да ги пробате за време на посетите во гостилниците?

– Јадењата што ги вкусив, се што пробав ми стана омилено, пред се поради тоа што го имаше автентичниот, вкусот од детството: сочните пиперки во сите бои и облици, домати од градината, кромид, морков.., сите зеленчуци апсолутно ни се фаворити во сите гастрономски предизвици. Ама и нашето овошје, преспанските јаболка, планинскиот чај, ретки миризливи тревки од Маврово… Открив нови јадења, рецепти од кои е тргната пајажината, па светкаат наличени во домашен бакардан, золеник, алгиди, питулчник, тас ќебап, каурдисана туршија со праз, реканската пита, годивска салата, лукајнци, па домашен леб со крцкава коричка, највкусните македонска паста- губи и макало…

Од промоцијата на „Слоу Фуд гостилници 2021“ на „Утринска на Телма“ © Телма ТВ

Како мрежата и работата на Слоу Фуд допринесува овие традиционални јадења и нивната подготовка да не бидат заборавени, а гостилниците поддржани да продолжат со својата работа?

– Благодарение на Слоу Фуд се враќаме на изворот, на традицијата. Среќна сум што сум дел од ова големо семејство, што успеавме, со здружени сили да направиме водич за гостилници каде добро и вкусно се јаде, нашиот гастрономски адут за туризам, лична карта на македонската кујна што демонстрира колку се сака земјата. Слоу Фуд постојано активно работи и промовира, екипира мали производители, на локалните производители им овозможува промоција, им ги отвара вратите на сите што безусловно од својата страст направија сериозна работа.

Што сметате дека може да допринесе за континуиран развој на македонската гастрономска сцена?

– Оригиналната промоција на нашата земја е токму преку гастрономијата, каде фокусот е на автентична храна и дружењето, запознавањето на сличностите и разликите… Многу убавини има во Македонија, малку знаеме, а многу можеме. Храната, чаевите, виното, ракијата…, па ние сме вистински мајстори да угостиме, креираме, создадеме… Тоа нашето, тоа треба да се промовира, во континуитет, преку книги, брошури, промоции на кујни од сите делови на Македонија… Верувам дека во блиска иднина ќе бидеме сведоци на се набројано, на лице место.

Интервјуто го водеше Ивана Симјановска