Мој Slow Food активизам за обединето и моќно семејството

Мирисот на домашно подготвената, вкусна храна го привлекува семејството на трпеза, а единството на вкусови создава единство во семејството. Мирисот на храната е специфичен за едно семејство.

Израснав во семејство во кое секогаш имало почит кон основните вредности на живеењето – љубов, фамилијарност, емпатија, почит кон човекот, почит кон различностите, кон трудот,  а  научив и кон храната да се однесувам со посебен пиетет.  Се потрудив да го зачувам ова семејно наследство.

Таа посветеност кон квалитетната храна се пренесувала низ генерациите. Иако во тоа време не се знаело многу за здрава храна, сепак се знаело дека правилниот начин на подготвување на храната му дава здравје на телото и правилно искористување  на енергијата. Таа била и тоа како потребна за занаетчиските изработки од дрво на мојот дедо, без современи алати. Секако, постоеше и голема почит кон вложениот труд во производството на земјоделските производи.

Постоеше љубов, трепение и посветеност во приготвувањето на храната. Оттука, подготовката на храната секогаш беше посебен чин. Со готвењето се започнуваше наутро, внимателно и полека. Се вареше неколку часови, со особено вмимание не само во количината на зачините, туку и за правилната количина на вода. Поклопецот секогаш се подигаше љубопитно, но не претерано, затоа што искуството говореше кога тоа да се направи, што да се додаде и колку.

Сето тоа….да биде вкусно, здраво, но и лично за око. Готвењето резултираше со воодушевување од крајниот резултат, но и самокритичност. Истовремено тоа беше и час, лекција – секогаш се повторуваше што се е потребно, на што да се внимава…..за следниот пат да се достигне совршенството.

Иако овој рецепт можеме да го именуваме со еден збор – гозба, тој е многу повеќе © Билјана Гвероска

Но, на трпезата  не изостануваа и пофалби за убавиот избор на домаќинот за да тој задоволен, донесе и друг пат за семејството исто толку грижливо одбрани намирници. 

Ете така, започнав да го чувствувам мирисот на добрата, вкусна, здрава но и правилно пoдготвена храна. Но, и  во ова изменетото, современо живеење, се потрудив да го сочувам и негувам ова чувство.  И да го пренесам во моето семејство.

Сметам дека и во современото живеење приготвувањето на храната може да  се врши бавно и секако, правилно. И не само тоа, туку е и најблагородниот начин на подготовка на храната.

Еве ги придобивките. Бавната подготовка всушност е најбрза штедејќи ви време од миење на садовите и чистење на кујната. Се става во рерна а со тоа и околината е чиста. Ќе ве поштеди од честото контролирање на печењето, т.е ќе ве спаси од исушување или препекување на месото или другите намирници. Заштедувате детергент, но и лакот на ноктите ќе ви трае подолго. И уште нешто. Имате и спремен одговор за модерните садови. Па, глинените садови опстојуваат со векови, тие секогаш биле модерни. Па…. и вие сте модерна жена.

А така подготвениот ручек пак, со благодарност ни враќа – не само со уживање, здравје, туку и ќе ви подари време за други активности или задоволства.

Мирисот на домашно подготвената – миризлива, лична, вкусна храна надополнета со прекрасната слика на собраното семејството на трпеза, буди навистина чудесни емоции.

Мислам дека никој нема да остане рамнодушен на оваа најпосакувана, највредна, најколоритна слика од вашето семејство. Таа ќе остане врамена во најскапоцената рамка –времето.

Но, на семејната трпеза, уживајќи во прекрасната композиција од вкусови, бои, насмевки, фалби, совети…љубов….. истовремено чувствувате единство, енргија, сила, моќ. Станувате горди, силни, зошто така обединетото семејство има моќ да одговори на сите предизвици на современието. 

Затоа, да дозволиме Slow Food  да не води!

Размислува и пишува: Д-р Билјана Гвероска, Слоу Фуд Прилеп

прочитајте и ГОЗБА на Slow Food начин