Прв вински салон: Винодонија 2016

Она што е традиција во соседството, да не зборуваме во поразвиените земји каде што се одгледува винова лоза и се произведува вино, за прв пат ќе се одржи во Скопје.

Првиот Скопски вински салон – Винодонија 2016 ќе се одржи на 11ти и 12ти ноември 2016та година, во новоотворениот хотел Мериот во центарот на Скопје. Настанот е посветен на виното, винариите и љубителите на вино.

„Вакви салони обично одат со развој на самиот регион. Ние, можеби доцниме, можеби не баш толку, затоа што овој регион беше пропознаван до пред една деценија како регион за производство на наливни вина, и кога имаме такво производство и таква перцепција, автоматски нема простор за ваков тип на настан. Меѓутоа, последниве години нашиве вина земаат големи награди надвор во светот, регионот се препознава веќе не како за наливни вина, него регион за фини вина, така да се створи една атмосфера каде што може да се организира еден ваков вински салон, на кој би можеле да дегустираат посетителите, да споредат разни типови на вина итн“ – изјавува Звонко Херцег, директор на салонот

Скопскиот вински салон е интернационален настан со изложувачки карактер кој ќе се одржува секоја година со намера да се зголеми бројот на винарии, вински авторитети и нивото на винската култура во Македонија. Повеќе од 30 винарии од земјава, како и од Балканот и Европа ќе ги презентираат своите вина.

„Значи целта на скопскиот вински салон е со цел најпрво да го зголемиме нивото на винска култура во земјава, понатаму да го донесеме оној интернационализам кога се работи за виното во Македонија и наменет е за сите вински љубители, луѓе кои што се веќе во трговијата со вино, да дојдат, да посетат еден сосема поинаков пристап до она што го викаме значење на виното, затоа што сепак Македонија е винска земја“ – Ивана Симјановска, меѓународен вински судија, организатор на салонот.

Програмата на винскиот салон е богата и вклучува дегустации каде личности од светот на виното ќе презентираат вина од Македонија, Хрватска, Србија, Италија, Франција итн., ќе има дегустации на просеко и шампањ, спарување на вино и чоколада, прeдавања за вински маркетинг и како да се зголеми продажбата на вино во ХоРеКа секторот.

„Овој вински салон треба да претставува дегустација со едукативен пристап, значи ќе се одржат и работилници, предавања, каде што преку тој едукативен пристап ќе се допре до виното, ќе се допре до самите посетители и љубители на виното. За разлика од другите настани што се случуваат тука, што треба да ги има секако, каде што се повеќе настани од забавен карактер, каде што придружник е виното, на овој настан виното е главно“. – Звонко Херцег

На настанот ќе учествува и Слоу Фуд, со презентација на македонските презиидуми. На штандот на винаријата „Брушани“, ќе може да се проба виното од Станушина, најновиот македонски президиум, а со вината кои ќе се дегустираат на салонот, ќе има можност да се спарат со останатите президиуми: слаткото од диви смокви, специјалитетите од президиумот Буково и сирењата од президиумот Маврово-река.

Организатор на Скопскиот вински салон- Винодонија 2016 е група на македонски вински критичари, судии и ентузијасти кои под покровителство на Здружението на сомелиери на Република Македонија го организираат овој вински настан.

Пиењето вино е ритуал. Не ја пропуштајте можноста да дегустирате повеќе видови на вино на едно место во рамки на првото издание на винскиот салон во Скопје кој се надеваме ќе премине во традиција.

Повеќе информации на www.vinodonia.mk
За билети за настанот кликнете тука