Што може да расте во нашата училишна градина?

Moрковот е коренеста култура. Тој е значаен за исхраната заради многубројните начини на употреба и богатството на витамини и минерални материи © Stock photo

Откако ќе завршат подготовките за подигнување на градината, важно е да следи обработка на земјата,  но и испитување на нејзините својства.

Една од поважните работи е да се направи таканаречената почвена анализа, со која треба да се утврди составот на почвата и нејзината pH вредност односно киселоста на почвата. За да се спроведе почвената анлиза потребна нѝ е консултација со земјоделски инженери и лаборанти кои во институциите вршат такви анализи. Кај нас почвени анализи се вршат на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Институтутот за тутун во Прилеп и во други државни институции,  но и приватни лаборатории.

Оваа анализа ни помага, според составот да одредиме што  е добро да се насади, односно што ќе успеава во нашата градина. Секако не треба да ја занемариме и изреката дека „лоша земја не постои“. Наше е, како добри земјоделци и како вљубеници во природата, на хуман начин, со знаење и со обработка да ги подобруваме нејзините својства.

Освен од почвените карактеристики, што ќе засадиме зависи и од климата, местоположбата на нашата обработлива површина, изложеноста на сонце, наводнувањето…

Секоја растителна култура има одредени карактеристики, а со тоа и одреден степен на специфичност при одгледувањето, па затоа ако сме почетници во градинарството треба да одбереме растенија кои бараат помала грижа и кои се полесни за одгледување, а веројатноста тие да успеат е поголема.

Така, за градинарите почетници кои можеби оваа есен или  напролет ќе ја подигнат првата градина, предлагам неколку култури кои би можеле да ги посадите и успешно да ги одгледате, а потоа да се радувате на плодовите од вашата работа  и тоа да биде мотив следната година да засадите повеќе и поразлични култури со поголеми барања во одгледувањето.

Ќе наведам уште неколку важни нешта пред да ви ги предложам културите кои би можеле да ги посадите во вашата градина:

  • За човечка ихрана се користат само 5000 растителни видови од вкупно 400 000 растенија кои ја населуваат планетата Земја.
  • Во светот се познати околу 1000 растителни видови кои се користат во исхраната
  • За комерцијални цели се користат само 100 до 150 видови
  • Кај нас одомаќинети се 30 до 50 видови на зеленчук

Изборот на видовите на овошје и зеленчук во градината зависат и од навиките во исхраната, но како што рековме, пред се зависат од агроеколошките услови, потоа од видовите кои традиционално успеваат на нашето подрачје, култури кои се зачувани и одржани во крајот во кој  живееме, отпорни сорти кои се препорачуваат за одгледување на органски градини…

Почетниците, бавчанџиската среќа може да ја пробаат со лукови култури, салата, морков, ротквици, магдонос, грашок  и други култури кои се сеат директно во земјата, додека расадот е препорачливо да го купувате додека не се усовршите во одгледување на расад од семе.

Moрковот е коренеста култура. Води потекло од морковот кој расте како плевел во Европа, Азија и Северна Африка.  Тој е значаен за исхраната заради многубројните начини на употреба и богатството на витамини и минерални материи. Посебно се цени како состојка во храната за деца. Може да има портокалова, портокалово-црвена и црвена боја, но може да биде дури и бел или виолетов. Потребно е да избереме квалитетно семе, а почвата треба да биде добро обработена и да припаѓа на типовите лесна и песоклива почва за да може коренот да се развива слободно и правилно. Може да се сее во март, мај и јуни или крај на октомври и ноември.

Кај магдоносот разликуваме два вариетата и тоа варитет кој се одлгедува заради задебелениот корен и варитет кој се одгледува заради листовите. Задебелениот корен е богат со белковини и сахароза заради што се одликува со висока енергетска вредност. Најдобро успева на средно лесни, плодни и структурни почви. Може да се сее пред почетокот на зимата или рано напролет.

Ротквиците исто како и морковот и магдоносот, спаѓаат на групата коренести култури, тоа значи дека нивниот корен, ние го користиме во исхраната. Тие се богати со калиум, железо и калциум, а лутиот вкус доаѓа од органските соединенија богати со сулфур. Најдобро успева на растресита почва, претходно ѓубрена со органски ѓубрива а во однос на плодоредот може да биде предкултура, втора култура или меѓукултура во леите со лук и салата. Може да се посее кон крајот на февруари, во текот на април или во септември.

Кромидот  е лукова култура, како лукот и празот. Тој е еден од најстарите видови зеленчук кој му е познат на човекот. Во текот на целата година за исхрана може да се користи луковицата, младото растение или листовите. Содржи шеќери, витамин Ц и специфични етерични масла. Производството може да биде директно од семе, од расад и од арпаџик. За градинарите почетници препорачуваме садење со мали луковички односно со арпаџик кој може да се купи од земјоделските аптеки. Бара високо плодна почва. Садењето се извршува во март и април.

Лукот е растение одгледувано од дамнешни времиња и познато е по специфичниот мирис и вкус добиен благодарение на етеричните масла што ги содржи. Се употребува за исхрана, како зачин, но и во фитофармацијата, фармацијата и во преработувачката индустрија. Тој е култура со највисок процент на сува материја.  Успева на различни типови почви, но на сиромашни почви дава многу ниски приноси. За високи приноси потребно е обилно ѓубрење. Лукот се сади со чешниња, и секако се препорачува рачното садење затоа што на тој начин се обезбедува правилна положба на чешнето во земјата. Се препорачува садење на крајот на февруари и почетокот на март.

Грашокот е плодова, мешункаста култура. За исхрана се користи мешунката односно зрелото семе во неа. Во исхраната е значаен поради високата содржина на протеини, шеќер, скроб, витамините А, Б1, Ц и  висока енергетска вредност.Бара почва која е добро аерирана и структурирана. Се ѓубри само со минерални ѓубрива. Тој е легуминозно растение и преку азотофиксаторите произведува азот, па затоа освен што е добар за нас за исхрана тој добро ја храни и почвата. Грашокот може да се сее многу рано напролет, односно од петти до дваесетти март.

Салатата е една од водечките градинарски култури. Салатата е богата со калиум, но содржи и железо, манган, молибден и цинк © Stock photo

Една од најпознатите лиснати култури е салатата. За исхрана се употребуваат листовите и главиците. Таа е една од водечките градинарски култури. Салатата е богата со калиум, но содржи и железо, манган, молибден и цинк. Според начинот на одгледување разликуваме сорти за рано производство, сорти за пролетно производство, за летно, за есенско-зимско и за зимско производство. Тука се мисли и на начините на производство во заштитен простор. Се сее со директна сеидба или од расад.

Накусо ви претставивме седум градинарски култури, седум како број на среќата, за  среќен почеток на вашата градинарска приказна. Вие можете да органзирате и анкета во вашето училиште па да видите кои ученици што би сакале да се засади во градината, што сакаат да јадат, а потоа да видите што би можеле да насадите или посеете според големината на обраборливата површина, но и според другите услови. Како што повеќе пати сме рекле, градинарењето отвора бескрајни можности за експериментирање, учење и креативност. Среќно градинари!

Пишува: Филип Димкоски, дипломиран земјоделски инженер, поет, активист и член на Слоу Фуд Прилеп