Суверенитет на храната, европски одговор на кризата

До:
Средства за јавно информирање во
Република Македонија

„Граѓанското општество да има поголемо, посериозно влијание врз производството, преработката и дистрибуцијата на храна, наспроти глобалните аграрни политики”, е заклучокот од Европскиот форум за суверенитет на храната „Ниелени Европа 2011“, кој се одржуваше изминатите пет дена во Кремс, Австрија.

На форумот беше потпишана првата Европска декларација за суверенитет на храната.

Преку 400 делегати од европски земји, меѓу кои и претставници од Македонија се заложија на зајакнување на нивниот колективен капацитет за враќање на контролата врз системот на храна во рацете на заедниците, за давање отпор на агроиндустриските системи и за проширување и консолидирање на силно европско движење за суверенитет на храната.

Повеќе од 120 организации и поединци кои го претставуваат граѓанското општество и социјалните движења дискутираа за влијанието на тековните европски и глобални политики. Тие развија сеопфатна платформа и пакет принципи за постигнување суверенитет на храната во Европа.

Форумот го нагласи придонесот на младите луѓе, жените и производителите на храна, чии сугестии и предлози се често занемарени.

Интензивните дискусии и размената на искуства овозможија „Ниелени Европа 2011“ да идентификува заедничка рамка и да дефинира акциски план.
Промената на нашиот систем за храна е првиот чекор кон поширока промена во нашите општества. „Бараме суверенитет на храната во Европа сега“ -порачува Декларацијата.

Делегатите на Форумот силно се заложија да го земат системот на храна во своите раце преку заедничко работење кон постигнување еколошки одржлив и социјално правичен модел на производство и потрошувачка на храна заснован на неиндустриско земјоделство, преработка и алтернативна дистрибуција, децентрализирање на системот на дистрибуција и скусување на синџирот меѓу производителите и потрошувачите, подобрување на работните и социјалните услови особено на полето на храната и земјоделството, демократизирање на процесот на донесување одлуки за употребата на заедничките вредности и наследства (земјиште, вода, воздух, традиционално знаење, семиња и добиток), како и осигурување дека јавните политики на сите нивоа гарантираат виталност на руралните области, правични цени за производителите на храна и безбедна генетски немодифицирана храна за сите.

На „Ниелени Европа 2011“ учесниците ја реафирмираа визијата за единство која го истакнува правото на сите народи да ги дефинираат своите политики и системи за храна и земјоделство без да наштетуваат ниту на луѓето, ниту на природните ресурси, што воедно и имплицира суверенитет на храната.