Тера Мадре Балкан 2014

Дубровник, 19-22 Јуни

Од 19-22 Јуни 2014 година во организација на ,,Слоу Фуд” и ,,Кино Oкус”  се одржа третото издание на ,,Тера Мадре Балкан” во Дубровник, Хрватска. Заедниците на храна од цела Југоисточна Европа се собраа во Хрватска за да ја прослават традицијата на својата храна и да повикаат на акција за заштита на нивните реткости.  На овој настан учествуваа повеќе од 250 делегати од 11 земји, вклучувајќи и земјоделци, сточари, производители, академици, студенти, готвачи и консументи.

Настанот беше отворен од страна на хрватскиот министер за земјоделство Тихомир Јаховина, а делегатите на  ,,Тера Мадре Балкан” дискутираа  на повеќе конференции каде главни теми беа:  улогата што ЕУ треба да ја игра за да ги подржи малите фармери во регионот, до повикот за примена на одржливи риболовни практики во Јадранското Море; од традиционалните производи и ознаките за географско потекло, до ,,Арката на вкусови” и ,,Президиумите на Слоу Фуд” на кои погледот се насочуваше кон улогата на младите во земјоделството и производството на храна на Балканот.

Серија од  презентации и дебати  за заштита на традиционалните производи од исчезнување и помагање на локалните заедници на храна беа целта на овие конференции. На конференциите учество зеде и претседателот на ,,Слоу Фуд” , Карло Петрини, кој испрати апел до сите пристуни –  “Би можеле со денови да зборуваме за она што сме го изгубиле на Балканот водејќи се само од  профитот. Ние треба да се извлечеме од оваа катастрофална економија, која ги прави нашите заедници посиромашни, да започнеме еден нов модел заснован на богатството на биодиверзитетот на храна кој би бил камен-темелник на одржливиот  развој”изјави К.Петрини.

,,Слоу Фуд Македонија” учествуваше со  35 делегати, кои активно учествуваа на конференцијата за ,,Поддршка на малите производители на Балканот”, на која го презентираа ставот на ЕССЕДРА во однос на флексибилните решенија од ЕУ регулативата за хигиенскиот пакет, беа презентирани и резулатите од првите четири години од работата на првиот македонски президиум, слатко од диви смокви. На средбата за “Одржлив рурален туризам и заедниците за храна на Балканот”  на која  сопственикот на „Вила Дихово“, Битола го сподели искуството како до успешен агротуризам. Исто така членовите кои работат едукативни проекти во училиштата во Македонија беа дел од ,,Тркалезната маса-Мрежата на проекти за едукација за храна и вкус во училиштата на Балканот”.

Во текот на настанот во паркот Градац на 32 штанда се претставија производителите од делегациите со своите производи, меѓу кои повеќе беа производи кои се вклучени во ,,Арката на Вкусови” како резултат на работата на ЕССЕДРА проектот, финансиран од ЕУ, како и повеќе ,,Слоу Фуд  Президиуми” од Балканот. Македонските производители се претставија со повеќе производи од Тиквешкиот Регион, вино од станушина, гроздов сок, маџун, потоа президиумите на слаткото од диви смокви и буковската пипер, која првпат беше претставена по номинацијата за президиум.

,,Тера Маде Балкан” е мрежа на сите заедници на храна и проекти на ,,Слоу Фуд” на Балканскиот Полустров. Од 2010 година, ,,Тера Мадре Балкан” се бори да ги зачува гастрономските традиции и биодиверзитетот на храна во еден од Европските најфацинантни и најмалку познати региони. Во Балканските земји, ,,Тера Мадре” и ,,Слоу Фуд” мрежата имаат повеќе од 1 500 членови, 12 ,,Слоу Фуд Президиуми”, 60 заедници на храна, 15 едукативни програми за вкус и храна кои се реализираат во училиштата и 26 готвачи. Членовите на ,,Тера Мадре Балкан” се собираат на секои две години, но оваа мрежа енергијата ја црпи и од малите настани и иницијативи од целиот регион.