Вебинар: “Училишните градини – никулци во борбата против климатските промени”

gradini-klimatski-promeni
Секој чекор при производството на храната, од нива до трпеза, па се до консумацијата е поврзан со климатските промени. Затоа е потребна едукација од најрана возраст © Slow Food архива

Дали училишните градини се идната алатка во борбата против климатските промени?

Една од улогите на Слоу Фуд е едукативната, која секојдневно нè учи да ја вреднуваме храната и луѓето кои ја произведуваат. Наједноставниот начин кој се покажа како успешен е вклучувањето на најмладите во процесот на одгледување и производство на своја сопствена храна, токму во училишните градини.

Кога децата имаат шанса да учат од сопственото искуство за трпеливоста, трудот, вештината и грижата кои се неопходни во секој чекор при производството на храната, од нива до трпеза, храната добива поголемо значење.

Преку сензорни работилници за набљудување на околината, учење низ култивирање на локални и автохтони сорти на растенија, примена на искуствата и знаењето од локалното население во одржувањето и управувањето со градините, училишните градини придонесуваат кон зајакнување на заедницата, даваат можност за креативно изразување при имплементација на наставната програма од формалното образование, како и градење на еколошки свесни млади единки. Новите генерации потребно е да се едуцираат за климатските промени, а градините се вистинското место, со примена на одржливи практики при производството на храната до одговорното консумирање, кои се тесно поврзани со оваа тема.

Со таа цел, Слоу Фуд Водно го организира едукативниот вебинар насловен “Училишните градини: никулци во борбата против климатските промени” како дел од проектот “Храна за промени – како одговор на климатските промени”.

Во рамките на вебинарот ќе учествуваат следните соговорници:

  1. Василка Стефановска, лидер на Слоу Фуд Водно, член во националниот одбор на Слоу Фуд Македонија и национален координатор на програмите со училишни градини во Слоу Фуд Македонија;
  2. Јасна Ѓеоргиевска, психолог во ООУ „Гоце Делчев“, с.Могила и едукатор за методологија во Слоу Фуд Македонија;
  3. Проф. д-р Маргарита Давитковска, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, Скопје;
  4. Проф. д-р Звезда Богевска, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, Скопје;
  5. Проф. Славица Зафировска, наставник во ООУ “Крсте Петков Мисирков”, Сингелиќ и координатор во проектот “Училишна градина – училница на иднината”;
  6. Проф. Биљана Илиева, наставник по биологија во ООУ “Св. Климент Охридски”, с. Драчево;

Вебинарот ќе го модерира Катерина Јордановска, координатор на проектот  “Училишна градина – училница на иднината” и асистент-координатор на проектот “Храна за промени – како одговор на климатските промени”.

Биљана Митреска, координатор на проектот “Храна за промени – како одговор на климатските промени” ќе учествува како техничка поддршка за време на настанот.

Новите генерации потребно е да се едуцираат за климатските промени, а градините се вистинското место © Slow Food архива

Ве покануваме да го проследите вебинарот кој ќе се одвива на Zoom, а директно ќе се пренесува на страната на Слоу Фуд Водно во петок (05.06.2020) во 19:30ч.

#Училишниградини #ДаЗборувамеЗаКлима #ХранаЗаПромени

Вебинарот е  дел од кампањата #ХранаЗаПромени, која има за цел да ја крене свесноста кај производителите и консументите за влијанието кое го има производството и консумацијата на храната врз животната средина и климатските промени. Истата е во рамки на проектот „Храна за промени“ кој го реализираат „Слоу Фуд Водно“, Скопје во партнерство со „Слоу Фуд Македонија“, Битола и „Слоу Фуд Млади Македонија“, Скопје
Финансиски поддржано во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ го имплементираат Еко-свест, CNVP Македонија и ДЕМ, а е финансиран од Европската Унија.