ВЕЧЕР: Промоција на здрава храна од локални производители на првиот „SLOW FOOD салон“

Под мотото „Храната е движење“ на 18 и 19 октомври во хотел „Александар палас“ во Скопје ќе се одржи првиот „SLOW FOOD салон“.

Од организаторот Slow food Macedonia велат дека храната е енергија која секојдневно му е потребна на нашето тело, но во ерата на глобална трговија е претворена во моќно оружје во рацете на големите индустрии.

„Системот на храната денес станува значајно еколошко прашање за дискусија и акција. Храната е генератор на одржливиот развој на регионите и проверен извор на благосостојбата на производителите. Храната поттикнува промени во свеста кај консументите“, се вели во најавата за настанот.

Целта на првиот „SLOW FOOD салон“ е да ги промовира малите производители на квалитетни производи и истовремено да ги едуцира консументите да избираат квалитетна храна и да ја поддржуваат локалната економија и заштитата на животната средина.

Повеќе од 100 производители ќе ги изложат своите автентични производи и ќе ги раскажат своите приказни на посетителите кои ќе имаат можност да се информираат, едуцираат и дегустираат од прва рака.

Производителите ќе се презентираат поделени во неколку секции: традиционална и органска храна, мали винарии, занаетчиски производители на пиво и даватели на туристички услуги.

Салонот ќе биде отворен за јавноста во петок 18 октомври од 14-20 часот и сабота 19 октомври 12-20 часот.

Објавено на: 14/10/2019
Медиум: https://vecer.mk/