Велешко ѓозлеме

Фото кредит © Василка Стефановска

Горда на своите велешки корени, лидерката на Слоу Фуд Водно, Василка Стефановска, прва се јави на предизвикот #ГотвиСлоу со еден повеќе од сто години стар велешки рецепт.

Приказната ја започнува вака: „Кога ќе се спомене Велес сите веднаш добиваме асоцијација на нивните надалеку позната велешка пастрмајлија. И со право, бидејќи е симбол на велешани, но Велес одамнина изобилува со многу богата гастрономија . Јас денес ќе споделам со вас еден рецепт кој буди во мене убави спомени од детството.
Зима, надвор вее снег, а до мене допира мирис кој ме мами да се симнам во топлата кујна.“
Тоа е мирисот на свежо испечено Ѓозлеме, вистинска провокација за домаќинките да го подготват, а уживање за гурманите.
Едноставно јадење составено од тесто и свинско месо, но со голема мајсторија да се подготви за да се добие препознатливиот вкус. Слоевито, во внатрешноста меко, а однадвор крцкаво. Меѓу слоевите може да се става и сирење, а одозгора задолжително месо.

Потребни состојки:
За тесто:

  • 700 гр брашно
  • 1 свеж квасец
  • 2 лажици зејтин
  • 1 лажица сол
  • малку шеќер
  • топла вода

Фил:

  • 180 гр. маст
  • 400 гр. свинско месо од вратот ( месото треба да биде ситно исецкано)
  • По желба наместо месо може ситно издробено сирење

 

Начин на подготовка:

  1. Најпрво се подготвува месото, се соли и се остава во фрижидер.
  2. Се растопува маста…
  3. Потоа се подготвува квасецот да се активира, во млака вода, со шеќер.
  4. Се просејува брашното, се остава малку за месење. Се додава сол, масло, квасец, млака вода и се замесува меко тесто.
  5. Се остава тестото да „одмори“ 15 минути.
  6. Потоа се дели на 6 дела, се прават топки и се оставаат покриени, 10 минути.
  7. Од секоја топка се сука кора во големина на плех број 28.
  8. Суканата кора, се става врз намастениот плех.
  9. Врз секоја кора се става растопена маст и парченца од месото ( или сирење).
  10. Последните кори исто, но на најгорната не се става маст, прво се сече на ромбови, па на секој ромб се става парченца од месото, се притиснува во тестото и се прелива тавата со маст.
  11. Се пече на 225С околу 20 минути, па се намалува температурата и се продолжува со печење до вкупно времетраење од 40 минути.
  12. Кога е готова тавата, ѓозлемето се премачкува со маст.
Фото кредит © Василка Стефановска

Препорака:
На крај Василка ни порачува: “ Подарете ни рецепти од вашите баби и мајки. Пребарајте ги во изветвените тетратки документирани. Тие ја отсликуваат нашата традиција и култура и нека го видат светлото на денот и нека ја продолжат нашата богата гастрономска култура.“.