ЗЕЛЕНА БЕРЗА: Ќе се заштитуваат грозјето „Станушина” и производите од него

Ќе се заштитува винската сорта грозје „Станушина” како стара и автохтона тиквешка сорта, но и производите добиени  од неа, ова било соопштено на манифестацијата “Тера мадре” во Албанија, настан организиран во рамките на меѓународната “Слоу фуд” организација.

За средбата на која учествувале повеќе земји, денеска во Кавадарци информираше Зоран Станоев-Дејзи, координатор на Слоу фуд „Тиквеш“.

– Се претставивме со најдобрите вина, ракии, гроздов сок, ајвари, домашно слатко и други автохтони производи. Штандот на Слоу фуд „Тиквеш“ беше најпосетувана дестинација на средбата во Тирана, а посебен интерес  и задоволство покажаа од Министерството за култура на Албанија, поради што на нашите претставници им беше овозможена посета на ова Министерство, соопшти  Станоев.

Тој истакна дека тиквешкиот штанд го посетил и Карло Пертини,  основач на „Слоу фуд” организацијата.

– Сега треба да ги организираме сите лозари и винари кои произведуваат грозје и производи  од оваа сорта. Со тоа  ќе биде постигната основната цел, оваа сорта да биде заштитена за подрачјето на Кавадарци и Тиквешијата, нагласи Станоев.

Тој додаде дека во рамките на „Слоу фуд”, од Тиквешкиот регион, претходно била заштитена и жолтата лозова ракија.

– Од 2010 година, „Тера Мадре Балкан” се бори за да ги зачува гастрономските традиции и биодиверзитетот на храна во еден од Европските најфасцинантни и најмалку познати региони. Во Балканските земји, „Слоу Фуд” и „Тера Мадре” мрежата имаат повеќе од 1 500 членови, информираше Станоев.

Објавено на: 26/02/2017
Медиум: https://zelenaberza.com.mk/