Земјоделството и пчеларството ми даваат енергија за моите секојдневни работни ангажмани

Овој ден ќе го посветиме на една, амбициозна, ведра, секогаш насмеана, успешна жена, сопруга, мајка на двајца синови, а воедно и членка на Слоу Фуд Битола.

Потекнува од овчеполието, а сега гордо се кажува дека живее во атарот на Буково. По завршувањето на образованието – смер фармацевтски техничар во Скопје својот живот пат го продолжува во областа на храната и се запишува на смер прехранбено био инженерство исто во Скопје. По занимање е дипломиран технолог, а моментално е вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство во Битола.

Драгица Талевска со својата љубов кон храната и земјоделството од центарот на градот во Битола се преселува да живее во рурална средина каде почнува и нејзината вистинската приказна.

Од мали нозе гледала како нејзините баба и дедо одгледувале пчели и се занимавале со земјоделство. Пораснала со храна од сопствено производство што можеби беше и предизвик да се одлучи на ваков чекор.

Нејзината градина наликува на една овошна изложба каде нејзините пчели помагаат во опрашувањето на дрвцата © Slow Food Bitola

Започнала со 15 пчелни семејства за денес да достигне до бројка од 67. На годишно ниво произведува околу 1000 килограми на мед каде со дирекна продажба не останува ни килограм залиха. Редови на органска аронија, редови на цреши и насад на лозје. Не се изоставени градинарските култури. “Моето рано утринско кафе го пијам на тераса со поглед кон мојата градина. Садам лукче, компир, имам марули, кромид, пипер се за домашна прехрана. Продолжив по патот на моите предци. Неможам да замислам моите деца да се хранат со намирници купени од маркет. Наводнуваме од свој сопствен бунар. Се е чисто и органско” раскажува Драгица, која подготвува и домашни сокови, мармелади, туршија, вино и ракија.

Земјоделството и пчеларството не претставуваат никаква пречка во извршувањето на нејзините секојдневни домашни и работни ангажмани, дури тоа и претставува дел каде ја полни својата енергија.

Aвтор: Анита Главевска