Училишни Градини

Слоу Фуд училишните градини им овозможуваат на децата преку директен контакт со земјата да ги научат принципите на добра, чиста и правична храна.

Слоу Фуд училишните градини се училници на отворено и жива лабораторија, во која учениците стануваат активни учесници во процесот на учење. Градина може да се подигне насекаде, во урбани, приградски и рурални средини, а за почеток доволен е мал простор во двор, покриена тераса или жардињера. Преку градината учениците ја запознаваат разновидноста на растителниот свет и ги учат принципите на природата: меѓузависност, разновидност, циклуси, енергија и ресурси, наследност и одржливост.

Што учат учениците во градината:

  • Растенијата и нивниот развојФакторите за раст на растенијата (вода, почва, светлина и температура), органите на растението, фотосинтезата, опрашувањето и размножувањето.
  • Биодиверзитет, сорти и семињаСеидба и садење, ракување со семе, топчиња од глина и семиња, како и бербата на плодовите и собирањето семиња за следната година.
  • Од градината до трпезатаГрадинарските производи во кујната, вкусувањето и препознавањето на храната, исхраната и културните разлики, и организирање фестивал на локална храна.
  • Месец по месецУчениците работат со работна тетратка со задачи за секој месец, усогласени со календарот на активности во градината и наставната програма, со табели, цртежи и прилози за растенијата и нивните циклуси.

Како се подигнува училишна градина:

  • Тим за градинатаОткако училиштето ќе ја одобри програмата, се формира тим од наставници, училишен персонал, ученици, родители и волонтери од заедницата, кој ја планира, изведува и одржува градината. Клучна е поддршката од раководниот тим на училиштето, а наставниците не мора да бидат стручни, бидејќи во тимот можат да се вклучат искусни градинари.
  • Избор на локацијаСе проверуваат почвата, светлината, пристапот до вода и одводнувањето, како и пристапноста, безбедноста и видливоста на градината. Во урбана средина почвата се анализира за присуство на тешки метали, а ако не е погодна, градината се подигнува во жардињери, контејнери или саксии.
  • План и избор на културиПред сеидбата се прави план на градината, според расположливиот простор, изворите за наводнување и времето што може да се посвети на растенијата. Се земаат предвид климата и локалната флора, а површината е пожелно да биде засадена во текот на целата година.

Училишните градини во Македонија:

  • 2003На Меѓународниот конгрес на Слоу Фуд се одлучи секој конвивиум во светот да работи на имплементација на проектот „Училишни градини“.
  • 2009Едукативните активности на Слоу Фуд Македонија во училиштата ги започнува група наставници во СУГС „Лазар Танев“, Скопје.
  • 2011Од истата иницијатива произлегува конвивиумот Слоу Фуд Водно, кој едукацијата на младите генерации ја има како една од главните цели.
  • 2012Слоу Фуд Битола ја има првата иницијатива за училишна градина, во ООУ „Елпида Караманди“, Битола.
  • 2018Во ООУ „Аврам Писевски“ во Бардовци, Општина Карпош, е отворена училишна градина со поддршка на ФАО и град Скопје под водство на Слоу Фуд Водно.
  • 2019Светскиот ден на храната, 16 октомври, е одбележан во ООУ „Крсте Мисирков“, Скопје, училиште со сопствена градина, во организација на Слоу Фуд Водно со поддршка од ФАО и Министерство за животна средина и просторно планирање. Учениците и готвачите од Слоу Фуд Водно подготвија здрави закуски од зеленчукот одгледан во училишната градина.
  • 2021Слоу Фуд Македонија организира семинар за наставници во Преспа, посветен на Слоу Фуд училишните градини и едукацијата за храна.
2025
Едукација за одржлива иднина

Од 2025 година во наставната програма за основно образование, на иницијатива на Слоу Фуд, од Бирото за развој на образованието воведен е изборен предмет Едукација за одржлива иднина. Програмата и едукативните материјали (прирачници, водичи и работни тетратки) се наменети за учениците од VI и VII одделение во основните училишта. Овој предмет е воведен како дел од концепцијата за осовременување на наставата, а училишните градини и практичните активности за храната совршено се вклопуваат во неговите цели.