Арка на Вкусови

Каталог на вкусови кои не смееме да ги изгубиме, од планинските сирења до автохтоните раси и домашните зимници на Македонија.

Арката на вкусови е создадена во 1996 година, на првиот Салоне дел Густо во Торино. Тоа е меѓународен каталог на производи, сорти и автохтони раси кои се во опасност да исчезнат, а се поврзани со одредена територија, заедница и традиција. Секој може да предложи производ, без разлика дали е член на Слоу Фуд, а до 2021 година каталогот опфати повеќе од 5.300 производи од над 130 земји.

Слоу Фуд Македонија ги истражува и ги пријавува македонските производи во Арката уште од своите први години, а досега во каталогот се внесени 36 производи од Македонија. Меѓу нив се сирењата од планинските пасишта, автохтоните раси овци, кози, говеда и кокошки, домашните колбаси, зимниците, леповите и пијалоците кои со генерации се правеле во македонските села.

Повеќето од нив ги прават неколку семејства или постари луѓе, главно за свои потреби. Внесувањето во Арката е првиот чекор: производот станува видлив, неговата приказна се запишува, а заедниците добиваат поддршка да го зачуваат. Некои производи од Корап и Гора ги делиме со соседните Албанија и Косово.

Сирења и млечни производи

Густо, кремасто сирење, по изглед слично на маскарпоне, од млеко на овчеполска праменка. Се прави на крајот од лактацијата, од крајот на август до почетокот на септември, кога млекото е најбогато.

Млекото полека се загрева, зоврива, се лади на 25°C и се соли. Потоа одмора три до четири дена и се меша на секои два до три часа. Не се додаваат ни сириште ни закваска, туку се згуснува и ферментира само со природната микрофлора на млекото. Традиционално се чувало во земјени или дрвени садови, а на студено трае до една година.

Тоа е зимска храна, која традиционално се чувала за Божиќ и се служи како мезе со ракија или со свежи и печени пиперки.

Зошто е загрозен?

Овчарството опаѓа, а со него и производството на традиционални млечни производи. Денес буламач прават само неколку семејства во малешевските села, главно за свои потреби или за туристите.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Сирење од сурово млеко на овчеполска праменка, од селата во Беровско, близу бугарската граница.

Млекото се загрева на 32–35°C и се подсирува околу еден час. Грутката се цеди во газа два до три часа, потоа рачно се кине, се соли и се меша со ситно сецкани и солени зелени пиперки. Сирењето зрее две до три недели на 12–16°C.

Зошто е загрозен?

Овчарството и традиционалната испаша опаѓаат, производителите тешко ги исполнуваат новите санитарни и ветеринарни правила, а најголемиот дел од заработката оди кај трговците. Сирењето некогаш се продавало на пазарите во Солун, а денес главно на рефус на пазарот во Берово.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Овците пасат во близина на солените почви, солчаците, кои му даваат на млекото специфичен вкус и природна сол.

Веднаш по молзењето, млекото се цеди во дрвена каца обложена со ленено платно. Се подсирува со природно сириште, понекогаш растително, од локалната трева сириштара. Грутката се цеди, се сече на парчиња од 8–10 cm, се соли, се реди во дрвена каца и се притиска со камен. Сирењето зрее еден месец во сопствена саламура.

Зошто е загрозен?

Според локалните фармери, производството опаѓа од крајот на 1980-тите. Трошоците за одгледување овци растат, цената на млекото и месото е ниска, а бројот на овци во Овче Поле нагло се намалува.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Првично се правело само од овчо млеко, а денес и од кравјо или од мешано. Млекото се загрева на 35°C, а грутката, гушот, се тепа со посебно дрвено орудие во три серии од по 50 удари, по што го добива и своето име.

Сирењето се меси, се оформува во топка, се цеди, а потоа погачите се сушат на сонце неколку дена, се сечат на парчиња од 5–6 cm, повторно се сушат, се солат со сува сол и се чуваат во саламура.

Зошто е загрозен?

Сирењето се прави главно за домашни потреби или директна продажба и ретко стига до пазарите. Подрачјето е изолирано, младите заминуваат во потрага по работа, а постарото население нема на кого да го пренесе знаењето.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Меко сирење во саламура, од непастеризирано млеко на шарпланинска овца, правено на планинските пасишта во Националниот парк Маврово.

Млекото се цеди низ 10–12 слоја платно, грутката се сече на коцки, се цеди и се притиска четири до пет часа. Парчињата од 10×10 cm преку ноќ стојат во саламура, а потоа се редат во лимени канти со 10–12% саламура и зреат две до четири недели на 10–15°C.

Зошто е загрозен?

Полуномадското овчарство речиси нема поддршка, хигиенските стандарди се строги, а индустриските сирења се поевтини. Чистата шарпланинска овца, вкрстувана со мерино, опстојува само во неколку оддалечени села на Шар Планина.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Кашкавал од сурово овчо млеко, правен на летните пасишта на Шар и Бистра, кај Лазарополе и Галичник. Мајсторите потекнуваат од селото Крклја, а овците зимуваат во Градско, покрај Вардар.

Млекото се подсирува на 32–38°C, грутката се цеди и се притиска, па се остава да закиселува 18–20 часа. Исечените парчиња се потопуваат во топла вода на 70–74°C и се месат во еластична маса, која се соли и се полни во метални калапи. Кашкавалот потоа 35–45 дена постепено се соли со сува сол.

Зошто е загрозен?

Тешки услови за работа, слаба инфраструктура, недоволна поддршка од државата, малку интерес кај младите, конкуренција од индустриските сирења и вкрстување на шарпланинската овца со мерино.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Традиционален производ од Центар Жупа, крај со 23 села меѓу планината Стогово и Дебарското Езеро.

Млекото, традиционално сурово овчо, а денес и кравјо, полека се загрева и се меша со дрвена лажица додека не се запени, па се лади на 40°C. Се додава квасец од претходниот ден и млекото се подсирува четири до шест часа. Потоа два дена се цеди во платно на сенка, се соли, се реди во дрвени или земјени садови и се прелива со слој стопена маст. Може да се чува до една година.

Зошто е загрозен?

Бројот на овци е значително намален, многумина се иселиле на работа во странство, а лошите патишта ги отежнуваат продажбата и подобрите цени.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Зимница што ја подготвувале жените и девојките од селата во Центар Жупа, во септември и октомври. Изварката е сирење од полномасно млеко, кое се чува во тегли под слој стопена овча маст.

Жолтите пиперки се отвораат одозгора, се чистат од семките и се полнат со изварка, малку кисело млеко и сол, а потоа се редат во тегли во слоеви. По 20 дена на ладно место, околу 10°C, се подготвени за јадење.

Зошто е загрозен?

Иселувањето, особено на младите, го носи исчезнувањето на традиционалната храна. Пиперките со изварка се прават уште само во некои села, а многу млади од поградските делови на регионот не знаат дека постојат.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Автохтони раси

Коза со долго, густо и сјајно крзно, бело, црно, кафеаво, црвено или шарено, со издолжена глава и рогови свртени наназад. Возрасните тежат 35–65 kg. Пасе главно на сиромашни пасишта и се одгледува пред сè за месо од јариња, а млекото, во просек 140 литри по лактација, се користи за бело сирење.

Најзастапена е во источниот и југоисточниот дел од земјата, а ја нема во Пелагонија и Скопско.

Зошто е загрозен?

Неплански се вкрстува, најмногу со санска и алпска коза, па многу мешани стада имаат животни кои генетски не одговараат на изворната раса. Забраната за одгледување кози од 1947 година, укината дури во 1989, довела до колење на околу 500.000 кози и сериозно го нарушила одгледувањето.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Раса со името на Овчеполската висорамнина, раширена околу Штип, Свети Николе, Крива Паланка, Пехчево и Берово. Има црна или кафеава глава, овните најчесто се со рогови, а овците секогаш без рогови.

Лактацијата трае во просек 191 ден, со околу 72 литри млеко и 5,4% млечна маст. Месото, млекото и сирењето имаат благ солен вкус, поврзан со солените пасишта по кои овците традиционално пасат.

Зошто е загрозен?

Главната закана е непланското вкрстување со други раси. Стадата се драстично намалени во однос на минатото, а голем дел од дабовите шуми каде што паселе се исечени уште на почетокот на 19 век.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Мала до средна овца, именувана по Шар Планина, со бела глава, уши и нозе. Се одгледува западно од Вардар, од Битола и Преспа на југ до Скопје и Куманово на север. Се проценува дека до 30% од овците во земјата припаѓаат на оваа популација.

Се одгледува за месо, млеко и волна. Лактацијата трае околу 199 дена, со околу 63 литри млеко, кое најчесто завршува во бело сирење.

Зошто е загрозен?

Вкрстувањето со други раси, како виртембершката овца, ја загрозува чистотата на расата, а чистата шарпланинска праменка сè потешко се препознава.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Автохтона селска кокошка од северниот централен дел на Македонија, одгледувана без влијание на увезени раси. Перјето има сребрен сјај, во три основни типа. Носи 100–120 јајца годишно, од по 50–60 грама, а од ноември до март не несе. Издржлива е, отпорна на болести и вешто се чува од предатори.

Јајцата се дел од секојдневната исхрана, а од нив се прави и чаубур, јадење од варени јајца со пржено брашно и зачини.

Зошто е загрозен?

Четири децении интензивно сточарство донесоа увезени хибриди. Птичјиот грип во 2000-тите ја уништи автохтоната популација во Битолско, а истражувањето од 2015 година пронајде само околу 156 птици со типични особини, во Волково и Студена Бара.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Локална популација на расата буша, некогаш раширена низ целиот Балкан. Тоа е стар, примитивен тип говедо со мали рогови во облик на лира и крзно кафеаво, сиво, црно, црвено или пругасто.

Кравите даваат 680–1.460 литри млеко годишно. Издржливи се и отпорни на болести, па се важен извор на млеко и месо таму каде што попродуктивните раси тешко опстојуваат. Во Македонија се води како раса со тројна намена, за млеко, месо и работа.

Зошто е загрозен?

Неконтролираното вкрстување со попродуктивни раси во последните децении драстично го намали бројот на чисти грла.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Автохтоната македонска пчела, Apis mellifera macedonica, е распространета низ историскиот регион Македонија, од источна Албанија до западна Бугарија.

За нејзина заштита, во 2016 година е основан Слоу Фуд Президиум.

Зошто е загрозен?

Пчеларите често купуваат матици од увезени, неавтохтони раси, како крањската и италијанската пчела, што ја загрозува генетската чистота на македонската пчела.

Извор: Слоу Фуд Президиуми, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Колбаси

Месото од ребра, стомак, плешка, врат и глава на црната свиња мангулица рачно се сецка на коцки од околу 1 cm и се зачинува со морска сол, свежа и сушена црвена пиперка, свеж праз, лук и црн пипер.

Се полни во свински црева, а потоа се чади четири до шест часа на дрво од смрека и слива. Се јаде печен или пржен.

Зошто е загрозен?

Постапката е тешка и младите немаат интерес да ја научат, а иселувањето остава постаро население. Луканецот денес се прави главно за домашни потреби или директна продажба.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Колбас од источниот дел на земјата, од месо од ребра, стомак, врат и глава, зачинето со морска сол, свежа црвена пиперка, праз и црн пипер.

По полнењето, колбасите два до три дена се сушат над шпорет на дрва, а потоа четири до пет часа се печат на дренови прачки. Се сечат на 20–25 cm, се пржат во свинска маст околу еден час и се редат во голем керамички сад, прелиени со маст. Така се чуваат до една година.

Зошто е загрозен?

Селата се празнат, а повеќето жители се постари луѓе. Сложената постапка и уникатниот начин на чување го ограничуваат колбасот на домашна употреба и директна продажба.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Свинско и говедско месо во однос 3:1 се сечат на парчиња од околу 1 cm и се мешаат со морска сол, свежа црвена пиперка буковец, праз, сушена нане и црн пипер.

По одмор од 24 часа, смесата се полни во свински црева долги 25–30 cm, а колбасите околу два дена висат на проветрено место. Се јадат печени или пржени.

Зошто е загрозен?

Тешките услови за живот го зголемија иселувањето, населението старее, а младите немаат интерес за сложената постапка.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Овошје, зеленчук и мешунки

Пиперка од која се прави црвен пипер, ценет по вкусот и традиционалното сушење. Се бере во септември и почетокот на октомври, а потоа околу еден месец се суши обесена под стреите и на балконите, на ветер и топлина, но со само два до три часа директно сонце дневно.

Сувите пиперки се кршат во дрвена чутура и се мелат на воденични камења. Буковецот, лутиот пипер за директна употреба, се крши заедно со семките. Кон крајот на 19 век околу Буково имало околу 30 хектари под пиперка.

Зошто е загрозен?

Производството е многу помало од порано. Летата се посуви, водата во реките е помалку, а болестите се чести, па пиперката денес главно се одгледува на мали површини за семејни потреби.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Ситен кикирики со црвеникаво-виолетова, цврсто прилепена лушпа и фин вкус, кој се одгледува во Колешино и околните села најмалку 80 години. Мешунката најчесто има четири зрна.

Се јаде суров, печен со сол или во разни рецепти, а стеблата и лисјата се користат како храна за добитокот.

Зошто е загрозен?

Се одгледува во мали количини, главно за домашни потреби. Постарите генерации го одгледувале за продажба, а денес сè помалку луѓе се занимаваат со него.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Темноцрвена до речиси црна цреша, со плод од 23 до 28 mm. Постојат два локални типа: охридска крцка и поголемата вистинска охридска.

Дрвјата растат поединечно во дворовите на старите куќи и некогаш речиси секое семејство имало по неколку. Се јаде свежа или се преработува во сок, џем, мармалад, слатко, желе и ракија.

Зошто е загрозен?

Градежништвото и туризмот го намалуваат бројот на дрвја, кои често се сечат за да се изгради, а нови не се садат. Сортата е оценета како загрозена, со реална опасност да исчезне.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Автохтона сорта грозје што со векови се одгледува во Валандовско. Доцна зрее, во средината на октомври, а може да се чува до шест месеци, на лозата во благите зими или на ладно и суво место, во слама или нанижано на вишала.

Гроздовите се големи, со крупни овални зрна кои од зеленикаво-жолти стануваат жолто-портокалови. Најдобрите гроздови одат за вино, послабите за ракија, а се јаде и како трпезно грозје. Некогаш било едно од ретките свежи овошја во зима и извор на енергија за време на постите.

Зошто е загрозен?

Денес се продава само во мали количини. Лозарите сè повеќе садат меѓународни сорти, па нови лозја од оваа сорта речиси не се садат, а доцниот град може да ги уништи посевите.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Автохтона сорта грозје од семејството на црноморските сорти, која во Тиквешијата се одгледува уште од дамнина. Се среќава и под имињата Странушина, „стара“ или „дедова прачка“ и „жолта прачка“. Лозјата се на стрмни, сиромашни и суви падини, а повеќето лози се стари над 50 години.

Грозјето е отпорно на ниски температури и се бере доцна, рачно. Од него се прави комињак, рубинско-црвено вино со арома на јагода, малина и суво овошје, и маџун, кој традиционално се користи како лек и како замена за шеќер во домашната кујна.

Зошто е загрозен?

Производителите преминуваат на меѓународно познати сорти, индустријализацијата во Тиквеш ги одвлекува земјоделците од лозјата во фабриките, а руралните заедници се празнат.

Извор: Слоу Фуд Президиуми, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Слатко од диви смокви кои растат околу Дојранското Езеро, во близина на грчката граница. Плодовите се зелени, крушковидни и ретко целосно зреат. Мажите традиционално ги берат кога ќе почнат да зреат, а жените го прават слаткото.

Смоквите се вријат девет пати за да се извади млечниот сок, па околу еден час се варат во сируп од шеќер и вода, со малку лимон за да ја задржат бојата. Од нив се прави и колач. Слаткото од диви смокви е и Слоу Фуд Президиум.

Зошто е загрозен?

Се прави дома, за семејството, и се продава во мали количини, од уста до уста. Строгите прописи и недостатокот на закони за традиционални производи многу ја отежнуваат сертификацијата за продажба на пазарот.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Локален грав што се одгледува на падините на Беласица, во крај богат со костенови шуми. Се сади покрај пченка или се остава да лази по земја.

Зрната се ситни, речиси тркалезни и бели, по седум до осум во мешунка. Дел е од секојдневната исхрана во Струмичко, во гравче и салати, а семејствата го чуваат за зимата.

Зошто е загрозен?

Уште се сее и се разменува меѓу луѓето, но ретко се наоѓа на пазарите.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Издржливо едногодишно растение кое расте во масивот Корап, од двете страни на македонско-албанската граница. Тенките издолжени листови имаат солен вкус, сличен на спанаќ, со блага киселост.

Листовите се берат во мај и јуни и се користат варени како фил за пити, а може и во салати.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Оцет од диви кисели јаболка, киселици, кој се прави главно во селата во Малешево.

Јаболката се кршат и се оставаат со вода во метален сад, чинкова, околу два месеци кога е топло, или три до четири месеци кога е ладно. Кога ќе омекнат, рачно се дробат, а оцетот се цеди и се чува во стаклени шишиња, каде трае две до три години.

Зошто е загрозен?

Дивите дрвја се сечат за да се изградат туристички објекти, а оцетот го прават главно постарите, па постои опасност традицијата да се изгуби.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Пијалоци и чаеви

Планински чај, Sideritis scardica, кој расте див над 1.500 m на Галичица, а се одгледува и во селото Конско, близу албанската граница. Се бере кон крајот на јуни или почетокот на јули, околу празникот Св. Наум, кога е во полн цут.

Набраниот чај се врзува во снопчиња и се суши. Традиционално се собирал за свои потреби и се продавал на локалните пазари.

Зошто е загрозен?

Небрежното берење на големи количини незрели растенија го нарушува природното размножување. Во Конско се активни уште само три до четири семејни стопанства.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Чај од посебен вид глог, Crataegus monogyna var. sericea, кој расте во подножјето на Корап. Грмушката има долги, длабоко нарежани свиленкасти листови и мирисни цветови кон крајот на пролетта, а наесен дава плодови кои од виолетови стануваат црвени.

Жителите на македонскиот дел од Корап го пијат секојдневно, а се верува дека помага при кашлица и замор.

Зошто е загрозен?

Растението веќе не е широко достапно и тешко се наоѓа.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Ракија од плодовите на бозелот, Sambucus ebulus, растение со бели или розови цветови и ситни сјајни црни бобинки. Плодовите се берат во лето, ферментираат седум дена и потоа се дестилираат.

Ја прави заедницата од Корап, од двете страни на границата, и се пие секојдневно со оброците, а во народната медицина се користи за подобро варење.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Боза од просо, Panicum miliaceum, која ја прават Горанците, заедница од планинскиот крај Гора кој се протега во Македонија, Косово и Албанија. Тоа е благо алкохолен и кисел ферментиран пијалак, кој се прави без слад.

Ферментацијата им овозможувала на горанските семејства да складираат храна за долгите и тешки зими, кога патувањата се отежнати.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Безалкохолен, газиран пијалак кој Горанците го прават од ферментирано, главно диво овошје: суви сливи, сливи, боровинки, смрека, шипинка, диви јаболка и џанки.

Претходно свареното овошје се затвора во шишиња или тегли и ферментира без воздух, понекогаш со малку шеќер. Се пие како освежување и за здравје.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Леб, пити и слатки

Овален леб, долг 20–25 cm, од пченично брашно, наут, сол, квасец и вода. Наутот се одгледува во Неготино и околните села.

Скршениот наут преку ноќ кисне во топла вода во дрвена паница, поставена во поголем сад и покриена со брашно. Наредниот ден се додаваат брашното, солта и квасецот, тестото одмора и се пече.

Зошто е загрозен?

Површините под наут драстично се намалени. Лебот повеќе не се продава во продавници и се меси главно дома, за празници, а сè помалку жени знаат да го подготват. Во последните години има извесно враќање на интересот.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Украсена рачно правена пита, која традиционално се подготвувала за свадби и за гости. Се прави од локалната пченица краткокласеста и мелен црвен пипер од сортата василевска.

Тестото се реди во три слоја, со путер и кравјо сирење меѓу нив, а одозгора се става фил од праз и колбас. Се пече околу еден час и се служи со кисело млеко.

Зошто е загрозен?

Подготовката опаѓа, младите сè поретко ја продолжуваат, а потребните сорти пиперка и пченица сè потешко се наоѓаат.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Свадбарски леб од селото Иловица, во подножјето на Огражден. Тестото е од локалната 'рж иловички, бело пченкарно брашно, пченично брашно, свежо кравјо млеко, путер, сол, јајца и квасец. Се меси двапати и се пече на 220°C.

Се обликува во форма поврзана со свадбените обичаи, опишана како раширени крилја. Се меси во домот на невестата, а на свадбениот ручек невестата го крши и им дава парчиња на младоженецот и на неговото семејство.

Зошто е загрозен?

Обичајот е загрозен со општото губење на традиционалната култура во крајот. Многу обичаи во Македонија згаснуваат, иако во одредени краеви сè уште се силни.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Бела алва од шеќер и локален сусам. Шеќерот се врие со вода додека не се згусне, а потоа се додава вода во која претходно е варен корен од чуен, и смесата уште околу два часа се вари на тивок оган.

Изладениот сируп се влече во ленти, се валка во сусам и се свиткува во форма.

Зошто е загрозен?

Сусамот сè помалку се одгледува, главно во семејни стопанства за свои потреби, а остана само еден активен комерцијален производител.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Риба

Белвица, Alburnus belvica, позната и како нивичка, долга најмногу 12–15 cm. Рибарите ја ловат главно ноќе со традиционални кружни мрежи, карактеристични само за Преспанското Езеро.

Рибата се соли со 300 g сол на килограм и една недела стои во каца, под лисја и тешка камена плоча. Потоа се ниже на конец и една до две недели се суши на сонце. Не се чисти пред сушењето и може да трае до две години. Пред јадење кисне во млака вода, а се служи со масло, магдонос, лук и лута пиперка или лесно пржена.

Зошто е загрозен?

Производството опаѓа, а во соседните села, како Долно Дупени и Љубојно, традицијата речиси исчезна. Младите заминуваат од Преспа и сè помалку луѓе ја учат постапката.

Извор: Арка на вкусови, Фондација Слоу Фуд за биодиверзитет

Мапа на Арка на Вкусови

За движење на мапата, користете два прсти