Застапување
Се залагаме за закони и политики што ги штитат малите производители, биодиверзитетот и правото на добра, чиста и правична храна.
Добрата, чистата и правичната храна не зависи само од изборите што ги правиме на трпезата, туку и од законите, политиките и одлуките што се носат во институциите. Затоа Слоу Фуд Македонија им дава глас на малите производители, земјоделците и заедниците, и бара правила кои ги штитат, а не ги туркаат надвор од пазарот.
На европско ниво, Слоу Фуд бара храната да стане политички приоритет: реформа на Заедничката земјоделска политика кон поддршка на органските и агроеколошките земјоделци, кратки синџири на снабдување и здрава храна во јавните кујни, строги правила за новите геномски техники и забраната за ГМО, како и заеднички закон за одржливи прехранбени системи.
Во Македонија, застапувањето веќе донесе конкретни резултати. На иницијатива на малите винарии членови на Слоу Фуд, во 2019 година се олеснија условите за регистрација на малите семејни винарии, кои за првпат можат легално да произведуваат до 50.000 литри вино и да го продаваат директно од куќен праг. Во 2019 и 2020 година, Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со Слоу Фуд, ги изработи правилниците за директно снабдување со мали количини храна од животинско и од неживотинско потекло. Со нив малите производители можат легално да продаваат млеко и сирење, месо, мед, јајца, зимници и други производи директно на потрошувачите, а опфатена е и храната со традиционални карактеристики. Од 2025 година, на иницијатива на Слоу Фуд, во основното образование е воведен изборниот предмет Едукација за одржлива иднина.
Застапување на засегнати страни
Малите производители и семејните стопанства, овчарите и сирењарите од планинските пасишта, лозарите и винарите кои чуваат автохтони сорти, како и заедниците на Президиумите и Арката на вкусови, најдобро ги знаат проблемите со кои се соочуваат, но ретко се слушаат таму каде што се носат одлуките. Слоу Фуд Македонија ги собира нивните искуства и ги претвора во заеднички барања.
Се залагаме за правила прилагодени на малото и традиционалното производство, кои ја чуваат безбедноста на храната без да ги туркаат производителите надвор од пазарот, за заштита на автентичните производи од имитациите, со наративни етикети и директна продажба по фер цени, и за поддршка на младите и руралните заедници, за знаењето и производите да се пренесат на следната генерација.
Соработка со институции и лобирање
Ги следиме законите, правилниците и стратегиите кои ја засегаат храната, земјоделството, безбедноста на храната и образованието, и врз основа на искуството на нашите членови подготвуваме конкретни предлози за нивни измени. Предлозите ги претставуваме директно пред министерствата, агенциите и другите институции, а учествуваме и во јавните консултации за законите и стратегиите, каде ги објавуваме нашите ставови.
Список на институциите со кои соработувавме на конкретни проекти и настани.
Министерство
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
Поддршка на четвртото издание на Слоу Фуд Салон во 2025 година.
Министерство
Министерство за животна средина и просторно планирање
Поддршка на проектот Зелен полигон за едукација на Слоу Фуд Водно и детското списание Полжавче.
Образование
Биро за развој на образованието
Воведување на изборниот предмет Едукација за одржлива иднина во основните училишта, од 2025 година.
Образование
Основни училишта
Слоу Фуд училишни градини во дваесет основни училишта, со едукативни работилници за учениците и наставниците.
Факултет
Факултет за туризам и угостителство, Охрид
Домаќин на мастеркласата на Филип Ондрушек во 2026 година.
Факултет
Факултет за земјоделски науки и храна, УКИМ
Технички партнер на Президиумот за планинските сирења од Мавровска Река.


