Слоу Фуд Фарми

Слоу Фуд Фарми ги обединува, мапира и промовира семејните стопанства кои произведуваат храна според агроеколошки и одржливи принципи.

Слоу Фуд Фарми претставува глобален проект на Слоу Фуд Интернационала, чија цел е мапирање, поврзување и промовирање на малите семејни земјоделски стопанства кои произведуваат храна според агроеколошки и одржливи принципи. Во Македонија, оваа мрежа ги обединува фармите и производителите кои се директни чувари на македонскиот агробиодиверзитет и руралната традиција.

За едно мало стопанство или фарма да биде дел од оваа мрежа, тоа треба да ги задоволува клучните принципи на Слоу Фуд за добра, чиста и правична храна:

  • Богата со биодиверзитетФармата одгледува разновидни култури кои меѓусебно се поддржуваат, ги чува и размножува локалните сорти и одгледува автохтони и загрозени раси, наместо монокултури.
  • Традиционални семињаФармата користи сопствени или локални семиња, кои ги чува и ги разменува со другите фармери. Таквите семиња се прилагодени на климата и почвата, поотпорни на болести и дел од културното наследство.
  • Здрава почваФармата ја храни почвата со компост, арско ѓубре и зелено ѓубрење, применува плодоред и покривни култури и не користи синтетички пестициди и вештачки ѓубрива.
  • Одржливо користење на ресурситеФармата штедливо ја користи водата, собира дождовница и наводнува капка по капка, користи обновливи извори на енергија и ја намалува амбалажата.
  • Почит кон животнитеЖивотните се одгледуваат на отворено и на пасиште, без кафези и пренатрупаност, а антибиотици се користат само кога е неопходно и под надзор на ветеринар, никогаш превентивно или за побрз раст.
  • Синергија на фарматаРастенијата, животните и дрвјата работат заедно: животните даваат ѓубриво и ја пасат тревата, корисните инсекти ги контролираат штетниците, а отпадот се претвора во ресурс.
  • Економски разновиднаФармата има повеќе извори на приход: директна продажба на купувачите, пазари на фармери, соработка со локални ресторани и продавници, едукација и прием на гости кои сакаат да ја запознаат фармата.
  • Дел од поширока променаФармата е дел од заедницата и од мрежата на Слоу Фуд: учествува во локалните иницијативи, го споделува своето знаење со другите фармери и ја поддржува агроеколошката транзиција.

Слоу Фуд Фарма не може да биде стопанство кое одгледува монокултури, користи ГМО или нови геномски техники, синтетички агрохемикалии или хормони за раст, одгледува без почва или во загревани оранжерии, ги продава производите главно како стока на странски пазари, значително ја загадува животната средина или ги крши правата на работниците и добросостојбата на животните. Слоу Фуд Фарми не е сертификат, туку мрежа на фармери кои се дел од движењето.

Прв акселератор и модел-фарма

Фармата „Тет-а-тет со природата“ на семејството Колеви во Витачево е пионер, прв акселератор и модел-фарма во мрежата на Слоу Фуд Македонија, која преку одржливо сточарство, овоштарство и пермакултура ги поставува стандардите за развој на идното агроеколошко производство во земјата.

Мапа на Слоу Фуд Интернационални фарми

Македонските фарми се дел од глобалната мрежа Слоу Фуд Фарми, која обединува стотици фарми од повеќе од 70 земји ширум светот. Секоја од нив, на свој начин, го чува биодиверзитетот, применува агроеколошки практики и е тесно поврзана со својата земја и заедница. На мапата можете да ги пронајдете сите фарми во меѓународната мрежа.