Историјат
Слоу Фуд е глобално движење кое се залага за добра, чиста и правична храна за сите. Започна како мала културна иницијатива во италијанското гратче Бра, а денес е присутно во повеќе од 160 земји ширум светот. Ова е приказната за тоа како движењето порасна — и како Македонија стана дел од неа.
Почетоците
Корените на Слоу Фуд се во Пиемонт, на северот на Италија. На 26 јули 1986 година новинарот и гастроном Карло Петрини, заедно со група пријатели од неговиот роден град Бра, ја основа асоцијацијата Арчигола (Arcigola).
Истата пролет, во Рим, на Шпанскиот плоштад беше отворен првиот McDonald’s во Италија. Тој настан останува запаметен како искрата што ги поттикна љубителите на храна да се организираат против стандардизацијата на храната и забрзаниот начин на живот.
На 3 ноември 1987 година, во списанието Gambero Rosso, тогаш додаток на весникот Il Manifesto, беше објавен Манифестот на Слоу Фуд, чиј автор е Фолко Портинари.
Во декември 1989 година, во театарот Опера-Комик во Париз, претставници од 15 земји го потпишаа Манифестот и Слоу Фуд официјално стана меѓународно движење. Петрини беше избран за негов прв претседател, функција што ја извршуваше сè до 2022 година.
Полжавот стана симбол на Слоу Фуд токму на средбата во Париз во 1989 година — како потсетник дека добрата храна бара време, внимание и почит.
Од Бра до светот
-
1986
Основана Арчигола
Претходничката на Слоу Фуд е основана во Бра, со цел да ја заштити италијанската гастрономска култура.
-
1987
Манифестот излегува во јавноста
Првата верзија на Манифестот на Слоу Фуд е објавена во Gambero Rosso.
-
1989
Париз: раѓање на меѓународното движење
Во Опера-Комик, делегати од 15 земји го потпишуваат Манифестот.
-
1990
Првата книга
Издавачката куќа Слоу Фуд Едиторе го објавува водичот „Osterie d’Italia“ за традиционалните италијански гостилници.
-
1992–93
Првите национални асоцијации
Основани се Слоу Фуд Германија (1992) и Слоу Фуд Швајцарија (1993).
-
1996
Salone del Gusto и Арката на вкусот
Првиот Salone del Gusto во Торино е повод за лансирање на Арката на вкусот — глобален каталог на сорти, раси и традиционални производи на кои им се заканува исчезнување.
-
1997
Првиот саем „Cheese“
Во Бра се одржува првото издание на саемот посветен на сирењата од сурово млеко и биодиверзитетот што тие го носат.
-
1999
Слоу Фуд Президиуми
Програмата ја продолжува Арката: Слоу Фуд директно работи со групи мали производители за да го обезбеди опстанокот на нивните производи.
-
2003
Фондација за биодиверзитет
Основана е Фондацијата Слоу Фуд за биодиверзитет, во партнерство со регионот Тоскана, која ги води Арката и Президиумите.
-
2004
Terra Madre и Универзитетот во Поленцо
Првата светска средба на прехранбените заедници Terra Madre собира 5.000 делегати од 130 земји. Истата година се основа Универзитетот за гастрономски науки во Поленцо и се одржува првиот Slow Fish во Џенова.
-
2006
„Добра, чиста и правична храна за сите“
Слоу Фуд го лансира мотото кое и денес ја дефинира неговата филозофија.
-
2011
Indigenous Terra Madre
Првата средба на домородните прехранбени заедници од целиот свет се одржува во Јокмок, Шведска.
-
2017
Конгрес во Кина
Седмиот меѓународен конгрес на Слоу Фуд се одржува во Ченгду.
-
2022
Нова ера
На осмиот меѓународен конгрес во Поленцо (16 јули), Слоу Фуд станува фондација на учесници. По 33 години, Карло Петрини се повлекува, а за претседател е избран Едвард Мукиби од Уганда. Марта Меса станува генерален секретар.
-
2026
40 години Слоу Фуд
Шеснаесеттото издание на Terra Madre Salone del Gusto (24–27 септември) за првпат се одржува низ центарот на Торино. Во негови рамки се одржува и првото Собрание на учесници, со близу 800 делегати од над 125 земји, на кое Мукиби е потврден за претседател.
Карло Петрини (1949–2026), основачот на Слоу Фуд и Terra Madre, почина на 21 мај 2026 година во својот дом во Бра, на 76-годишна возраст. Неговата визија продолжува да живее преку илјадниците заедници што го сочинуваат движењето.
Добра, чиста и правична
Добра
Квалитетна, вкусна и здрава храна, поврзана со локалната култура и традиција.
Чиста
Произведена на начин што ја почитува природата — почвата, водата, биодиверзитетот и животните.
Правична
Достапни цени за потрошувачите и фер услови и плата за производителите.
Слоу Фуд во Македонија
Првите активности на Слоу Фуд во Македонија датираат од 2008 година. Оттогаш мрежата постојано расте — од неколку ентузијасти до национална организација што ги обединува конвивиумите и прехранбените заедници од целата земја: земјоделци и овчари, универзитетски професори, наставници, готвачи и млади активисти.
-
2008
Првиот конвивиум
Основан е Слоу Фуд Скопје — првиот конвивиум во Македонија.
-
2010
Првиот македонски Президиум
Слаткото од дива смоква од Богданци, Дојран и Валандово станува првиот Слоу Фуд Президиум во Македонија.
-
2011
Слоу Фуд Битола
Слоу Фуд Битола се регистрира како здружение за заштита, промоција и едукација за храна.
-
2012
„Биодиверзитет на млеко“
Започнува кампањата за заштита на традиционалното производство од сурово млеко.
-
2013–16
Регионална соработка
Заеднички проект со Слоу Фуд за јакнење на граѓанското општество во Југоисточна Европа како кредибилен чинител во политиките за храна и руралниот развој.
-
2016
Тера Мадре Македонија во Битола
Од 24 до 26 јуни, Битола беше домаќин на првото издание на „Тера Мадре Македонија“, која ги собра локалните Слоу Фуд заедници, здруженијата на производители, младите активисти, експертите и готвачите од цела земја околу заедничката цел за заштита и промоција на локалната храна.
-
2018
Основана Слоу Фуд Македонија
На 14 април, 57 делегати од целата земја се собираат во Скопје и ја основаат Слоу Фуд Македонија како национална организација. За претседател е избран Николче Николовски. Во тој момент Македонија има четириесетина производи во Арката на вкусот и пет Президиуми.
-
2019
Правилници за директна продажба
Во соработка со работната група при Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Слоу Фуд Македонија придонесе кон изгласувањето на Правилниците за директна продажба, со што малите производители добија законска можност своите производи да ги продаваат директно на потрошувачите.
-
2019
Првиот Слоу Фуд Салон
На 18 и 19 октомври, во Скопје, над 100 производители ги претставуваат своите производи на првото издание на Салонот.
-
2021
Првиот Вински Салон "Slow Wine"
Со Првиот Вински Салон „Slow Wine 2021“ во Битола, Слоу Фуд Македонија ја отвори вратата кон приказните зад виното, луѓето, лозјата и теројарот кој го прави секое шише уникатно.
-
2024
Втор конгрес во Битола
Во јули, 70 делегати од конвивиумите ширум Македонија се собираат во Битола под мотото „Дојди на трпезата“. Во ноември се одржува третиот Слоу Фуд Салон.
-
2025
Воведен изборен предмет „Едукација за одржлива иднина“
Во соработка со Министерството за образование и наука, од учебната 2025/2026 година во основните училишта е воведен изборниот предмет „Едукација за одржлива иднина“ за шесто и седмо одделение. Предметот произлегува од десетгодишната работа на тимот за едукација на Slow Food Македонија и иницијативата Slow Food Училишни Градини.


