Едукативниот настан под мотото: „Стоп ГМО со уметност”, преку кој Македонија се приклучи на 30тината земји во светот, кои денес маршираа против генетски модифицираните организми (ГМО) и американската корпорација „Монсанто“, за жал наиде на многу мал одѕив меѓу граѓаните. Подмладокот на „Slow Food Youth“, „5th Element“, како и членовите на групата „Македонија земја на Сонцето и Органска, Здрава храна”, и покрај добрата идеја да ги едуцираат своите сограѓани загенетски модифицираната храна, останаа или ако сакате беа оставени сами на себе. Искусните невладини организации кои со години дејствуваат и имаат големо влијание и заслуги за промена на јавното мислење, сега не ги подржаа своите млади колеги.
Ги оставија сами да го кршат ледот, сами да ја наметнат тезата за ГМО, сами да истражуваат и докажуваат дали има или нема ГМО во Македонија? Дури и институциите кои индиректно се прозвани да се изјаснат за конкретната проблематика во која се сомневаат потрошувачите – не само што молчат, туку и не пројавија интерес да ги подржат овие млади ентузијасти за поддршка на здрава храна, со било каква форма на апликација, идеја, поздравување на настанот.Но, како и да е „Slow Food Youth“ на Македонија, како што објаснува и Катарина Радевска, една од неговите основачи, – е здружение кое ги обединува младите за промоција и поддршка на традиционален начин на производство на храната и традиционално консумирање на храната.
„Во модерното општество,ГМО храната зазема се поголем дел од пазарот и со тоа ја потиснува здраварта исхрана во човековото секојдневие, затоа Slow Food млади на Македонија ја организираше оваа ликовна колонија, под мотото „Стоп ГМО со уметност” преку која младите уметници, а и сите други младинци користејќи ги своите уметнички вештини ќе го изразат своето мислење против ГМО храната. Целта на настанот е едукација на луѓето за тоа што е ГМО, бидејќи сметаме дека поголем дел од населението не се запознати со ваквиот тип на исхрана. Ова е првиот настан што е дел од кампањата која започнува од нашата организација како младински огранок на Slow Food Маедонија, вели Радевска. Шенај Скендеровска, дипломир. инженер по прехранбена технологија, исто така член на младинскиот огранок на Slow Food, објаснува дека официјално во Македонија, нема ГМО. Таа вели дека иако имаме лабораторија за контрола на ГМО, не е баш сигурно како функционира. Според неа денешниот настан се организира со цел да се едуцира населението дека постои генетско модифицирање на храната и да се предупреди на неговите штетни влијанија.
„Ние не го организиравме нашиот настан како марш, бидејќи нашиот народ не е доволно едуциран за да организираме таков настан. Овој настан е со едукативнен карактер. Контактиравме со некои од институциите и, не дека не добивме поддршка , туку не најдоа за сходно да дојдат,“ вели Скендеровска.
Таа додава: „На Балканот има ГМО, а бидејќи Македонија увезува од соседните земји, факт е дека
индиректно на пазарот има и ГМО храна. Колку за пример, 80 отсто од сојата која се произведува во светот е генетски модифицирана. Што значи дека сите производи кои содржат соја би значело дека се во таа група.“
А како што денешниот настан имаше едукативен каратер, во тој контекст Скендеровска, објаснува: дека ГМО се организми кои во својата структура содржат ген кој природно го нема, најчесто гени од инсекти и од риба кои ги подобруваат својствата на овошјето и зеленчукот. ГМО не настанува природно, па затоа нашиот организам го препознава како туѓо тело и реагира со создавање на разни болести. Младите треба да знаат дека ГМО го загрозува биодиверзитетот(различните видови и сорти ), ја загадува почвата со што директно е закана за малите фарми, ги уништува автохтоните сорти и секако директно се одразува на „Ова се дел од информациите со кои ги едуцираме младите, а нели на младите светот останува“, порача Скендеровска Како еден од организаторите на настанот е и „5th Element“, организација за која Сузана Николовска , вели дека е формирана со цел, превенција и едукација во областа на исхраната против малигните заболувања, односно да не стигниме до таму.
Патот во едукацијата е тежок, вели таа но, ова не е протест туку почеток на едукацијата која понатаму ќе продолжи преку конференции преку кои ќе им се доближи на младите искуството и потребата за здрава храна.
„ Во Македонија освен написите, нема официјални информации за ГМО, а ние како невладина имаме задача да го едуцираме народот . Според нашите анализи досега не сум срeтнала етикети на кои е одбележано присуството на ГМО, но тоа не значи дека нема.Но, убаво е да се знаат бројките со кои се нумерираат одредени состојки во производите. Така ознаките со кои се одбележуваат пестицидите започнува со бројот четири , а ГМО, со бројот осум.“
Николовска сака младите повеќе да се информираат, особено да знаат дека Македонија е една од ретките земји која ги има задржано автохтоните сорти – богатство кое треба да го зачуваме за нашите генерации… Во регионот маршеви против ГМО беа организирани во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија и во Грција.
М.Балдазарска toppost.mk


