Стевчо Доневски и неговото познато семејство Доневци од Кратово повеќе децении произведуваат толчена сол на традиционален начин која ја нудат на саеми и настани.
Во дрвен сад од цреша или од даб, Стевчо Доневски од Кратово става ароматични билки, како нане, ноктец, мајчина душица, црвен пипер лут и благ, повечерка, старо семе, пченка- белајка и рузмарин. За да произведе 10 килограми толчена сол, која е брендирана како кратовска „к’цана сол“, потребно е оваа смеса да се толчи 14 часа. А за да остане повеќе од аромата и од етеричните масла во билките, тие се берат со специјални дрвени ножеви. Доневски и неговото познато семејство Доневци повеќе децении произведуваат к’цана сол на традиционален начин. Тие со години соработуваат со организацијата Slow Food, која е непрофитна организација со членови и поддржувачи насекаде во светот, кои го поврзуваат задоволството и добрата храна со обврската кон нивната заедница и кон животната средина.
Потоа оваа сол се продава во различни пакувања, а цената достигнува до 60 денари за едно мало кесиче од 100 грама.
– Нашата фамилија произведува к’цана сол уште од времето на прабаба ми, така што го пренесуваме рецептот од колено на колено. Во Кратово и Кратовско има и други фамилии што произведуваат ваква сол – вели Стевче. – Во организација на мрежата за гастрономија на Slow Food посетуваме многу саеми и настани на кои можеме да го презентираме нашиот производ и да привлечеме туристи во Кратово – вели Доневски. Поради тоа, тој често има гости во својата етнокуќа, односно Шанчевата куќа, која се наоѓа во центарот на Кратово и е изградена 1921 година. Неодамна тука биле двајца новинари од Швајцарија, кои напишале репортажа за местото.
Инаку, Николче Николовски од „Слоу фуд Македонија“ (Slow Food Macedonia), објаснува дека тие настојуваат да ги заштитат токму ваквите традиционални вредности од регионалната домашна кујна и на тој начин да го поттикнат земјоделството со растенија, семиња и со добиток карактеристични за локалниот екосистем. Покрај Стевче, тие соработуваат со повеќе вакви производители на локални специјалитети од сите региони на земјава.
– Своите цели за традиционална храна и за промоција на локалните мали производители се обидуваме да ги реализираме преку агенда, насочена против глобализација на земјоделските производи – вели Николовски. Националната мрежа на „Слоу фуд“ во Македонија ја сочинуваат 15 локални ограноци, наречени конвивиуми, 2 асоцијации на производители наречени „Президиуми“ и автономна младинска организација „Слоу фуд млади Македонија“, која ги обединува сите млади членови и поддржувачи на „Слоу фуд“ во Македонија. Македонската мрежа е интегрирана на меѓународно ниво во „Слоу фуд интернационал“. – Соработуваме со малите производители во руралните средини кои се последните зачувувачи на локалниот биодиверзитет и традиционалните техники на одгледување и производство, кои поседуваат голем потенцијал за производство на традиционална храна, врз чие производство би се темелел руралниот развојот на тие средини и заедниците што живеат таму – вели Николовски.
Тој потенцира дека храната што ја промовира и поддржува „Слоу фуд“ е добра, чиста и оригинална, што значи вкусна, автентична локална храна, произведена со почитување на животната средина, благосостојбата на животните и здравјето на консументот, и со правично вреднување на трудот на производителот и на цената што ја плаќа консументот. Нивните активности во изминатите 6 години главно се однесуваат токму на зачувување на локалниот биодиверзитет на храната и на поддршката на малите производители на традиционална храна. Минатата година, „Слоу фуд млади Македонија“ имаа кампања против дозволата за производство на генетски модифицирана храна (ГМО), а годинава тие започнаа кампања „К’сни си слоу“ за покревање на свеста кај средношколците за штетните последици од брзата храна.
– Ги едуцираме следбениците уште од најмала возраст, организираме курсеви за дегустација на вино и настани за промоција на локалните производи и традиции, нивна презентација на големите настани што ги организира Slow Food на меѓународно ниво – вели Николовски.
Тој потенцира дека заедно со партнерите од Балканот и од Европа, следниот месец ќе организираат работилница за хигиенската регулатива за малите производства на храна.
– Исто така, следуваат повеќе локални настани во рамки на конвивиумите. Во јуни нè очекува учеството на регионалниот настан „Тера мадре Балкан“ во Дубровник, а наесен меѓународната конференција „Тера мадре“ и саемот „Салоне дел Густо“ во Торино, Италија – вели Николче.
(Г.Р./Телеграф.мк)
www.telegraf.mk


