TEЛЕГРАФ.МК: ОРГАНСКО СИРЕЊЕ И ЧАЈ: Македонската здрава храна изумира заедно со селата

Семејствата Стојанови и Софрониевски се едни од ретките кои сè уште го негуваат и се трудат да го зачуваат, со помош на одредени организации, традиционалниот начин на производство на здрава храна во Македонија.
Производството на здрава храна во Македонија не е непознаница. Со векови македонските земјоделци и сточари ги произведувале најпрвин за себе, а потоа и за трговија највкусните производи по природен, традиционален начин. Овој начин на производство со изумирањето на животот во селата како да го снемува. Сепак, постојат луѓе и фамилии, кои сè уште го негуваат и се трудат да го зачуваат со помош на одредени организации.

Еден пример е семејството Стојанови од Куманово, кои во својата билна аптека продаваат чаеви од повеќе од 200 видови билки. Тие соработуваат со македонскиот огранок на Светската организација за здрава храна и гастрономија „Слоу фуд“.
– Произведуваме и одгледуваме над 200 врсти билки и оттаму имаме повеќе видови чаеви. На пример, работиме со билки како: тегавец, босилек, жалфија и слично.
Сето ова е органски чај, што е сертифициран и се продава само во наши продавници, и тоа во брендирани мали количини – вели Стефан Стојанов и додава дека чаевите ги продаваат само во Македонија. – Целото производство е рачно направено, со рачно берење, обработка и брендирање на билките, кои ги продаваме само рефус, односно, не користиме филтри. Сами ја вршиме и дистрибуцијата, комплетно сè правиме сами – вели Стефан.
Тој посочува дека работат колку што е можно повеќе и задоволни се од резултатите, имаат за еден достоинствен живот, но не за да се збогатат.

Слично на семејството Стојанови, и семејството Софрониевски од селото Бродец во реканскиот регион што се наоѓа меѓу планините Кораб и Шар Планина произведува органско сирење.
– Овците ги чуваме горе во бачило, на високи пасишта. Таму двапати дневно ги молземе, па потоа го транспортираме млекото и потоа произведуваме сирење – вели Ивица Софрониевски.
Станува збор за непастеризирано сирење што поминува низ специјална процедура на цедење, а кога ќе ја добие потребната форма се сече и се реди.
– Произведуваме сирење на традиционален начин, како што произведувале нашите предци, што е составено од 100% млеко без никакви додатоци.

Големо влијание има и регионот каде што се одгледуваат овците, пасиштата на кои се носат и условите во кои се чува потоа млекото – вели Ивица и додава дека тие имаат изградено специјална просторија во која одржуваат константна температура што има влијание врз квалитетот на сирењето.
Крајниот производ потоа го дистрибуираат и продаваат, исто така, само во Македонија.
Слично како Стојанови и семејството Софрониевски околу пет години соработува со Организацијата за гастрономија и за здрава исхрана „Слоу фуд“, кои своевремено правеле анализи на повеќе производители од регионот. Тие кога го увиделе квалитетот на сирењето веднаш побарале соработка, и така продолжила нивната приказна.

(Г.Р./Телеграф.мк)
www.telegraf.mk

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели