Се ближат неколку Слоу Фуд настани, па луѓе од различни места кои слушнале, а досега не биле дел како членови или како посетители на нашите настани пројавувааат интерес. Тоа секако е убава вест.
Драги луѓе, Слоу Фуд како организација формирана во Италија уште во 1986 година, опстојува до ден денес и се развива во 150 држави затоа што се потпира токму на луѓето, како најзначајна алка. Човекот е на врвот на пирамидата на постоењето, но ако не ги почитува растенијата и животните како и сите живи организми, брзо ќе падне од тронот. Така е и со Слоу Фуд како интернационално движење, така е и со Слоу Фуд Македонија.
Взаемната соработка, поддршка и почит е темелот на успехот и напредокот.
Еве неодамна, на Пазарот на производители во Битола можеше да се забележи таа сплотеност и другарство пред се. Без вистинска љубов и поддршка, нема успешна соработка. Така Елена трча да им донесе вода на сите и како пеперутка минува низ сите штандови да види каде нешто недостасува и секаде се труди да нарави ,,сефте” или промет за поттик. Кирку ги промовира производителите пред неговите гости од странство, Гоце почестува вино, пријателите од Балтазар нудат освежителен сок за да се разладиме…Одеднаш времето се наоблачува и секој секому помага да го собере својот штанд. Во тргнувањето со автомобилите кога дојде време брзо да се упатиме кон дома, на пријателите од Балтазар им откажува автомобилот. Се истрошил акомулаторот заради заборавените светилки. И што сега? Тодорка притрчува да помогне со туркање, по неа Филип…Се придружуваат уште двајца од локална продавничка…Но, попусто. Влетува Даме со автомобилот, правиме мал хаос но, речиси на сред улица се вадат клеми, се доближуваат двата автомобили и ете…автомобилот тргна. Сопственичката на Балтазар радосна и благодарна притрчува да донесе шише сок, во сиот тој хаос, за да се заблагодари…
Луѓето во Слоу Фуд знаат да го поделат појадокот и да го поделат штандот дури и на три дела, за да има место секој да ги постави производите, луѓето во Слоу Фуд отстапуваат место од својот штанд за да изложи некој кој немал место или не се пријавил од одредени причини…Луѓето од Слоу Фуд притрчуваат да носат багаж, да местат и да растураат штандови, да анимираат деца и публика на настаните, да ги претставуваат производите на своите колеги…
Луѓето од Слоу Фуд знаат заедно да се дружат, да патуваат, да ,,тресат глупости” и човечки да се искараат. Знаат да поделат автомобил за да патуваат од едно до друго место, да подадат чаша вода и добар збор за поддршка и утеха, да си раменат производи или пак да си купат од своите колеги.
Токму тоа е радоста на членувањето во оваа организација и токму тоа е убавината на Слоу Фуд настаните, затоа што луѓето го прават Слоу Фуд.
Пред нас се два прекрасни настани во Охрид, а потоа следи Прилеп. Дојдете на дружба со добри луѓе, вкусна храна и вистински пијалаци. Штом видите насмеани лица, ќе не’ препознаете.
Filip Dimkoski, Slow Food Prilep


