Филип Димкоски на Вкуси ја традицијата

Добро утро народе на Македонија.

И кога ќе снема струја, и кога ќе има пандемија, и кога нема да ви се отвори лизгачката врата во маркетите и кога нема да работи фискалната каса, сите ние пак ќе треба да јадеме.

Сите ние три пати дневно прашуваме: Што има за јадење? Земјоделците се тие што ги полнат вашите трпези со храна. Вчера на Вкуси ја традицијата – втор национален саем за храна и пијалаци во Градскиот парк во Скопје над 400 мали македонски производители со преку 2000 производи се сретнаа очи в очи со своите муштерии и поддржувачи и со чесност, доблест и достоинство ги претставија плодовите на својот труд.

Тие се често обесправени, уморни, понижени, изманипулирани, наврнати, извалкани, ненаспани и пред да дојдат на овој настан тие мораа прво да ги измозлат кравите, да ги пуштат овците на паша, да наберат тутун, пипер, грозје, да ги зазимат пчелите, да го предадат млекото, да ги исцедат соковите, да се подготват за есенска сеидба, да ги наберат и спакуваат плодовите од шумите и планините …А потоа да се дотераат, да облечат насмевки на своите лица и да застанат пред сите оние кои сакаат да го почувствуваат вистинскиот вкус на храната. Силата и доблеста кај вистинските земјоделци доаѓа од взаемната љубов со земјата и со природата. Затоа се толку силни и храбри.

Тешки, но многу слатки се плодовите од земјоделскиот труд. Не колнете ја дедовината пред вашите деца, не зборувајте лошо за земјата која ве хранела и ве храни. Научете ги вашите деца да работат, да произведуваат и да ја почитуваат работата на земјоделецот. Кажете им дека една од најважните животни вештини е да произведат храна и дека важно е да се совлада таа вештина.

Џеферсон вели, нема помудра професија на светот од земјоделството. Тоа обезбедува вистинско богатство, добар морал и човекова среќа. Нема поубаво место на светот од местото каде што сме се родиле. Смешно е да ги посетувате етнокуќите и аготуристичките комплекси овде и низ светот, а низ куќата на дедо ви да растат капинки и нивите да се прераснати во џунгли. Постои рај и во земното живеење, но треба да го создадеме.

Во Slow Food Macedonia постојат луѓе кои тоа го увиделе и тоа го прават. Работат вредно и посветено, постојано се надоградуваат и учат, даваат максимум да ја постигнат целта: добра, чиста и правична храна за сите! И не само членовите на Слоу Фуд, туку сите земјоделци без оглед на која земјоделска организација припаѓаат или не припаѓаат ако се стремат кон производство на квалитета и полновредна храна, заслужуваат почит. Токму со настаните како овој вчерашниот, малиот земјоделец се издигнува на пиедестал и се истакнува неговата важност во општеството.

На моето прашање кон дечињата при мојата вчерашна работилница во Детското катче на Саемот, ,,Што се земјоделци?", едно детенце ми одговори: ,,Земјоделци се чичковци и тетки што ги прават сите ручеци". Драги мои, може да имате бронзен тањир, неваросан ѕид, стари патики, скршен екран на мобилниот телефон, но секој ден мора да имате свежа храна. Детенцето со својата констатација објасни многу нешта.

Затоа, бидејќи сите сакаме промени, па наместо преку тастатура и преку оружје, да ги направиме преку работа и соработка со земјата, со природата.

Револуција се крева со МОТИКА!

Дел од говорот и размислувања на Filip Dimkoski на Вкуси ја традицијата – втор национален саем за храна и пијалаци

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели