Првите почесни членови на Слоу Фуд Македонија

За прв пат во траењето, историјата на Слоу Фуд Македонија одбравме почесни членови, луѓе кои со својата активност, заложба и истрајност дадоа траен белег, сеуште се активни и еве, ги спомнуваме со посебна гордост.

Во нивна чест, на 11 јули во Hunter’s Lodge Kamnik беше организирана свечена вечера каде им беа доделени златни членски картички и специјални значки со нашиот заштитен знак, полжавче.

📌Донато Кијарини, Амбасадор на ЕУ во Македонија во периодот од 2003-2005 година. Заедно со Слободен Чокревски е еден од иницијаторите за започнување на Слоу Фуд во Македонија што резултира со основање на првиот конвивиум Слоу Фуд Скопје во 2008 година.

Приватно, станува збор за вистински вљубеник во македонската традиционална храна, голем хедонист и почитувач на локалното, автентичното, гастрономијата која ги поврзува луѓето.

📌Јовка Петрова е основач и прв лидер на Слоу Фуд Осогово, жена полна со енергија, челична волја и срце кое бие во ритмот на Слоу Фуд.

И покрај многуте животни премрежија, третото доба кога таа е во прашање може да се преведе на следниот начин: старите 70 се новите 40 години, ете толку е посебна нашата Јовка. Во прилог на тоа сведочи и маратонот што таа пред неколку години го истрча со маичката на Слоу Фуд.

📌 Љиља Митревска, технолог за храна, долгогодишен секретар на Слоу Фуд Битола е посветена на каузата на Слоу Фуд и активна во зголемувањето на членството на Слоу фуд Битола.

Анимирање на производителите, масовност, прв воспоставен Слоу фуд пазар на фармери, потоа, активности во тимовите поврзани со настаните – Слоу фуд салон, Слоу вајн…, …, иницијатор на директнатата комуникација со претседателот на Слоу фуд Америка, Ричард Макартни на кого му беше гостинка.

Нејзините пријатели велат Љиља е две во едно: дама со бисери која се претвара во активистка кога е во прашање Слоу Фуд Македонија.

📌Душко Андов е член на Слоу Фуд Тиквеш и основач на президиумот Станушина. Учесник е на првата Тера Мадре во Софија 2010 година а неговата “Ерос” е меѓу првите семејни винарии, вклучени во мрежата на Слоу Фуд.

Еден од пионерите кои ја покренаа иницијативата за заживувањето на автохтоната сорта на грозје Станушина и производство на производи од истата. “Да живее виното- вели Душко, а преку него и сите што ја разбираат тајната на оваа божествена напивка.

📌Стевче Доневски, член на Слоу Фуд Осогово е промотор ама и идентитет на градот Кратово. Неговиот заштитен знак е шапката и престилката на Слоу Фуд, а гастрономски сувенир што гордо го промовира каде и да се зборува за храната е к’цана сол.

Стевче е учесник на Тера Мадре Интернационал, Тера Мадре Балкан, го има и глобално и локално. Тој е ризница за приказни, ентузијаст и еден од заштитните ликови на Слоу Фуд Македонија.

📌Мирјана Ангелеска, по професија технолог, животниот век го поминала во прехрамбената индустрија а заедничката приказна со сопругот Бранко е неверојатна и врзана за волшебниот мармалад од шипинки кој мириса на Бабуна, и на слаткото од капини, пред кое потпишуваат капитулација сите што ќе го вкусат. Учестувала на два настана на Тера Мадре во Италија, таа е голем пријател со чувство за заедништво и подрживач на филозофијата на Слоу Фуд .

📌Сунчица Јовановска е поранешен професор по биологија, долгогодишен член на Слоу Фуд Водно, и еден од иницијаторите на програмата Слоу фуд Училишни градини.

Сеуште е активна во ширењето на мрежата на училишни градини, учествувала на сите Слоу фуд пазари и фестивали и е верна на мисијата на поврзувањето на младите и градините. Тивка и работлива таа е пример за константата “тивката вода брегот го рони”.

📌Микеле Румиц, вработен во Слоу Фуд Интернационал од 2008 до 2022 година, како директор на Слоу Фуд Травел, претходно и како програмски директор за Балканот, Источна Европа и Блискиот исток. Еден од иницијаторите на Тера Мадре Балкан – првата регионална мрежа на заедници за храна во Југоисточна Европа.

Најважното за нас еден од главните подржувачи и лобисти пред Слоу Фуд Интернационал за формирањето на Слоу Фуд Македонија како Национална ораганизација во нашата земја.

📌Посветеноста и соработката со Љупчо Николовски, бившиот Министер за земјоделство со Слоу Фуд Македонија беше преку повеќе законски измени, како што се, Законот за вино, донесувањето на двата правилници за директно снабдување од мали производители, мерките за поддршка преку Програмата за рурален развој на малите производители, поддршката и доверувањето на организацијата на двата Национални саеми на мали производители, поддршката на меѓународните настани Тера Мадре 2022, Slow Wine 2023, Cheese 2023, што влијаеше на создавањето на позитивна клима за развој на малите семејни производства, автентична македонска храна и пијалаци што е една од главните цели на делувањето на Слоу Фуд Македонија.

🎯Aктивностите кои беа дел од Вториот Конгрес на Слоу Фуд Македонија и Кампањата за членство, се реализираат со финансиска помош на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка SIDA и We Effect Europe , како дел од проектот „Зајакнати капацитети на Слоу Фуд Македонија за агроеколошка транформација“.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели