И без титула „хроничар“ или „биограф“ на „Вкусете го Охрид- локално“ што во резимето го има третото издание, со посетеноста од над 2000 луѓе и 25 производители, заклучокот е дека се споија езерска синевина и гурманска виделина.
💙Таму во Охрид се е поезија, па и проза, се е послатко, го комбинираш со глетката и луѓето. Имаше многу гости, старнците веднаш се препознаваат а едни од нив, холанѓаните, во потрага по интересно залче, првеа гурмански интерни космоси: ѓомлезе со џемче, колачиња со ронче макало, и со насмевка предизвикана од вкусот, задоволно климнуваа со глава.
Ете потсетвање дека за вкусовите нели не треба…, но радоста е поголема што тие од минатата година веќе знаеа што бараат па си одеа кај своите производители а новите, ете експериментираа.
🚤Инаку, хајлајт на третото издание, иако беше најава за истиот, беше Слоу Фуд регата, магична езерска колона на едрилици и запознавањето со убавиците наречени по мотивот на постоење на Слоу Фуд: Добра, Чиста и Правична.
По наздравување на зајдисонце во петок, другиот ден се случи главниот настан на Плоштадот на Долна Порта, и тоа со препознатлив метеж што периодот го има во Охрид.
Музика, луѓе и гастрономија, ветуваат добар помин а првичната возбуда од самата помисла дека ќе се јаде и дека „ќе се дружи“ го потенцира чувството на „здружена коалиција на задача“.
🥣🥂🍞Долг е списокот на производи: леб без квасец, миризлив и сочен, сирење како што го паметиме, макало во љубов со охридско геврече, масло од лешници, никулците за здравје и како почит кон: храна за промени, ликер од кафе и лаванда, мед, сок од боровинки, слатко од рибизли, пак сирење, сега непастеризирано, вино, намази од фстак, орев, па малку враќање на спомените со ѓомлезе и питулици.
И уште можности да се види и вкуси: уште кашкавал и биено сирење, вкусно сувомеснато, тартуфи со маслинки и портокал, љубовни ракии, питулици, сок од кајсии, ликери од нане, вишна, зелени ореви…Локално и превкусно.
🇲🇰Нашата кујна ги остава без коментар и оние кои на храната гледаат како на нужна потреба, ама комбинации со ова новото, современото и здравото е повеќе од добро. Храна за промени.
Луѓето пробуваат и купуваат, секое залче е како кутивче, спакувано во убав вкус што трае… Местенце, делот за “куса станка”: клупите и дрвените маси во центарот се секогаш полни и, како на слава, едните стануваат, другите седнуваат.
Музиката е таман луѓето да се слушнат меѓу себе ама и да си ги слушнат и мислите. Пријатното осветлување шири убаво чувство, а дел од него оди на сметката и на весело џагорење… Прекрасна ноќ.
Паузата што се прави е колку да се испие некоја голтка вино и да се каже понекој збор. На пример: Наздравје, да се чуваме, и да го чуваме ова нашето.
И, да, со уште поголемо нетрпение ќе го чекаме четвртото издание на „Вкусете го Охрид“. Наздравје🥂



