Хероите на Слоу Фуд Салонот: Елена Арсовска и нејзиниот свет на совршени минијатури

🙆‍♀️Елена Арсовска е волшебничка што го создава магичниот свет на минијатури, кои откако ќе поминат низ нејзините раце – едноставно оживуваат. Како да прозборуваат нејзините малечки софри наредени со зелник, грав, суви пиперки, домат .., со се наше традиционално, македонско. Тука се и теглчки полнети со пиперки, ајвар, слатко од смокви, буковска пипер, домашен „штотку изваден леб од фурна“, се е мало, слатко, чиниш можеш да го сместиш во срцето. Елена вели секоја изработка е емотивен спомен што и ја лекува душата и дека постои скоро катарзично поврзување со фигурините. Но, да не беше нејзиното Шлегово што ја надои со љубов, ништо од ова немаше да биде реалност.

📍Третиот салон на Slow Food имаше интересен белег со твој потпис: минијатурните херои Милка готвачката, пиварот Менде, Донка слаткарката, месарот Орхан, пиварот Менде, рибарот Климе…Како одеше процесот на изработката на фигурините, што ти беше најтешко? И, колку ти е блиска филозофијата на Слоу Фуд?

🗣- Изработката на фигурите беше голем предизвик бидејќи дотогаш немав искуство со правење на човечки фигури. Олеснителна околност беше што добив насоки- приказни, што некако се совпадна со мојот начин на креирање. За секоја фигура однапред добив име, возраст, пол, од каде е и со која дејност се занимава, па најтешкиот дел од процесот беше да ја замислам таа личност, да се обидам да ја доживеам според описот, а откако ќе создадев слика, изработката одеше лесно. Најтешка фигура ми беше малото девојче, имав потешкоти во доловувањето на детскиот лик, а останатите одеа многу полесно…

Инаку, неколку години ја следам работата на Слоу Фуд и ваш сум голем поддржувач и фан. Бев пресреќна кога ја добив понудата да бидам дел од настанот на ваков начин и веднаш прифатив, без размислување. Сметам дека нема ништо поважно од тоа да се бориме за да се сочува и унапредува тоа што го имаме како традиција и културно наследство, посебно кога е храната во прашање. Чувствувам неизмерна радост кога ќе видам дека сеуште постојат луѓе кои се трудат да ги одржуваат во живот традиционалните начини на производство на храна и истите ги унапредуваат.

И самата имам желба и неколку години работам на тоа да дојдам до некој свој производ. Ме интересираат дивите, самоникли јадливи билки кои во минатото биле дел од исхраната на нашите претци, но и биле заслужни за преживувањето во периоди на голема глад, војни и сл. Го усовршувам слаткото од темјанушки и јоргован, и сигурна сум, еден ден и јас ќе ги изложувам моите производи.

📍Ајде сега да ги откриеш тајните на овие мали совршенства. Првење минијатури, создавање на цел свет од фигурини, се чини овозможува да се избега од реалноста, слично како што тоа го прави читањето на книгите. Што е најубаво во овој твој свет наречен Ellie Art?

🗣- Многубројни се убавините во создавањето на минијатурниот свет, но најубавото е тоа што се буди детето во мене. Ми се чини дека сите ние ги гледаме минијатурите со детски очи и она што најмногу реагира во нас, всушност е детето кое сака да се игра. Контактот со минијатурите е лековит за нашата душа, не само поради можноста да побегнеме од реалноста, туку и поради тоа што малите нешта не учат да се радуваме, а преку тоа учиме и нешто друго- да бидеме благодарни.

Фасцинантно е како еден минијатурен ручек што не може ниту да се помириса, ниту да се вкуси, предизвикува чувство на мирис, на вкус, заживува емоција, спомени и создадава цели приказни. Детето во нас, на малите нешта им дава големо значење.

📍Значи, минијатурите – тоа си ти, твојот идентитетот и особеност, се е минимално ама максимално. Како започна оваа приказна, колку долго трае, дали интензитетот на создавање е секогаш ист? И, дали она што ќе го направиш го смирува копнежот во тебе?

🗣- Јас живеам многу едноставен, мал живот, но секој дел од него е максимално исполнет. Тоа се должи на мојата љубопитност и на желба за учење, па кога ќе се насочам на нешто, тргнувам со целата своја енергија. Приказната за мене и за минијатурите е релативно нова и е дел од процесот на учење и надоградување. Целиот живот ракотворам и уште како дете имав потреба да работам со рацете, сеедно дали е тоа цртање, моделирање со глина, кроење, плетење, нижење монистра, резбање на дрво и гипс…. Во тинејџерските години почнав поактивно да изработувам накит, ги испробав сите техники, работев со многу материјали, но чувствував дека никогаш не можам целосно да се изразам поради недостапноста на материјалите…

Што се однесува до минијатурите, ги имам направено во некои парчиња накит, но кога сфатив дека тоа ми оди од рака, почнав да мечтаам за еден мал свет во кој конечно ќе можам да ги излеам сите свои емоции, без никаква задршка.

Интензитетот на создавањето на минијатурите не е секогаш ист, има периоди кога доживувам креативна блокада и се чувствувам исцрпено и презаситено, и тогаш се префрлувам на нешто друго. Но, копнежот во мене не се смирува, тој расте и се е поинтензивен, со секое изработено парче.

📍Твоите минијатури се доказ дека суптилноста, сензуалноста и внатрешниот мир најчесто одат заедно. Така зрачи секое чинивче со сирење и домат, гравче… Евидентно е, ама сепак ќе прашам: македонската традиција изразена низ гастрономија ти е најголема љубов?

🗣-Да, во моите изработки доминираат македонската традиција и македонската храна, преку нив сакам да ги оживеам спомените за нашите села и селскиот живот. Ќе бидам искрена, никогаш не сум била воспитувана да ја ценам традицијата, мислам дека на мојата генерација, за жал, некако и беше наметнувано да гледа убавина само во новитети што се далеку од нас… Растев на село, во Шлегово и најсреќните мигови од моето детство биле во автентично селско опкружување, со сите наши најобични селски активности – работење на нива, жените сукаат јуфки, мириса на леб испечен во фурна, баба ми ткае ќилим на разбој, дедо пече ракија, мајка ми плете чаршав, береме кантарион, чушкаме грав, плетеме кошници со гранки од лески…

Кога се преселив во Скопје, сватив дека не знам да бидам среќна во град и повторно се вратив назад, но се соочив со друга слика, дека селото повеќе не е исто…

И токму моите шарени софри, масички со леб, зелник, пастрмајлија и разни македонски убавини, се само обид да се оживее, сочува и пренесе дел од богатство кое некогаш го имавме. Обид на овој начин да се раскаже приказна за еден многу едноставен, мал а бесконечно голем и богат начин на живот, но и мојот личен обид да се изборам со носталгија која често ме преплавува.

Храната е најприсутен елемент поради тоа што моите сеќавања најчесто ги поврзувам со вкусовите. Многу сакам да готвам, сакам да јадам, гастрономијата генерално ме интересира и најверојатно затоа некако најприродно ми доаѓа на тој начин да ја изразам убавината на селскиот живот каков што беше некогаш.

📍Каков е процесот на создавањето, и што е потешко- да смислиш или да направиш? Дали веднаш ја имаш големата слика или инспиративно твориш, делче по делче?

🗣-Најпрвин ја имам приказната. Понекогаш првин ми доаѓаат зборовите, пишувам мала приказна а со неа се појавуваат и слики и потоа тоа го материјализирам. Тој нагон често е толку силен што додека се раѓа приказната, почнувам да моделирам користејќи разни материјали: полимерна глина, дрво, епоксидна смола, платно, лим… Се ми доаѓа спонтано, немам рутина, секој ден е различен и се зависи од самиот тек на денот и од моето расположение.

Нормално, понекогаш работам и кога немам голема инспирација или без да имам некоја особена приказна во “заднина“, работам и по нарачка, но најубавите и највпечатливите изработки секогаш имаат своја приказна.

📍Какви се реакциите на луѓето кога ќе ги видат твоите дела, забележуваш ли детска искрена восхит кај возрасни луѓе?

🗣-Реакциите се.., чудесни. Бидејки изработките ги објавувам на социјалните мрежи, досега само ги читав реакциите на луѓето и тие беа прекрасни. Прв пат ги изложив минијатурите на овогодинешниот Slow Food салон и имав можност да ги видам реакциите на луѓето во живо. Мислам дека немаше човек кој што не се израдува кога ги виде, такви искрени насмевки кај возрасни луѓе навистина не се гледаат често, и сето тоа толку ме допре што уште не можаам да се соземам.

Интересни беа и прашањата кои ми ги поставуваа луѓето, а некои се плашеа да ги допрат минијатурите, мислеа дека јајцето е течно, ќе се разлее и дека брашното е вистинско и ќе се растури при допир…

📍Минијатурите навистина допреа до луѓето, што е доказ дека ова што го правиш е добро. Во таа насока: по што копнееш за

понатаму?

🗣- Мечтаам да започнам со снимање на кратки филмови со моите минијатури. Имам содржина и се надевам дека наскоро ќе започнам со реализација.

Сакам поактивно да почнам со изработка на диорами, мали светови полни со магија со сцени од селскиот живот во кои би ги претставила и обичаите, архитектурата и секојдневните активности.

Исто така планирам да се посветам на снимање на видео туторијали, каде ќе го покажувам целиот процес на изработка и на тој начин да поттикнам и други креативни луѓе да пробаат да изработуваат минијатури, а би се радувала и на некоја работилница и за возрасни но и за деца.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели