СВЕТОТ СЕ ПРОСТУВА ОД ПАПАТА, СЛОУ ФУД ЗАГУБИ ГОЛЕМ ПОДДРЖУВАЧ

Светот се простува од Папата Франциско, глобален глас за солидарноста меѓу народите, заштита на животната средина и за грижата кон сиромашните. Неговите ставови ја поврзуваат грижата за природата со правдата кон луѓето, особено кон оние најранливите.

Папата Франциско уништувањето на природата го сметаше за морално прашање: климатските промени, уништувањето на шумите, загадувањето и исчезнувањето на биодиверзитетот ги поврзуваше со човековата алчност, консумеризмот и недостатокот на духовната врска со земјата. Неговото „еколошко обраќање“, бараше радикални промени во начинот на кој живееме, произведуваме и трошиме.

Во сржта на неговите ставови е идејата дека „грижата за заедничкиот дом“ е неразделна од грижата за луѓето, особено за сиромашните и маргинализираните. Франциско силно се противеше на системите кои генерираат нееднаквост, и често зборуваше против „економија што убива“- економските модели што го ставаат профитот пред човекот.

🐌Едно од најинтересните пријателства на Папата Франциско е со Карло Петрини, основачот на Слоу Фуд. Иако Петрини е агностик, некогашен комунист, левичарски ориентиран интелектуалец, тие двајцата се поврзаа преку заедничката љубов кон земјата, локалната храна, праведноста и културното наследство.

🗣„Можам да кажам, како неверник, дека сум бил пријател на Папата, исто како што, како убеден републиканец, сум пријател на кралот (Чарлс). Но, тоа е силата на пријателството во различноста на почетните позиции, моменти на споделување кои се многу посилни од поединечните случаи- вели Петрини.

Тие двајцата многу често водеа длабоки разговори за важноста на одржливото земјоделство, вредноста на традицијата и потребата од „ гастрономска револуција“ во начинот на кој го разбираме развојот.

Всушност, така започна и нивното пријателство.

📚Во книгата Terra Futura (Иднина на земјата): Dialoghi con Papa Francesco sull’Ecologia Integrale (2020), Петрини ја документираше својата соработка со Папата преку искрени и пријателски разговори. Тие дискутираа за концептот на интегрална екологија, кој ги поврзува животната средина, социјалната правда и економијата. Петрини секогаш истакнуваше дека Папата Франциско го гледа дијалогот како клучен во разбирањето и решавањето на глобалните предизвици.

Пријателството меѓу Франциско и Петрини е пример за дијалог меѓу различни светогледи – обединети во заедничката грижа за човекот и планетата.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели