Катерина Ристевска, уредник на списанието за училишните активности на Слоу Фуд Македонија „Полжавче“:
ИДНИНАТА НИ ВРЕДИ КОЛКУ ЌЕ ИМ СЕ ПОСВЕТИМЕ НА ДЕЦАТА
👉Нејзината поврзаност со Слоу Фуд има силни темели и исти такви мотиви- почетоците на Катерина се со Слоу Фуд Водно, уште од времето на нејзиното студирање. „Имавме кратка презентација за еден настан на СФВ, по што стапив во контакт со Василка Стефановска, тогашен претседател на конвивиумот. Василка „од прва“ ми ги препозна интересите и ме „нурна“ во активностите кои следеа: Диско супа, презентации за производителите, своевремените саеми на отворено… – се сеќава Кате.
А во тој период се зачна и идејата за Училишни градини, и Кате беше дел од екипата која учествуваше во поставувањето на темелите на овој проект. Се направија 10 училишни градини во Скопје, а таа е најгорда на „пилот-градината“ во основното училиште „Аврам Писевски” во селото Бардовци, на целиот процес на создавањето, на сите учесници и на крајниот резултат.
Многу години подоцна Кате, опремена со сите знаења и искуства стана уредник на „Полжавче“, списанието за училишните активности на Слоу Фуд Македонија.
📌Ајде на почеток: што се значи „Полжавче“, и која му е целта?
🗣- “Полжавче” е мултидисциплинарен медиум за информирање на учениците, наставниците и сите засегнати учесници во процесот на едукација. Наменет е и за сите кои сакаат да „проникнат“ во светот на детската имагинација и правилно да ја насочат и искористат за генерирање на здрава и вредна генерација. За сите кои ги вреднуваат децата како главна нишка во општеството.
📌Како одеше процесот на подготовка на неговото, петто по ред издание? Што ти беше најинтересно а што најголем предизвик?
🗣- Имајќи го колегата Филип Димкоски, кој беше претходен уредник на „Полжавче“ како пример, имав сериозна задача и репутација за одржување. Можноста да се учествува во создавање на ваков градивен елемент од образовната култура навистина е одговорна задача и целиот тим ја сфативме како таква.
Патем, да се претпостави, предвиди и да се проникне во иднината, е визионерски поглед што го има Слоу Фуд, поврзан и со биодиверзитетот во се што не опкружува, па и со нас самите. Темите кои ги одбравме консеквентно го следеа текот поставен од претходните броеви, со поставување на „одговорени лица” за секоја од нив- според познавањето, искуството и најбитно, желбата за допринос во списанието.
📌Откаде инспирација за слоганот: Проникни во иднината, огледај се на децата? Која е пораката на овогодинешното мото?
🗣-Темата органски ја доби својата насока . Имајќи едно „никулче” крај мене чиј раст секојдневно љубопитно го набљудувам, добив инспирација да направиме паралела меѓу децата и никулците како предвесници на иднината. Бидејќи иднината ни вреди онолку колку ќе им се посветиме на децата, односно колку внимание, љубов и нега ќе им пружиме…
Проектот „Училишни градини” е успешен показател и пример за односот на другарче-другарче, ученик-ученик, ученик- наставик, наставник-родител и родител-дете, сите поврзани во круг, што вроди еден силен проект во кој се вмрежија силите на заедницата со потребите на учениците односно децата.
А децата се најревносните елементи во целата приказна – главната инспирација и потпорен столб на целото општество. Читателите можат да се запознаат со разновидноста во природата и меѓу нас, биодиверзитетот во Раштак, занимливости во однос на никулците и нивните непријатели како и хранливата вредност на никулците, па и по некој рецепт за инспирација…
📌Бидејќи, “Училишни градини” станаа важен сегмент во разеленивањето на училиштата, дали „Полжавче“, како мост помеѓу Слоу Фуд и читателите, го поттикнува нивното организирањето во училиштата?
🗣-Се надевам дека сето ова што го правиме допира до учениците и децата пред се, бидејќи нашиот труд е наменет првенствено за младите генијалци кои се надеваме ќе ги приспособат нашите “идеи-никулци” за идни локални апликации. Ќе се потсетиме на кампањата која одеше во текот на март минатата година, кога се случи пролетната офанзива 2024: „Фрли цветна бомба“, и на резултатите од истиот.
Но сепак, училишните градини се само дел од младинската офанзива која ја нудат активностите на Слоу Фуд на глобално ниво.
Со разновидни теми кои ги третира петтиот број на Полжавче, весник наменет за децата, наставници ама и за родителите видливо одиме чекор понатаму, збогатувајќи го континуитетот со добар квалитет.





