🌿🍀Кога учениците ќе излезат надвор од училницата и ќе го допрат земјиштето, учењето добива нова димензија. Токму тоа го овозможува програмата „Едукација за одржлива иднина“, создадена од едукативниот тим на Slow Food Macedonia.
Изградена врз долгогодишната работа на иницијативата „Училишни градини“, оваа програма го користи просторот на градината како образовна алатка што го поврзува ученикот со природата, храната и вредностите на одржливото живеење.
👩🏫На самиот почеток, професорката Василка Стефановска од Slow Food Vodno, денес координаторка на програмата, во 2011 година за првпат се среќава со концептот на училишни градини преку проектот „Училишни кантини“ на Слоу Фуд Интернационал. Посетата на „Терра Мадре“ во Торино истата година, каде едукативниот сегмент бил целосно посветен на темата, ја инспирира да започне нешто слично и во Македонија.
🗣„Тогаш почнавме да размислуваме за наша стратегија и во 2013 ја оформивме првата училишна градина во Угостителското училиште. Тоа беше само почеток – веднаш се јави интерес и од други наставници, особено во основните училишта,“ раскажува Василка.
Првиот поширок проект „Училишна градина – училница на иднината“ започнува во 2018 година, и како што рече Василка: „Секако, ангажманот на Катерина Ристевска и Сунчица Јовановска во тие пионерски чекори даде голем допринос.“
🤸♂️Како почетни чекори, но и сѐ уште активни примери, се градините во основните училишта „Аврам Писевски“ во с. Бардовци, „Крсте Мисирков“ и „Христијан Тодоровски Карпош“.
🐌Интересот и поддршката од наставниците, учениците и заедницата доведуваат до брз раст на бројот на училишни градини – не само во Скопје, туку и во Битола, Прилеп и Охрид.
🗒Програмата, во нејзина целосна форма, е резултат на заедничката работа на тимот, а е концептуализирана од Јасна Ѓоргиевска– училишен психолог, која нагласува дека градината е многу повеќе од простор за садење.
🗣„Slow Food Училишни Градини се вистински училници на отворено – места каде што учениците учат преку искуство, ја развиваат својата свест за природата и храната, но и ги учат темелните вредности: соработка, одговорност и грижа за заедницата,“ вели Јасна.
Како што ни раскажа Ѓоргиевска од Slow Food Bitola, програмата се темели на интердисциплинарен пристап и ги вклучува темите на дизајн и одржување на градина, одржливи градинарски практики, здрава исхрана, заштита на животната средина, критичко размислување, зачувување на водата, управување со отпад и органско справување со штетници.
👬Училишните градини, со тоа, стануваат места каде што децата не само што учат – туку растат во вистинска смисла на зборот.
Во таа насока, за да се создаде простор кој ќе ги поддржи овие едукативни, еколошки и заеднички цели, беше вклучен и архитектот Даме Димески од Slow Food Prilep. Тој беше задолжен за дизајнот на градината согласно принципите на Слоу Фуд – создавајќи амбиент кој овозможува локално производство на храна, одгледување сезонски растенија и учење преку искуство.
🗣„Најголем предизвик беше да се најде рамнотежа помеѓу образовната функција, практичната употреба и природниот екосистем,“ раскажува Даме. „Просторот требаше да биде инклузивен, лесен за одржување, но и да промовира биодиверзитет и локални видови. Секој елемент во градината беше внимателно избран за да ја поддржи одржливоста – од материјалите до изборот на растенија.“
Со тоа, градината не е само физички простор, туку стратешки дизајнирана средина која ја збогатува програмата и ја прави поефективна – вистинска училница на иднината.


