„ВКУСЕТЕ ГО ОХРИД”: МАГИЧЕН ГАСТРОНОМСКИ СПЕКТАКЛ ЗА СИТЕ СЕТИЛА

💪Над 3000 насмеани лица и 32 локални производители на вкусови од Слоу Фуд Македонија се собраа вчера на Долна Порта, на четвртото издание на фестивалот „Вкусете го Охрид – локално“.

Резултат? Сплотување на стари вкусови и нови идеи, на езерското синилото и златото на залезот, на домашните ароми што предизвикаа радост кај посетителите.

“Вкусете го Охрид ” не е само фестивал, тоа е тивка револуција со дрвени лажици, љубов сервирана на чинија, спомен што се враќа секогаш кога ќе вкусиш нешто што мириса на дома…И затоа е толку омилен.

🩸 Настанот беше атрактивен за сите генерациии- многу млади на лик, ама и млади во душа, беа на Долна Порта. Осетивме вистинска еуфорија, видовме љубезни раце што подаваат, чаши што се судруваат, и како да велат- наздравје!

Туристите фотографираат, затоа што секоја тезга е како софра кај баба, се насладуваат и прашуваат. “Може ли ѓомлезе со слатко? – и откако ќе вкусат, климнуваат со глава како да го нашле сопствениот гастрономски Универзум…

🐌Инаку, секоја година Slow Food Ohrid и “Вкусете го Охрид-локално” има вечер за “загрејување” Овогодинешната се случи во винаријата Манастир во Опејнца, која ги отвори портите за магијата.

Слоу Фуд и пријателите, со насмевки и чаши во рака, под мотото:„Поддржи го локалното. почитувај го домашното, дојди, вкуси, раскажи!“ ги промовираа жените претприемачки и нивните активности, месење и сучење на лице место…. Се наздравуваше под ѕвезденото небо, и се славеше се што е автентично.

🎉 А веќе утредента, во саботата, срцето на балканскиот Ерусалим чукаше силно на Долна Порта. Метежот карактеристичен за летен Охрид, сега прерасна во празник на вкусот.

Мирис на крцкаво лепче без квасец, овој пат во мега издание од 4,7кг, сирење- козјо, кравјо, овчо, питулици, гевречиња со најубо макало, лешниково масло, ликери од вишна, лаванда…, ѓомлезе и разни месеници.

🍷🍯 Вкусната галаксија не застануваше: магарешко млеко, оцет од глог, китки дарови од природата, тартуфи со портокал и маслинки, пиво за сефосување, лезетско вино од лезет луѓе, ракија љубовна и од смоква, намази од фстак и орев, ифрит ајвар, домашни природни сокови, мед, маџун.., традиција со модерна нота…

🇲🇰 Нашата кујна ги разоружа и најголемите скептици – дури и оние што храната ја гледаат само како потреба.

Тука храната беше доживување. Слава. Чекор кон напред.

🍷Долга, убава охридска гурманска ноќ: виното се преливаше, се бараше место повеќе – како некоја колективна литургија на вкусови. Џагор како тивка молитва, смеење – како аплауз за сите што веруваат во својот занает.

🔺️И додека сè уште мирисаше на питулици и добра волја, сите знаевме што е највредно: да се чуваме и да го чуваме нашето.

Со нетрпение го чекаме петтото издание на “Вкусете го Охрид- локално”.

Беше незаборавно!

✅️Настанот е подржан од Општина Охрид, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Slow Food Macedonia.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели