ОТВОРЕН ДЕН НА ПРВАТА СЛОУ ФУД ФАРМА: „ТЕТ А ТЕТ СО ПРИРОДАТА“- ОЧИ ВО ОЧИ СО ЖИВОТОТ

🐖🐈🌾Вчера фармата „Тет а Тет со природата“, ги отвори вратите за едно посебно, природно и исполнето со смисла- собирање. Таму, на висорамнината Витачево, каде што облаците го милуваат хоризонтот а воздухот мириса на лаванда и свежо сено, се сретнаа луѓе што веруваат дека храната е повеќе од оброк: врска, приказна, заедница и мостот помеѓу човекот и земјата.

✅️„Тет а Тет со природата“ е првиот акселератор во програмата „Слоу Фуд фарми“ кој го отпочна Слоу Фуд Интернационал а го спороведува Slow Food Macedonia. Овие фарми работат според агроеколошки принципи, посветени на одгледување на разновидни култури, со длабока почит кон екосистемот, благосостојбата на животните и достоинството на луѓето.

🟩️Вчерашниот ден беше исполнет со многу активности: се одржа работилницата посветена на концептот на Слоу Фуд фарми, агроекологија- трансформација на системите за храна, базирана врз одредени принципи и елементи (здрава почва, здрави животни, биодиверзитет, економска диверзификација, намалување на инпутот, поврзаност, социјални вредности и избрана храна, синергија….)

💑Фармата е пионерски проект на домаќините Горан и Цветанка Колеви – двојка што живее со природата: ја слуша, чувствува и почитува. Тука е градината полна со зеленчук и овошје што зрее под сонцето, насади од лаванда што мирисаат на спокој, нивен пчеларник, раздвижени кокошки, прасиња, едно магаренце, кучињата карамани, домашни мачиња… Сè одгледано со љубов и во хармонија со природата.

🗣-‘Тет а Тет’ не е само фарма,“ ни рече Горан додека нè водеше низ насадите. Ова е нашиот начин на животот, ја живееме храната а за да бидеме одржливи, имаме сè – од коњско ѓубриво до пасишта, житарици и дрвја кои ја оградуваат целата фарма. Живееме во ритамот на природата, и тоа е нашата сила.“

На настанот освен лидерите на СФМК, присуствуваа и дваесет нови кандидати за Слоу Фуд фарми – луѓе од различни краеви кои дојдоа да научат, да споделат и да се инспирираат. А најдобриот начин да се поврзеш со некого, се разбира е храната.

🍅🌶А таму, на „отворена кујна“ под ведро небо, сè беше раздвижено- се сукаа и тегнеа зелници, кои потоа се печеа под сач, се сечкаа пиперки, домати и краставици, на тивок оган се крчкаше гравче, се печеа домашни колбаси…. Се вкусија и многу домашни производи од семејството на Слоу Фуд Македонија.

🗣 „На вакви фарми, зеленчукот има зрелост што не можеш да ја најдеш во продавница,“ рече шеф Марко Матиев од Алијанса на готвачи на Слоу Фуд

. „Тука, вкусот е зрел, полн, искрен. Луѓето треба почесто да излезат, да го допрат земјиштето, да се сетат од каде доаѓа животот.“

Домаќините ни ја раскажаа нивната приказна – не како нешто што завршува со жетва, туку како филозофија која расте заедно со растенијата и животните. Разговори, спонтани прегратки покрај пилињата, хранење на прасиња… денот се претвори во убава заедничка меморија.

🍽На крајот, кога сонцето почна да се тркала зад Витачево, се собравме околу трпезата. Таа беше шарена и миризлива како боите и вкусовите на август, се подготвено рачно под будното око на шеф Маре Јаневска од Алијанса на готвачи, која имаше почит кон секој производ. И како што тоа често се случува, токму таа, трпеза уште повеќе не спои. Средбите ќе продолжат а Слоу Фуд семејството ќе расте со нови фарми, нови луѓе и нови приказни.

🍷Со топла здравица од Страшко Милошевски, со песна излезена од срцето на Цветанка Колев, и со ветување, дека ова е почеток на нова традиција, ја завршивме посетата на „Тет а тет со природата“. И навистина, бевме- очи во очи со се што значи вистински живот.

Дел од активноста се реализираше со финансиска поддршка од Шведска Embassy of Sweden in Skopje и We Effect Europe.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели