ФЕСТИВАЛ НА БИОДИВЕРЗИТЕТОТ ГИ НАПОЛНИ ТРПЕЗИТЕ И ГО СЛАВЕШЕ ЛОКАЛНОТО

🌶Под слоганот „Здрави корења, полни трпези“, вчера, во пријатниот амбиент на Public Room (Јавна Соба), се одржа четвртото издание на фестивалот на биодиверзитет, што го организираше Slow Food Vodno, со поддршка од Slow Food Macedonia.

🎉Цел ден, од 10 до 18 часот, просторот пулсираше со аромите на традицијата, раздраганоста на посетителите и боите на вистинската храна.

Ова беше ден на полни трпези и полни срца, на автентичноста, кога локалните производители, вљубениците во добра, чиста и правична храна, со љубопитните луѓе се споија во една приказна: за тоа што значи да се живее според принципите на Слоу Фуд.

🌱Четвртото издание на фестивалот на биодиверзитетот го насочи фокусот на нашето драгоцено богатство- планинскиот чај.

Со голема љубов и знаење, Самет Абдули и неговата сопруга ја раскажаа нивната приказна од срцето на Требиште, Маврово – за планините, за чајот како симбол на слободата и височини и за важноста на неговото зачувување.

„Чајот е дел од нашиот живот, наследен од предците, нашиот ритуал, емоција и спој со природата“ – раскажа Садет.

⛔️Поради прекумерното и неодговорно берење, оваа билка денес се наоѓа на црвената листа на загрозените видови. Затоа, нивната семејна мисија стана желба да го зачуваат чајот– преку органското производство и одржлива култивација.

🍀Така се роди бавчата Scardica, вистински храм на билките што ги поврзува локалната заедница и природата.

И да – со секоја шолја чај посетителите ја вкусуваа планината: чиста, свежа и вистинска.

📯Точно напладне, магијата се пресели на подиумот со еден вистински јунак за децата – магионичарот Кристијан, кој ги собра најмладите и им покажа дека и храната може да биде вистинско чудо. Смеење, аплаузи и детска радост – најдобриот доказ дека и кај нив се буди љубовта кон храна што има приказна.

🍞🥐Голем, скоро еуфоричен интерес предизвика работилницата на артисан пекарницата Пан Пан, каде љубителите на вистинскиот леб учеа како се создава „жив леб“ со кисело тесто, фокача и други вкуснотии.

Под водство на Филип Илиевски и Филип Трајков, и нивниот тим, посетителите замесија леб, ги разбраа тајните на хидратацијата, брашното и го почувствуваа целиот процес од прво месење до последната крцкава кора.

😋Најслаткиот дел? Дегустација на лебот од кисело тесто, бриош, кроасани, фокача….

🐌Фестивалот на биодиверзитетот и годинава ја славеше својата цел: поддршка на малите производители, оние што го негуваат минатото, но храбро го прегрнуваат и современото.

Повеќе од 25 производители од цела Македонија понудија свои производи, вкусови и приказни – од мед и сирење, до џем, ајвар, пиво, вино, слатко, сокови, чаеви…

Секој штанд – мала трпеза. Секој производ – големо богатство.

🎶А кога сето тоа се спои со добра музика, за која се грижеше DJ Soul Case, се направи топла и лежерна атмосвера со вкусот на заедништво. Прекрасен слофудашки ден.

➡️”Здрави корења, полни трпези ” беше потсетник дека вистинската храна расте полека. Дека има луѓе што сè уште се грижат – за земјата, за сортите, за традицијата. Ама, има и луѓе кои тоа го препознаваат и ценат.

И дека некаде, во некој ридест крај, се вари чај што мириса на детство, планина и љубов.

💪Фестивалот се реализираше со подршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели