🍦🥮Сицилија е одамна рај за љубителите на слаткото, а тамошните десерти се вистински спој од традиција, историја и уметност.
Еден од најпрепознатливите амбасадори на ова богато наследство е Џовани Манџионе — мајстор слаткар кој со исклучителна вештина ги оживува старите рецепти, претставувајќи ги во современа, префинета форма. Неговите десерти, создадени од најквалитетни локални состојки ја имаат душата на Сицилија и ја пренесуваат нејзината гастрономска приказна на светската сцена. Токму таа страст и посветеност го донесе и во Скопје, каде одржаниот мастер-клас стана вистинско доживување за сите учесници и гости.
➡️Неодамна со шеф. Лило Де Фраја, бевте дел од Деновите на Италијанска кујна во Скопје. Кои искуства носите и што најмногу ве инспирираше во мастер-класот што го одржавте?
– Тоа беше искуство кое ме збогати на личен, професионален и културен план. Најубавиот момент беше средбата со учесниците — врвни професионалци присутни на мастер-класот. Нивното вклучување во боењето на овошјето од марципан и насмевките на нивните лица ми го исполнија срцето со чиста радост.
➡️Најпрепознатливите сицилијански слатки што ги презентиравте- со цитрусни ароми, марципан, овошен ролат…, предизвикаа восхит кај гостите.
-За време на мастер-класот создадовме бројни традиционални десерти, секој од нив со своја приказна што ја претставува нашата култура ширум светот. Миризбите, ароматите и боите што ги нуди нашата земја ја прават секоја слатка уметност поинаква.
Посебно место и дадовме на кралицата на сицилијанските десерти — касатата, полнета со свежа овча рикота од Санто Стефано Кисквина, парчиња темно чоколадо, пандишпан, паста од ф’стак од Рафадали, украсена со кандирано овошје. И да, гостите ги вкусија и беа воодушевени.
➡️Како член на Slow Food Sicilia, кои активности најмногу ги вклучувате во рамките на движењето?
-Во рамките на Slow Food активностите, редовно создавам огромни торти и сицилијански касати со импресивна тежина од 500 до 600 килограми. Тие се изведуваат пред илјадници посетители, кои со восхит го следат процесот — како вистински спектакл под отворено небо.
➡️Дали редовно го посетувате саемот Terra Madre во Торино и што значи тоа искуство за вашата професионална работа?
-Учеството на саемот Terra Madre – Salone del Gusto во Торино има големо значење за мене, бидејќи претставува уникатна можност за професионален раст и воспоставување нови контакти во гастрономската индустрија.
➡️Кои принципи од филозофијата на Slow Food ги применувате во вашата секојдневна работа како слаткар?
-Исклучиво, користење на висококвалитетни суровини е клучниот фактор што нè издвојува од конкуренцијата. Секој избор е внимателно селектиран — природни ароми како ф’стак, бадем и разновидни агруми кои ни обезбедуваат етерични масла и автентична свежина, што само сицилијанскиот тероар може да ја понуди.
➡️Што сметате дека е најважно за зачувување на традиционални рецепти, во ера на модерна гастрономија?
-Мојата работа е да ги претставам сицилијанските специјалитети — слатки и солени, во современа интерпретација. Ова не е само гастрономска иницијатива; тоа е културен мост кој ги зближува народите на Италија и Македонија преку уживањето во храната, поттикнувајќи плодна размена и вистински дух на братство.








