Викендов, благодарение на Slow Food Macedonia и Slow Food International, во Солун се одржа уникатна средба посветена на Slow Food фармите. Настанот овозможи запознавање, и теоретски и практично со начелата и работата на ваков тип одржливи фарми. Учесниците имаа можност да посетат инспиративна локална фарма и да се запознаат со производители од различни држави, секој со силна пасија за она што го создава, со труд што го материјализира во квалитетен финален производ, но и со отворена подготвеност да ги сподели предизвиците од своето секојдневно производство.
🌊Сите активности беа лоцирани во Переа, прекрасна крајбрежна населба јужно од Солун. Групата учесници од Романија, Хрватска, Грција и Македонија се собраа во петок попладне. Од наша страна присуствуваа: првиот акселератор- фармата ,,Тет а Тет со природата“ од Витачево и двете фарми кои ќе се номинираат во следниот период “Кози млеко, планина” од Раштак и „Камник Био Органик“.
Првата средба беше запознавање и дружба, по што следеше прошетка покрај морето и вкусна вечера. Менито беше инспирирано од грчката и медитеранската кујна, богато со традиционални мезе-предјадења и разновидни локални специјалитети: топол грав, салати со свежи зеленчуци и микробилки, варено-пржени компири, цвекло со лук, цацики, црн дроб во сос, пире со динстано месо, јагнешко во чорбест сос со кромид и блитва, модар патлиџан со кромид и многу други вкусови што ја карактеризираат грчката гастрономија.
🌶️Целиот саботен ден беше посветен на посетата на The Chilly Factor Farm, фарма сместена на ридовите над Переа. Домаќините не прошетаа низ нивното живописно земјоделско царство и го споделија развојот на фармата, нивниот модел на одржливост и севкупниот начин на работа.
🛻Фармата се гради повеќе од дваесет години, чекор по чекор, без значителна државна поддршка. Денес функционира речиси целосно без механизација: се употребуваат само рачни алатки, мали батериски механизми и човечка сила. Единствениот извор на фосилно гориво е автомобилот за транспорт на финалните производи.
🌺Фармата вработува двајца луѓе и произведува салати, микробилки и разни сосови од зачини што ги одгледуваат на лице место, најмногу за околните ресторани. Ручекот на фармата беше вегетаријански, креативен и вкусен – со комбинација на традиционални и модерни рецепти, а секое јадење беше украсено со јадливи цвеќиња.
💁Потоа следеше работилница: учесниците ги презентираа своите фарми, моделите на работа и искуствата, по што се разговараше за теми поврзани со агроекологијата и земјоделството во Југоисточна Европа. Секој учесник донесе и сподели производи карактеристични за својот регион. Денот заврши со групна работа во која се идентификуваа позитивните аспекти, потребите и предизвиците во работењето, а резултатите беа презентирани и заеднички дискутирани.
🌳Во неделата групата повторно се врати на The Chilly Factor Farm ( Thechillifactor ). По инспиративниот саботен ден, беше претставен концептот за овогодинешната прослава на Денот на Тера Мадре (Terra Madre Day). Како симболичен придонес, сите заедно засадивме дрво на фармата, разменивме семиња и потоа уживавме во опуштен бранч, исполнет со вкусна храна, разговори и размена на идеи.
Оваа средба во Солун уште еднаш докажа колку е значајно поврзувањето на земјоделците и размената на знаење во градењето поодржливи, правични и локално вкоренети системи на храна. Споделените приказни од производителите остануваат силна мотивација за продолжување на мисијата на Slow Food фарми во регионот.






