ЕДУКАТИВНО КАТЧЕ: ДЕЦАТА-СОЈУЗНИЦИ НА ПРИРОДАТА на Слоу Фуд Салон 2025: Заедно со природата

✨ Сетилната магија на природата

На овогодинешниот Слоу Фуд Салон подготвивме посебно катче за најмладите – место каде децата ќе можат да ја почувствуваат природата со сите сетила, да создаваат, да откриваат и да се поврзат со живиот свет околу себе. Под мотото „Заедно со природата“, реализираме четири уникатни работилници кои поттикнуваат креативност, љубопитност и еколошка свесност.

🙎‍♀️Преку секоја работилница децата учат да ја гледаат природата како сојузник, а храната како дар кој расте полека, во хармонија со земјата. На природен начин се поврзуваат со Слоу Фуд филозофијата – дека храната е највкусна и највредна кога ја разбираме, ја почитуваме и сме дел од процесите што ја создаваат.

🟩11:00 -12:00 часот: ШЕПОТОТ НА ПРИРОДАТА – Природата раскажува како расте храната

Првата работилница ги води децата во светот на природните звуци – шумолењето на лисјата, песната на птиците, движењето на водата и тивкиот здив на ветрот. Учат да слушаат, да забележуваат и да ја препознаваат хармонијата што природата секојдневно ни ја подарува. Оваа сетилна свесност е првиот чекор кон разбирање како расте нашата храна: тивко, полека, во ритамот на земјата.

🟩12:00 – 14:00 часот: ПРИРОДНА СЛОЖУВАЛКА – Создаваме од она што природата го подарува

Во втората работилница децата ќе создаваат полжав како сложувалка, користејќи природни материјали – лисја, плодови, гранчиња, семки. Полжавот, симбол на Слоу Фуд, ги учи полека, со внимание и љубов да ја градат својата поврзаност со природата и храната. Оваа еколошка и креативна активност ги поттикнува на повторна употреба, набљудување и нежно однесување кон природните ресурси.

🟩14:00-15:00 часот: РАЗГОВОР СО ПРИРОДАТА – Како растенијата ни ја откриваат својата приказна

Во оваа работилница децата откриваат дека природата навистина зборува – преку бои, мириси, облици и промени. На креативен начин учиме што ни „раскажуваат“ растенијата и земјата: кога им треба вода, кога им недостига сонце и како изгледа кога се здрави и силни. Така децата учат да ги препознаваат знаците од природата и подобро да ја разбираат грижата што стои зад секој плод и секое зрно.

🟩15:00-17:00 часот: МАЛИТЕ ЧУВАРИ НА ЖИВИОТ СВЕТ – Птици и инсекти што ни ја чуваат градината

Четвртата работилница е посветена на живиот свет околу нас: децата ќе изработуваат хранилки за птици или мини „хотел за бубачки“, со кои ќе им помогнат на птиците и корисните инсекти во нивното соседство. Преку оваа активност, најмалите учат дека токму овие мали суштества се најважните сојузници на нашата храна – тие опрашуваат, штитат и создаваат природна рамнотежа без која ниту една градина не може да живее.

👨‍💻🌿Овие работилници се осмислени да развиваат љубов кон природата, сетилна свесност, грижа за животната средина и креативно размислување.

🌱 Заедно – учиме, слушаме и растеме во ритам со природата.

Слоу Фуд се движи „ЗАЕДНО СО ПРИРОДАТА!“ – бидејќи таа е водичот кон посреќна иднина.

📅Хотел Континентал, Скопје, сабота, 13.12 2025, 11-20 часот

💪Slow Food Салон 2025 ќе се организира со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и шведската организација We Effect.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели