ВО ПРЕСРЕТ НА 14. ФЕВРУАРИ: ЉУБОВТА И ВИНОТО, НАЈУБАВИТЕ СЦЕНИ НА ЖИВОТОТ

🍷Во деновите кога февруари ги спојува Св. Трифун и Св. Валентин, кога лозјата се закројуваат со песна, а чашите се креваат во чест на љубовта, разговарав со Страшко Милошевски – актер, боем и посветен член на Слоу Фуд Македонија. За него, виното не е само пијалок, туку симбол; љубовта не е само чувство, туку суштина; а сцената – храм во кој се слави животот. Во пресрет на празниците на виното и љубовта, тој ни зборува за уметноста како дар, за чашата како причест и за стихот како најубава здравица.

🔺️ Веднаш на почетокот: актерството е форма на уметност, но и начин на живеење. Како го доживувате актерството бидејќи е дар од Бога? Секој настан, убава средба завршува со вашиот рецитал, што е вистинска привилегија и повод да се слави животот.

-Актерот е свештеник во храмот на Божицата Талија, додека ја извршува својата света работа. И да, актерството е божествена дарба и божествена работа, која на малкумина им е дадена. За мене одењето во театар е како влегување во црква, како средба со Бог, а Бог Исус Христос е љубов.

Во црква верниците се причестуваат со вино, а јас после секоја претстава, од светот на илузиите се враќам преку чаша добро вино со колегите и пријателите и се разбира со по некој стих за жената, љубовта и виното.

🔺️ Виното и љубовта отсекогаш биле поврзани и во себе носат длабоки тајни. Какво место зазема овој Божји пијалок во вашиот живот и дали има нешто поетско во крената чаша што го слави Св. Трифун?

-Откако Исус Бог ја претвори водата во вино на свадбата во Кана, помеѓу љубовта и виното се стори некоја тајна врска, која во векови наназад ја откриваат најголемите светски писатели и поети, боеми и обични смртници – љубители на виното.

Многумина барале утеха во виното поради невозвратена љубов, во виното наоѓале инспирација за најубавите љубовни стихови и приказни.

Можеме слободно да им се заблагодариме на љубовта и на виното за најубавите дела на светската и домашната книжевност.

🔺️Четрнаесети февруари е ден кога се слават и љубовта и виното, а во исто време се спомнуваат Св. Трифун и Св. Валентин, двајца светци кои ги поврзуваат љубовта и страста. Како го доживувате овој ден?

-Во светот, 14-ти февруари се обележува како ден на Св. Валентин или ден на вљубените, ден кога се слави љубовта и кога на саканите им се даваат подароци.

Во нашата вековна традиција овој ден е познат како Св. Трифун, кој е заштитник на виното и лозарите. На овој ден се закројуваат лозите и со песни и веселба се означува почетокот на сезоната.

Овој ден е посебен, ден со чудна магија кога се спојуваат љубовта и виното воедно, потсетувајќи нè дека не само денес, туку секој ден треба да ја славиме оваа убавина, и така го славиме и самиот живот.

Виното е вечен доказ дека Бог нè сака и сака да нè гледа среќни, како на свадбата во Кана.

🔺️ Slow Food Macedonia ја негува и активно ја промовира винската традиција како дел од културниот и гастрономскиот идентитет на земјата. Како и кога започна вашето винско патување?

-Моето прво вистинско запознавање со виното и винската култура се случи со моето зачленување и запознавање со Слоу Фуд филозофијата како начин на размислување, работење и уживање.

Во светот на виното ме внесоа пријателите од Слоу Фуд Македонија- во изминатите петнаесетина години, заедно со моите пријатели Николче Николовски и Слободан Чокревски сме посетиле многу винарии, вински региони и саеми за вино. Секоја средба беше нова можност за учење и уживање во нови работи и искуства кои ме прават среќен.

🔺️ Св. Трифун е заштитник на лозарите и винарите, но и симбол на страста за земјата и виното. Како овој празник се провлекува низ Вашето уметничко искуство, винската култура и воопшто, животот? Ако би морале да изберате едно вино и еден стих што најмногу ја одразуваат Вашата уметничка душа, што би било тоа?

-Во мојот живот сум пробал многу вина, сум испеал многу песни, сум изрецитирал многу стихови за љубовта и виното.

Списокот на песни е многу голем, но во оваа пригода би се определил за оваа народна песна:

О, ти, вино вато,

шчо си чудновато:

кој те тебе пиет,

без невеста спиет;

кој те тебе љубит,

капата си губит;

кој тебе сакат,

без гашчи скакат!

О, ти, вино голо,

шчо ми продаде воло;

братое ми двата,

стрикое ми колата,

три дни те пивме,

три години се кривме!

….Во неговите зборови, како и во кренатата чаша, љубовта и виното не се само симболи на празникот – тие се начин на живеење. А кога актерот ќе наздрави со стих, тогаш и сцената, и лозјето, и животот стануваат едно….

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели