КИРИЛ ГАГАЧЕВ, СОЗДАВАЧ НА ЧОВЕКОРАДОСНИ ДИЗАЈНИ: Немам направено ниту еден дизајн за Слоу Фуд без домат и пиперка

Постојат луѓе- зад сцената, чии дела се незаменливи за приказната да стане воочлива. Кирил Гагачев е еден од нив – тивок архитект на видливото, чувар на естетиката, човек кој преку илустрациите на бројни кампањи и настани го креира визуелниот идентитет на Слоу Фуд Македонија.

Кирил е визуелен уметник со долгогодишно искуство во областа на графичкиот дизајн, фотографијата и визуелната комуникација. Неговата работа е синтеза на мисла и чувство, на концепт и интуиција. Во секоја кампања и настан што го визуелно го обликува, идејата не е прикажана, туку- раскажана: прецизно, интелигентно и со мерка.

Неофицијално, станува збор за човек кој живее и дише и во зборови и во визуелни изрази, вљубеник во убавината што се наоѓа во деталите – она што е скриено за окото на обичниот поглед. Неговата уметност е поетична – како кадри кои зборуваат на посебен, кроток начин доловувајќи го совршенство на природата, со локалната култура и со автентичниот вкус – вредности што ги носи и самата филозофија на Слоу Фуд.

Уште нешто: Кирил е препознатлив по редок дар: способноста апстрактното да го преточи во јасна, емотивна и маркантна визуелна нарација. Таа не „вика“, туку- шепоти. И токму во таа тивкост се открива нејзината сила: како кадар што го доловува совршенството на природата без да го наруши, како мисла што трае подолго од зборот.

Со својата работа, Гагачев го претставува не само Слоу Фуд, туку и концептот на длабоката врска со природа, со локалната култура и со автентичниот вкус, преточувајќи го во вистинско естетско доживување.

➡️Почетоците се најчесто врзани за првиот миг, кога сфативте дека дизајнот и илустрацијата не се само работа, туку вашиот вистински начин поинаку, можеби – повесело, поубаво, да го видите светот?

– „Седум години борба за поубав град“ – ова беше слоганот кој ми „светна“ во 2012 на годишнината на студиото Ортограф, кое го водевме заедно со Билјана Сивева. Веројатно дури тогаш сум сфатил дека тоа што го работиме не е само дизајн на лого, посетница, плакат, пакување, календар итн., и не е само начин да преживееме, туку дека има и пошироко значење, односно со нашето делување всушност придонесуваме да живееме во град (свет) каков што го сакаме, а тој е сигурно- поубав.

Работењето дизајн, за мене е буквално внатрешна потреба и никогаш не било „само работа“. Фала му на Бога, еве, некако можам и да живеам од тоа.

Инаку, има моменти кога сум затрупан со работа и некои од проектите во таков период се чинат како да се „само работа“ и клиентот ќе рече – „Ајде, ми треба за вчера. Што е тоа за тебе? Ќе го склепаш за 5 минути“, ама и покрај тоа, јас гледам да дадам што повеќе, за таквите проекти да се смислени и да изгледаат што е можно подобро.

Веројатно и многумина ќе се сложат дека што и да прави човек, ако духовно целосно не се внесе во работата, добрите резултати секогаш изостануваат. Мислам дека сите квалитетни дела се последица на додатниот напор што го дал креаторот и го надминуваат моментот дека се работи само за некаков надомест. Сите сакаме нашите дела да живеат надвор од рамките од „тоа е само работа“.

Патем, почетоците во дизајнот ми се уште во средно школо, но, во текот на студиите по архитектура, сфатив дека всушност сакам да работам графички дизајн.

➡️Можете ли да ја почувствувате врската помеѓу визуелната уметност и вкусот? Кога работите на илустрациите за Слоу Фуд Македонија, дали постои „вкус“ што ве инспирира посебно силно? И, што од досегашното искуство со нас, ви беше посебен предизвик?

– Сите креативни процеси имаат нешто заедничко. Вкусот, ама и готвењето, според мене, е исто уметност. И тука имаш идеја, материјал за работа, принципи (рецепт) и на крај презентација на делото. Визуелната уметност се консумира со очи (уши) и ум. Готвењето на ова го додава и вкусот.

Уметноста го задоволува духот, а храната- телото. Секогаш ни е битно и како таа изгледа, како е сервирана, презентирана. Знаеш, ако нешто не ти изгледа убаво, не би ни сакал да го вкусиш. Има готвачи, на кои готвењето не им е „само работа“, па одат многу подалеку од секојдневните рецепти, па измислуваат свои и на крај прават „луда“ презентација, па ќе речеме дека тоа е вистинска уметност и „со очи би го изел“.

Кога работам на Слоу Фуд проектите секогаш најмногу ме инспирираат традиционалните македонски вкусови, посебно доматот и пиперката, приготвени во сите можни варијанти. Веројатно тоа доаѓа од детството кога дворот пред куќата ни наликуваше на селска бавча со најразличен зеленчук, засаден и одгледуван од татко ми, кому подоцна и јас му помагав. Нема да ги заборавам салатите што ни ги правеше тој во лето, наутро, со свежи домати и (печени) пиперки, од дворот. Ова, кога ќе го искомбиниравме со сирење и селски леб, на радоста ѝ немаше крај. Ден-денес, дома сите сме зависници од домати и пиперки.

Мислам дека досега немам направено ниту еден дизајн проект за СФМК без домат и пиперка!

Последната кампања за СФ Салонот во Скопје (декември 2025), беше посебен предизвик.

Во комуникација со тимот на СФМК, требаше да направам машка и женска силуета на глава, создадени од силуети на зеленчук и овошје, карактеристични за нашето поднебје.

Прво бев во паника како сето тоа да го изведам и на почетокот се обидов со помош на ВИ. Откако резултатите од тоа беа очајни, се зафатив со макотрпна филигранска работа. Најпрво исцртав некои 90-100 различни силуети од краставици, моркови, домати, пиперки, патлиџани, јаболка, круши, праски, зрна грав, ориз, грашок итн. па почнав да ги редам една по една така што ќе формираат силуети од машка и женска глава.

Не знам колку време потрошив, ми се чинеше дека цела вечност цртам и редам, и кога мислев дека сум готов, испадна дека морам да ги коригирам и двете силуети по не знам колку пати, зашто едноставно мора „да заспијат“ точно како што ги имам замислено. На крајот, секоја од главите содржеше по околу 145 елементи и цеелиот труд се исплатеше.

Конечно, заедно со другите исцртани силуети од животни и дрвја (за кои ми помогна син ми Антон), плус дизајнираните логоа, склопени во убави композиции, испадна досега можеби најдобрата промо кампања за некој од настаните на СФМК.

Настрана од СФМК, има ли подобра врска помеѓу визуелната уметност и вкусот, одошто кога работам на етикета за храна или пијалак?

➡️Можете ли да видите, да почуствувате како традицијата знае да „никне“ низ современ визуелен израз? Како ја балансирате храброста на модерниот дизајн со богатството на локалните традиции и култури?

– Денес, светот на дизајнот е толку многу развиен и разновиден, толку многу пати отишол напред во иднината и се вратил длабоко во минатото, што веќе буквално сè е дозволено. Одамна се веќе променети и стандардните сфаќањата за тоа како некој дизајн треба да се направи и да изгледа.

Во таа насока, не мора баш секогаш сè да биде видливо на прв поглед. На пример, денешното модерно лого за пекарница, не личи повеќе како лого за пекарница од пред 30 години. Ниту по боја, ниту по форма или типографија, ниту пак името личи како за пекарница. На крајот на краиштата, и пекарот се зафатил со печење леб оти тоа му било желба во тој момент, иако немал татко или дедо пекар.

И, ако јас сакам некако да ја вметнам традицијата во некој нов дизајн, не мора да значи дека морам да употребам, на пример, некаков модернизиран народен вез. Можеби сум се прошетал низ нашите волшебни предели во западна Македонија, Бигорски манастир, Рајчица и сум ја погледнал галеријата со икони во Перивлепта. Можеби сум го слушал Мелургија, или сум бил на изложба кај Љубица Солак. Така, вдахнат од сета таа Божја убавина и креации на нашите луѓе, следниот ден сум направил некаков човекорадосен дизајн, којшто напрво поминал кај клиентот.

➡️Морам да ве прашам иако одговорот се наслутува: што научивте од Слоу Фуд и дали ја живеете оваа филозофија? Која боја, облик или линија најдобро ја опишува идејата за „полжавчето“, симболот што го носи Слоу Фуд движењето?

– Со Слоу Фуд, само уште повеќе си го утврдив своето видување на светот дека „свој на своето“ е најдоброто можно решение, односно потпирање на своето искуство, знаење и своите средства. Или, да не чекаш некој да ти донесе готова храна од некаде (индустриски произведена од сомнителни состојки), а ти само да ја консумираш, туку ти да ги запрегнеш ракавите и сам да си ја зготвиш, зашто така ем ќе биде точно по твој вкус, ем ќе биде со намирници коишто ти си ги набавил (или уште подобро сам си ги произвел).

За среќа, љубители на готвење се и моите два сина. Се разбира, сите тројца сме далеку од готвачките способности на мојата сопруга (или мојата мајка), но, сепак, секој од нас знае од каде што да набави и како да зготви едноставно јадење.

Ова е во однос на храната. Но, јас ова одамна го применувам и во работата. Како? Многу често проектите на коишто работам, знаат да заглават во моментите кога ќе ми недостига некаков материјал (лого, фотографија, текст …), а, нивното доставување било обврска на некој трет. Во договор со клиентот, а со цел непречено одвивање на проектот, јас веднаш пристапувам, или кон наоѓање, или кон креирање на таквиот материјал. Проектот тече, клиентот среќен, јас собирам поени. Ова не е секогаш возможно, но, во условите кога е, јас не се двоумам да го сторам.

Токму црвената, бојата на животот, страста, радоста, бојата на храната, што веќе ја носи полжавчето, е таа што најдобро ја опишува мисијата на полжавчето од логото на СФ.

Секако, тука е и неправилната, органска крива линија од самиот изглед на полжавчето којашто многу придонесува за доловување на оваа идеја. Таа значи дека храната што се поизведува, е во согласност со принципите на СФ и не е индустриски произведена, односно, не е излезена од машини и не е направена од роботи, не е еднолична, како од калап, не е исечена со CNC машина или по најново – 3D отпечатена. Ако беше таква храната и логото ќе беше такво – геометриско, студено, а веројатно ќе беше и сиво-сино.

Вака, храната е вкусна, сочна, жива, направена со раце, од луѓе, што значи со неизедначен изглед, исто како и симболот на СФ.

➡️Дознавме дека гурманлак може да „помогне“, да изнедри илустрација, но, имате ли ваш дизајнерски симбол што би го поврзале со трпеливоста, природата или радоста од храната?

– Секако дека гурманлак може да изнедри нешто квалитетно, еве, нека е тоа и илустрација. Ми се чини дека не постои ум што нема да произведе лавина од идеи после една мајска посета на сончевата Тераса Утарна, на Галичица, од која пука поглед на цело Охридско езеро. Секој се опушта и почнува да филозофира за повисоки идеали после нивната каурдисана туршија, домашно сирење, леб месен од златните раце на Ирена, салата од свеж селски зеленчук, телешко од тегла, чашка жолта и 2-3 чаши Темјаника.

А, кој друг симбол би ги поврзал сите овие работи освен Сонцето? Медитеранци сме ние, топли луѓе. Се знае што нè обединува, од каде ни е топлината, радоста, сочната и вкусна храна.

➡️ Со оглед на вашата предаденост – дали некогаш сте толку длабоко во проектот, што на крајот ја „заборавате“ почетната идеја?

– Со СФМК проектите, тоа досега се нема случено, затоа што секогаш работиме во однапред одредени рамки. Во текот на проектите понекогаш се случува на моменти да излеземе од тие рамки, зашто низ работата сме дошле до подобра идеја за некој дел од тековниот проект, но, тоа сепак не ја менува почетната идеја.

Но, кога работам во Камај Медиа, или на приватните проекти, да, тоа често се случува. На пример, кога работам на лого, многупати, додека водам првични разговори со клиентот, веќе имам некоја идеја како тоа лого ќе изгледа и во тој момент ми се чини како најдобро решение. Сепак, ретко кога останувам само на тоа, па одам чекор-два понатаму и истражувам други можности, исклучувајќи се сосема од тој почетен импулс. Така, не ретко доаѓам до решенија кои на крајот ќе се покажат како најдобри и се многу далеку од иницијалната идеја.

➡️Како визуелно би го опишале вашиот идеален свет? Што е помоќно, слика или збор?

– Судејќи по ова како сум се расприкажал, очигледно е дека, и покрај тоа што се занимавам со т.н. визуелни комуникации, зборот и тоа како ми е важен. Да, луѓето најдобро комуницираат преку слика односно „една слика 1000 збора“, но, сепак е добро кога сликата е придружена од некаков краток текст претставен со внимателно одбран вид букви. Има работи коишто не можат да се доловат само со фотографија, а, има и моменти кога целиот дизајн се рашава само со текст и соодветен фонт. Основен дизајн содржи три елементи – слика (фотографија или каква било друга илустрација), малку текст и лого. Секој елемент мора совршено да се вклопува во дизајнот и едно без друго не оди. Се разбира, на прво место е квалитетната идеја, па потоа и нејзината реализација. Најдобро е ако се ангажираат посебни професионалци за секој дел – и за фотографијата, и за текстот, и за логото. Не може да имаме добар дизајн со добра фотографија и лого, а лошо смислен и неправилно напишан текст.

Што значи, не би дал предност ниту на сликата, ниту на зборот, туку нивната добра комбинација веројатно би била идеална во мојот свет.

➡️Во целосна слобода да создадете илустрација што ги поврзува луѓето, храната и природата, каква би била таа слика?

– Тоа секако би била некакаква идилична слика од пошироко семејство составено од барем три генерации, собрано околу огромна трпеза под дебела летна ореова сенка, некаде во некое планинско село (да, потеклото ми е од такво село), ама сепак покрај вода (Преспанско или Охридско езеро), каде што се прославува некој важен семеен момент или традиционален празник.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели