🐌Како да ја прошириме каузата на Слоу Фуд Македонија, особено нашата програма – Слоу Фуд фарми, ако не преку искрено вмрежување и соработка со организации посветени на младите? Токму преку вакви поврзувања се отвораат нови можности, се разменуваат идеи и се создава простор за вистински промени – предводени од младите генерации.
📌Неодамна нѐ посетија ученици и студенти од Холандија, Германија, Романија, Словачка, Грција и секако нашата земја, корисници на Еразмус програмата спроведена од НВО – Центар за меѓукултурен дијалог (ЦИД) од Куманово.
Инаку целта на Еразмус проектот на ЦИД, „Фуд Принт“, е едукација и подигање на свеста кај младите за одржливи системи на храна, намалување на отпадот од храна и личниот CO₂ отпечаток. Ова беше идеална можност тие да се запознаат со процесот на одржливо градинарство, каде една од основните придобивки е реупотребата на отпадот од суровините и збогатувањето на почвата. На овие фарми, покрај прехранбени продукти, се одгледуваат и животни – кози, кокошки и други.
➡️За да се запознаат со мотивите за основање на Слоу Фуд фарми, но и со придобивките за екосистемите, организиравме посети кај нашите членови и нивните фарми : Kozi mleko planina во Раштак и Kamnik Bio Organic во Скопје.
🐐Директно на фармите, младите гости имаа можност да се вклучат во различни активности.
Посебен впечаток остави посетата кај Давид во Раштак – опкружени со кози, кокошки што се напасуваат низ незагадени ливади и новите јариња, младите имаа можност да пробаат топол, домашен леб, сирења и мед, но и да видат како се молзе млеко, да слушнат за процесот на производство на сирење и како може целосно да се искористат продуктите и отпадот создаден од нив.
🐓На био-фармата (Камник Био Органик), сопственикот Иво ги прошета низ лозјата, насадите со бадеми, круши, сливи, дуњи, кајсии и капини, како и низ делот каде живеат кокошките и посевите на кои се одгледуваат р’ж, јачмен, спелта, наут, овес, хељда и сточен грашок.
🥘На оваа Слоу Фуд фарма, гостите во ресторанот имаат можност да уживаат во мени подготвено од храна што доаѓа директно од фармата – извонреден пример за принципот „од нива до трпеза“.
💚Учесниците не можеа да го сокријат своето воодушевување, но и љубопитноста за функционирањето на еко фармите – од причините за различната боја на јајцата во споредба со оние од маркетите, до превкусната храна која е далеку од брзата храна. Некои од нив, кои потекнуваат од фарми, се вратија со нови идеи, додека оние од градовите почнаа гласно да размислуваат за промена на начинот на исхрана. Кој знае – можеби успеавме да инспирираме дел од нив да инвестираат во сопствени Слоу Фуд фарми во своите земји.
📍Програмата „Слоу Фуд Фарми“, Слоу Фуд Македонија ја развива во рамки на проектот „Од почва до општество: Агроекологија за сите“ финансиски поддржан од We Effect и Шведска.
Освен оваа компонента, поддршката се однесува и на подигање на свеста кај младите и поттикнување на нивно активно вклучување во активностите на Slow Food Macedonia.







