📢🕵️Дали навистина сме подготвени да го изгасиме едно од најстарите и највредни огништа на знаење во Пелагонија? Прашањето за неизвршување на упис во новата учебна година во Средното општинско земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола не е само административна одлука – тоа е одлука што длабоко засега во иднината на регионот, земјоделството и младите генерации.
„Кога едно традиционално знаење ќе се изгуби, речиси е невозможно да се врати назад.“ – вели Карло Петрини, основачот на Slow Food.
🏨Пелагонија освен што е географски поим, е и срцето на македонското земјоделство – плодна рамнина што со векови храни, создава и опстојува. СОЗУ „Кузман Шапкарев“ пак е жива традиција: основано во 1908 година, преживеало војни, прекини и историски турбуленции, за да денес стои исправено како сведок на истрајноста на знаењето. Во вакви околности, наместо да се зајакнуваат темелите на стручното земјоделско образование, се отвора прашањето за негово згаснување.
👩🍳Со децении ги потценувавме земјоделските и угостителските училишта, третирајќи ги како „последна опција“ за образование. Денес, цената ја плаќаме сите, преку чинијата и здравјето. Нашите угостителски објекти нудат речиси еднолични менија кои се сведуваат на индустриски процесирана храна, која дополнително се пржи во фритези. Зошто? Затоа што за вистинско готвење е потребно познавање на суровината, а за креирање мени – визија. Кога ја убиваме стручноста и интересот за образование, добиваме „готвачи“ кои знаат само да отворат кеса со замрзнати полупроизводи.
🧑🌾Од другата страна имаме генерации земјоделци кои го поседуваат емпириското знаење, кои знаат како да ја почувствуваат почвата под прстите и кога да сеат, но проблемот настанува кога истото тоа искуствено знаење ќе се соочи со модерните пазарни правила. Без стручни училишта и курсеви, земјоделецот останува заглавен во конвенционални методи кои повеќе го трошат неговиот грб, отколку што му го полнат џебот. Модерното земјоделие е прецизна наука: анализата на почвата наместо работа „од око“ е еден пример дека границата меѓу профитот и банкротот е мала.
👉Мораме да го вратиме достоинството на овие професии. Земјоделските струки денес ни се потребни повеќе од кога било. Дури и кога продуцираат мал број кадри, тие луѓе се чуварите на нашето преживување, а бројките не смеат да ја засенат суштината. Секој ученик што ќе се запише не е „само број“ – тој е носител на иден потенцијал кој треба да се надградува. Без овие млади луѓе, земјоделството ќе остане без својата иднина.
📨Тука е и нешто што не може да се измери со статистика – духот на самото место. Реновираната училишна зграда денес стои како тивок, но моќен симбол на надежта, подготвена да ги пречека новите генерации. Нејзиното евентуално затворање не е само „клуч на врата“ – тоа е погубна порака дека земјоделието за нас е небитно. Во време кога светот се соочува со енергетски и прехранбени кризи, слабиот интерес и малиот број ученици не смеат да бидат изговор за капитулација. Напротив, тие се аларм дека мора да се направи сè, освен затворање.
📝Наместо да го гасиме училиштето, треба да го редизајнираме интересот кон него. Нашиот неодамнешен обид во креирање и поднесување предлог проект во кој идејата беше едноставна, а моќна: учениците од ова СОЗУ да се докажат пред своите врсници како стручњаци преку подигање урбани градини, да се „фалат“ со зеленилото што самите го одржуваат и преку посети на фарми за одржливо земјоделство да се почувствуваат како дел од глобална иновација, не не остава рамнодушни во случајов. Тоа беше шанса теоријата да стане жива пракса, а земјоделието на 21-виот век да се види како престиж, а не како мака. За жал, оваа визија не наиде на разбирање кај донаторите, кои не ја препознаа суштинската врска меѓу образованието и локалната самоодржливост.
👀Ова училиште денес има: инфраструктура, опрема, кадар, терен за практика и тековни проекти. Да го затвориме денес значи да признаеме дека сме се откажале од сопствената самоодржливост, токму кога таа ни е најпотребна за опстанок. Да се прекине уписот сега е како да засадите дрво и да го пресечете точно пред да даде плод. Да се прекине уписот сега, е исто што и да се постави во реално време сценографијата за „Последните селани“ (од книгата на Петре М. Андреевски (објавена во 1987 година) на една од најсилните сцени во романот кога селаните го чекаат комбето да им донесе леб. Тоа е врвен ироничен и тажен приказ: селанецот, кој со векови го хранел светот, сега чека леб од градот. Ова го симболизира целосното губење на самоодржливоста и достоинството на македонското земјоделство.
🎯Дали ќе бидеме првите „последни селани“ во денешното глобално село?


