🌊Синоќа, во преубавиот амбиент на KANEO – Letna Bavcha & Restaurant, шеф Филип Ондрушек го претстави своето мени – македонски препознатливи гастрономски адути во стилот на Мишелин.
Под светлата на Канео, со поглед кон езерото и мирисите на летната охридска вечер, гостите го почуствуваа вистинско гастрономско патување низ Македонија.
Вечерата беше внимателно креирана од Ондрушек, кој инспирацијата ја пронајде во нашите производи, локалниот зеленчук и овошје, сирењата, медот, дивите тревки, билките, пастрмката.., традиционалните вкусови што ги открива за време на својот престој во “убавата наша”.
🧑🍳Со современ пристап, префинета техника и огромна почит кон локалната традиција, тој создаде дегустациско мени кое низ пет следови ја раскажа приказната за македонската гастрономија – автентична, богата, топла и длабоко поврзана со природата и поднебјето.
🍽Fine dining менито започна со јајце, пченкарен леб и ајвар – едноставни, а моќни вкусови кои веднаш разбудија емоции и спомени. Следуваше- патлиџан со сирење и совршено вклопени зачини, јадење кое на модерен начин ја долови душата на нашата трпеза.
Потоа пристигна рибата, деликатно комбинирана со ферментирано млеко, диви тревки, и внимателно избрани зачини – вистински омаж на Охрид и неговото природно богатство.
Следниот чекор беше јагнешкото со компир и кајмак – длабоки, топли и раскошни вкусови преточени во современа гастрономска елеганција.
🍓Вечерата триумфираше со десерт од јаготки, кашкавал и афион – смело, неочекувано и совршено избалансирано финале, вистински арт на чинија.
🥗🍷Богатството на вкусови, бои, текстури и ароми беше доведено до совршенство, а секој след внимателно комбиниран со одбрани македонски вина, кои дополнително го нагласија локалниот карактер и автентичноста на вечерта.
👏Наше, а светско. По вечерата, Филип Ондрушек беше поздравен со долг аплауз од гостите, кои уживаа во неговата Мишелин интерпретација на македонската кујна.
Шеф Филип Ондрушек го продолжува своето гастрономско патешествие.
💪Организатори- Slow Food Macedonia, Slow Food Ohrid, Slow Food Bitola, Slow Food Алијанса на готвачи
Поддржувачи: Општина Охрид, Food Republic.mk








