🐌🇲🇰Со искрена тага, но и огромна благодарност, членовите и лидерите на Слоу Фуд мрежата во Македонија се простуваат од Карло Петрини – основачот на глобалното движење Slow Food, визионерот кој со децении се бореше за добра, чиста и правична храна, за зачувување на традицијата, локалните производители и биодиверзитетот. Неговото заминување остави голема празнина, но и силен аманет што слоуфудашите ширум светот ќе продолжат да го живеат.
🔺️Анѓела Крстаноска Паскуале, лидер на Slow Food Ohrid, потсети дека Петрини не бил само лидер, туку и филозоф и револуционер кој го променил начинот на кој светот гледа на храната и традицијата. Таа нагласува дека неговата визија денес живее преку секој локален производител и секоја иницијатива за одржлива гастрономија.
„Храната е право, а не стока. Таа е задоволство, култура и врска со земјата“, потсети Анѓела на една од најпознатите мисли на Петрини.
🔺️Тодорка Наумоска Димески лидер на Slow Food Prilep истакнува дека Петрини оставил вредности кои ја надминуваат самата храна – почит кон земјата, производителот и традицијата. Тој ги научил луѓето дека вкусот е идентитет и начин на живеење.
„Тој нè потсети дека вкусот не е само задоволство, туку и сеќавање, идентитет, а пред сè — начин на живеење“, порачува Тодорка.
🔺️Василка Стефановска, член на Националниот одбор на Слоу Фуд Македонија, пишува за Петрини како за човек кој целиот свој живот го посветил на правдата за храната и обединувањето на луѓето околу заедничка мисија. Таа се потсети и на неговата блискост со производителите и почитта што ја имал кон македонските иселеници во Пијамонте.
„Човек кој имаше време за секого, со секој производител на Тера Мадре да направи муабет за проблемите и успесите“, заклучува Стефановска.
🔺️Александра Картелова, лидер на Слоу Фуд Богданци се присети на личната средба со Петрини на Terra Madre 2016 во Торино, каде, како што пишува, била инспирирана од неговата добрина и способност да ги поврзува луѓето преку храната.
„Тој беше човек кој знаеше да слуша, да охрабри и да спои луѓе со искрена љубов и почит“, се сеќава Картелова.
🔺️Игор Поповски лидер на Slow Food Bitola го опиша Петрини како револуционер и борец против доминацијата на брзата храна, човек кој успеал на милиони луѓе да им ја врати вербата во традиционалната и здрава храна. Тој се присети на нивната средба на Тера Мадре во Тирана и на неговата непосредност со малите производители.
„Неговиот пат сега е наш пат, на сите слоуфудаши во светот“, порачува Поповски.
🔺️Давид Неделковски (Кози Млеко Планина/ Slow Food фарми) член на Slow Food Vodno се присети на средбата со Карло Петрини на фестивалот на сирење во Бра, 2019 година, каде, како што вели, првпат целосно ја согледал големината на мисијата што ја имаат малите производители и фармери.
„Потребно е само овие мали херои да станат видливи, луѓето да имаат избор“, потсетува Давид на зборовите на Петрини.
🔺️”Карло Петрини не научи дека храната има душа а вкусот – корен. Во време на брзање и заборавање тој потсетуваше дека најважните работи растат бавно, особено храната и човечноста…Неговата мисија продолжува во секоја мала фарма, секое семејно сирење и секој човек што ја сака земјата од која живее- вели Вања Тодоровска, кординатор за комуникации во Слоу Фуд Македонија.
🔺️Лидер на Slow Food Osogovo, Дејан Ѓоргиев истакнува дека големите луѓе не умираат духовно и дека делото на Петрини ќе остане втемелено во историјата.
„Патувај голем човеку, а ние ќе ги продолжиме твоите дела уште посилно“, напиша Ѓоргиев.
🔺️На крај, претседателот на НО на Slow Food Macedonia, Николче Николовски, со кратка, но силна порака се прости од човекот кој остави неизбришлива трага во светското движење за храна и култура.
„Збогум Карлин! Остануваш да бидеш наша вечна инспирација преку твоите дела.“






