🧑🍳Светски познатиот готвач Филип Ондрушек, како гостин на Slow Food Macedonia ја продолжи својата мисија во Битола, Преспа и Мариово, откривајќи ги локалните вкусови, традиции и раскошна палета на домашни производи.
🐌Едноставен, љубезен ама неуморен кога е во прашање неговата работа, Филип со голема љубопитност и посветеност ја следеше агендата подготвена од Слоу Фуд Македонија.
Првата станица: Преспа, и можност да се запознае со традиционалното ѓомлезе, што посветено, прецизно и со многу искуство го правеше Маре, од Рурални Жени од Преспа.
А Ондрушек, не само што внимателно го следеше процесот, туку и самиот учествуваше во подготовката, покажувајќи умешност и при сечењето на овој стар преспански специјалитет..
🍇Следната станица беше Винарија Алесто во селото Арвати. Топло пречекан од Александар и неговото семејство, Филип уживаше во вината, го коментираше вкусот а особено го воодушевија спарувањата со маџунот од јаболко и домашниот ајвар.
🗣„Концептот на Slow Wine, вткаен во оваа убава винарија, ми долови чувство на квалитет и уникатност“ – сподели Филип.
🍎 Патувањето и истражувањето понатаму продолжи кај Ана и Виолета во Spirit of Prespa, во Царев Двор. Таму го вкуси ѓомлезето и беше искрено воодушевен од неговиот богат и домашен вкус. Макало од суви пиперки, домашното сирење, ликерите од дуња и вишна, и се разбира, во царството на јаболката : колач со јаболка. Сето тоа уште еднаш го инспирира да ни каже дека нашата мала ама плодна земја поседува огромен гастрономски потенцијал. Ама и дека луѓето се топли, гостопримливи и секаде го дочекуваат со раширени раце.
🌶 Набрзо потоа, патувачката “експедиција” на Слоу Фуд, го прошета гостинот до Буково, село препознатливо по прочуената буковска пипер- Президиум Буково / Bukovo Presidium.
Кај семејството Мандаровски, каде Даниела со многу љубов ја подготвува буковската пипер, Филип откри сосема нов свет на вкусови. Сувите пиперки, тавче гравче, макалата и салатите беа вистинско откритие за него, а „љубов на прв залак“ доживеа со свири пиле – специјалитет што се обиде и самиот да го подготви.
🗣”Имате најдобар домат, ама пиперките во Македонија се заштитен знак – никаде не се толку вкусни“- со воодушевување резимираше Филип.
🏡Денот заврши во Вила Дихово – Villa Dihovo каде домаќинот Пеце Цветковски го запозна Филип со убавините на селото, локалната гастрономија и силниот идентитет што го носи овој крај.
🍲Вториот ден во Пелагонија беше предвиден за Битола и Мариово.
Во Food Republic.mk , ресторан кој работи со локални производи и негува автентичен македонски гастрономски пристап, Филип се запозна со Президиумите и Арката на вкусови на Slow Food Macedonia. Преку дегустација на традиционални производи и разговори за локалните рецепти и техники на подготовка, му беше доближена филозофијата на СФМК.
Со особено внимание го следеше објаснувањето за слаткото од дива смоква, начинот на варењето, ја дегустираше кцаната сол и се запозна со концептот на Slow Food фармите.
За време на посетата се сретна со младите готвачи од мрежата на Slow Food Macedonia, со кои разговараше за современата гастрономија и македонска кујна.
🚗 Повторно во автомобил и патувањето продолжува низ Мариово, регион познат по својата недопрена природа, автентична архитектура и богата гастрономска традиција.
Ги овековечивме убавите моменти со фотографии и тргнавме кон селото Зовиќ, во прочуениот Етно Ресторан и Апартмани с.Зовиќ/Etno Restoran i Apartmani s.Zovik.
Филип го гледаше процесот на производство на сирење, ја проба јагнешката чорба и тазе јагнешко месо. Всушност, овие два дена Ондрушек собираше идеи за завршната вечер, каде брилјираше во fine dining со нашите автентични производи, што го комбинираше на свој начин.
А на трпезата во Етно куќа богато, шарено, домаќински: пинџур, комат, питулици подготвени под вршник, салати, домашен леб…. Муабетот со домаќините, вкусовите на Мариово оставија силен впечаток кај него, бидејќи токму во малите места се чуваат најавтентичните гастрономски приказни.
🇲🇰 Патувањето низ Македонија и за Филип Ондрушек и за нас од Слоу Фуд Македонија беше драгоцено. За него поради откривањето на нови гастрономски хоризонти, а за нас поради сознанието дека македонската автентична храна, рецепти извадени од тефтерите на нашите баби значат вкус, наследство, идентитет, приказна и богатство што заслужува да биде препознаено и почитувано и надвор од границите на “убавата наша”.
Организатори: Slow Food Macedonia, Slow Food Bitola, Slow Food Ohrid, Slow Food Алијанса на готвачи.
Поддржувачи: Општина Охрид, Food Republic.mk.




















