НА РУЧЕК ВО ВИЛА РАДОЖДА: ТРЕСЕНА ПАСТРМКА, ЈАДЕЊЕ ЗА МИШЕЛИН ЅВЕЗДА

🐌 Препознаена од Slow Food Macedonia, како чувар на автентичните вкусови и локалната гастрономска традиција, Vila Radozda со гордост е дел на семејството на Slow Food гостилници и своето заслужено место го има во истоимениот водич. Тоа е потврда за квалитетот на храната, за посветеноста кон локалните производи, старите рецепти и вроденото гостопримство.

🌊На самиот брег на Охридското Езеро, во живописната Радожда, каде зајдисонцата ја бојат водата во иљада златни нијанси, се наоѓа Вила Радожда. Сместена во југозападниот дел на Општина Струга, оваа гостилница одамна има свој имиџ, кој се одразува преку домаќинска атмосфера и јадења кои раскажуваат приказни преку своите вкусови.

🍞Добредојде во оваа гостилница започнува со домашно макало и топол леб со крцкава коричка- искрен поздрав од домаќините кои сакаат секој гостин да си замине со убав спомен. На менито се редат : белвици, јагула на струшки начин, крап на кромид со тајните мирудии на куќата…, сезонски салати , домашни десерти, меѓу кои раванијата и колачињата на Ирена со многу ореви.

Но, ако постои јадење кое е вистинскиот заштитен знак на Вила Радожда, тогаш тоа е тресената пастрмка – правена по рецептот на Анѓелко Шопоски.

⭐️ Неодамна, кога познатиот готвач Filip Ondrušek ја посети Вила Радожда, за ова јадење рече дека заслужува една Мишелин ѕвезда, признание кое најдобро зборува за неговата вредност и уникатност.

🐟Тресената пастрмка е олицетворение на езерската кујна – името го добила од самиот начин на подготовка: внимателно испечената пастрмка се чисти од коските, а нејзиното меко месо се „тресе“ и се соединува со одбрани состојки кои му даваат посебна длабочина на вкусот.

📝Рецептот оди вака:

Пастрмката се пече затворена на тивок оган додека целосно не омекне.

Во меѓувреме, ситно сечкан кромид и лук се пропржуваат до златна боја, а сувите црвени пиперки полека се печат за да ја ослободат својата арома. Потоа се соединуваат со рибино месо, создавајќи совршена хармонија од вкусови што го носат духот на езерото во секое залче.

🍋 Завршниот чекор е вистинска магија: одозгора се додава рибја икра, внимателно обарена и зачинета со свеж сок од лимон, маслиново масло и магдонос. Сервирана млака, со парче домашен леб и чаша добро вино, тресената пастрмка станува вистинско доживување пред кое и најголемите готвачи остануваат без зборови.

Патем, овој специјалитет го заокружува доживувањето што Вила Радожда со години го претвора во препознатлив гастрономски белег на овој крај.

СЛОУ ФУД САЛОН: ВКУСОВИ ШТО ГИ НАСЛЕДИВМЕ, ПРИКАЗНИ ШТО ГИ ЧУВАМЕ

Македонија е земја на мераци, софри, гурманлуци и ќефови....

SLOW FOOD САЛОН 2026: ХРАНА ЗА СИТЕ!

📅 28 ноември, Хотел Континентал ✅️ Начинот на кој...

Сподели