Интервју со Јасна Ѓоргиевска, уредничка на „Полжавче“ и училишен психолог
📝Во време кога детството се почесто се одвива во забрзан ритам и во дигитална средина, „Полжавче“ нуди поинаква перспектива – враќање кон природата, заедништвото и вредностите што се градат низ лично искуство. Новото, шестото издание на списанието на Slow Food Macedonia преку автентични приказни и едукативни содржини ги поттикнува децата да го запознаат светот околу себе со љубопитност, грижа и почит.
За идејата на најновото Полжавче, улогата на Slow Food Училишни Градини и значењето на едукацијата за одржлива иднина, разговараме со неговата уредничка, Јасна Ѓоргиевска, училишен психолог.
➡️ Кој е лајтмотивот на најновото издание на „Полжавче“ и како тој се поврзува со филозофијата на Слоу Фуд?
🗣 Во овој број на „Полжавче“ сакавме да покажеме дека Слоу Фуд херои не се недостижни луѓе – тоа се нашите соседи, наставници, родители, баби, млади фармери… луѓе кои со љубов ја чуваат природата, традицијата и вистинските вредности. Сакавме децата да почувствуваат дека и тие можат да бидат мали херои во светот околу себе….
➡️ Како изгледаше процесот на креирањето содржини за деца – што ви беше најважно да им пренесете?
🗣 Сакавме децата да ги запознаеме со луѓето зад приказните – Васе, која со огромна љубов ги создава училишните градини, Давид како млад и посветен фармер, Маре која внимателно ја користи секоја состојка во кујната… Секој од нив носи една топлина и искреност што денес им е многу потребна на децата. Најважно ни беше да им покажеме дека вистинските суперхерои постојат и дека живеат сосема едноставен, но вреден живот.
➡️ Дали „Полжавче“ е замислено само како детско списание или и како платформа што ги вклучува родителите и наставниците во процесот на учење и градење вредности?
🗣 Да, затоа што веруваме дека децата најдобро учат кога и возрасните околу нив ги негуваат истите вредности. „Полжавче“ не е само списание за читање, туку ресурс што може да ги инспирира и наставниците и родителите да создадат поголема блискост со природата, храната и заедницата.
➡️ Каква е улогата на Слоу Фуд градините во вашата работа и дали тие искуства се пренесуваат во содржините на „Полжавче“?
🗣 Слоу Фуд градините се срцето на нашата работа. Таму децата учат трпение, грижа, одговорност и љубов кон природата. Токму затоа тие искуства постојано ги пренесуваме и во „Полжавче“, затоа што градините се жив доказ дека најубавите лекции не се учат само од книга, туку и со раце во земја и срце полно љубов.
➡️ Како и колку вашата професија – училишен психолог влијае врз изборот на содржини и начинот на кој им се обраќате на децата?
🗣 Многу. Јас секогаш гледам колку природата, градините и ваквиот начин на учење влијаат врз детската среќа, смиреност и самодоверба. Денес децата имаат потреба од повеќе мир, допир со природата и вистински искуства, а токму тоа се обидуваме да им го дадеме преку „Полжавче“.
➡️ На кој начин списанието поттикнува здрав однос кон храната и развој на свесни навики кај најмладите?
🗣 Сакаме децата да ја доживеат храната како љубов, грижа и поврзаност, а не само како потреба. Во списанието споделуваме совети и рецепти од нашиот нутриционист Тодорка, а во овој број и прекрасен текст од педијатрискиот нутриционист Елена. Сакаме децата да почувствуваат дека здравата храна не е обврска, туку радост, вкус и грижа за себе.
➡️ Што би сакале децата да почувствуваат или научат откако ќе го прочитаат „Полжавче“?
🗣 Би сакала да почувствуваат топлина, радост и блискост со природата. Да разберат дека за среќа не се потребни многу работи – понекогаш доволни се градина, сонце, заедничка трпеза и љубов кон светот околу нас. И најважно, да научат дека природата секогаш ни возвраќа кога се однесуваме кон неа со грижа и почит.
➡️ За крај- што претставува „Едукација за одржлива иднина“ и зошто е важна?
🗣 „Едукација за одржлива иднина“ е нешто што се роди од нашето долгогодишно искуство, љубов и верба дека децата заслужуваат поинакво образование – образование што ќе ги поврзе со природата, со храната и со вистинскиот живот. Тоа е можност децата не само да учат, туку и да почувствуваат дека се дел од светот што треба да го чуваат и сакаат.




