📅 Викендот зад нас, поточно во саботата (27 јуни), Пробиштип и неговата околина станаа сцена на една убава приказна за земјата, храната и луѓето. Во сенката на овошките, меѓу градините и руралните домаќинства, се сретнаа оние што веруваат дека иднината на храната никнува токму таму каде што природата, традицијата и човекот се надополнуваат.
🐌 Под мотото „Визијата за идните Слоу Фуд фарми во Македонија“, Slow Food Osogovo, со поддршка на Slow Food Macedonia, организираше еднодневна работна средба со посета на градина, овоштарник и рурално домаќинство, што беше причина и ние слоуфудашите да се видиме.
Веднаш сите на куп: земјоделци, производители на храна, љубители на одржливото земјоделство…, ги споделија своите искуства, размислувања и надежи за руралните заедници, потсетувајќи дека добрата, чиста и правична храна започнува од одговорниот однос кон земјата.
🔆 Иако денот беше еден од најжешките ова лето, сонцето не успеа да ја надвладее свежината што ја носеа разговорите, гостопримството и прекрасните пејзажи. Напротив, уште еднаш се покажа дека малите земјоделски стопанства не се само места каде што растат плодови, туку се простори во кои се чува “она нашето”, се негуваат локалните знаења и се гордее со богатиот биодиверзитет.
🐖 Приказната за мрежата на Slow Food фарми започна со првата Слоу Фуд фарма во Македонија – „Тет а тет со природата“ на семејството Колев од Кавадарци. Пред речиси една година таа стана првиот ексцелератор на СФ фарми и, како вистински пионер на иницијативата на Слоу Фуд Македонија, ги постави темелите на една визија што денес инспирира се повеќе луѓе. Со љубов кон земјата, одговорно производство и длабока почит кон природата, оваа фарма покажа дека најсилните промени започнуваат од малите чекори.
🍑 Првата теренска посета не одведе во овоштарникот и еко-градината на Мијалче Манев во селото Долни Стубол. Од 2017 година, на нетретирано органско земјиште, тој со трпение и посветеност одгледува кајсии, смокви, лешници и аронија.
Глетка родена за сликање: во плодниот овоштарник, гранките се виткаа под тежината на зрелите, сочни и миризливи плодови, сведочејќи за бериќетот, плодноста и дарежливоста на природата.
Тука, меѓу мирисот на зрелите плодови се разговараше за предизвиците со кои се соочува современото мало земјоделство, за производствени практики што го почитуваат природниот екосистем и за радоста што ја носи вкусот на кајсијата набрана директно од гранка.
🌾 Патувањето продолжи во пермакултурната градина на Страшко Милошевски во селото Лезово. Во дворот на старата семејна куќа, каде секој агол раскажува приказна, во 10 леи растат домати, пиперки, пченка и други култури. Со домаќинот е секогаш интересно а сега разговорите природно се насочија кон принципите на пермакултурата – начин на живеење што ги следи законите на природата и создава одржливи системи способни да обезбедат здрава храна и за идните генерации.
Скинавме од пресниот зеленчук и љубопитно продолживме понатаму.
🏡 Последната станица беше руралното домаќинство на фамилијата Моневи во Пишица. Во зеленилото на дворот, се беше наредено, како подмачкано, полно, а и гостите и домаќините подготвени да слушнат и да раскажат.
Патем, примерот на Моневи покажува дека домашните стопанства можат успешно да ги негуваат автентичните вкусови, органското одгледување на лозови насади и локалното наследство, притоа создавајќи нови можности за развојот на заедницата.
↗️ Во продолжение следуваше дискусија на тема „Утврдување на потребите и потенцијалите на идните Слоу Фуд фарми во Македонија“. Преку искрена размена на искуства беа разгледани можностите за проширување на мрежата, а членовите на Слоу Фуд Осогово споделија свои искуства: дека функционираат како неформална коператива – заедница во која знаењето, довербата и меѓусебната поддршка се темел врз кој се гради секоја нова идеја.
🍅 Денот го завршивме онака како што најдобро знае Слоу Фуд – околу заедничка трпеза, со автентични домашни јадења.
Се беше зготвено мераклиски и со многу љубов: се ладевме со сок од бозел а се гостевме со превкусен зелник, сармички, мантии, тавче гравче, погача, домашно сушено месо, најубави печени пиперки …и што се не.
Во тие моменти уште еднаш се потврди дека храната е мостот што ги поврзува луѓето, природата и традицијата – се раѓаат пријателства и се нижат спомени.
Овој прекрасен слоуфудашки ден долго ќе го паметиме.
💪 Оваа активност е финансиски поддржана од We Effect и Шведска.









